Оливер Дерковски за Прес24: Избирачкиот список не е спорен


Претседателот на Државната Изборна Комисија, Оливер Деркоски не открива какво решение ќе издаде ДИК на новоизбраниот претседател, дали тоа ќе биде за избор на Претседател на Република Северна Македонија или пак за избор на Претседател на Република Македонија, како што гласи решението за распишување на изборите.

Деркоски во интервју за Прес24, само кратко одговора дека  Државната изборна комисија ќе постапува согласно Уставот и позитивните законски прописи, но не прецизира што тоа значи.

 Што се однесува пак до гласачкото ливче, вели тоа ќе биде како и за сите претходни избори.

-Гласачкото ливче нити претходно нити пак сега ќе има наслов, на него секогаш стојат кандидат под реден број и знамето на државата, вели Деркоски за Прес 24.

Деркоски не сака да лицитира со можноста за успешност или не на изборите од аспект на уставниот цензус од 40%, но во интервјуто вели дека ако и во првиот круг ја нема потребната излезеност тогаш изборите ќе пропаднат.

– Во таква ситуација се распишуваат нови избори кои ќе треба да се одржат за 40 дена, вели Деркоски во интервјуто.

Првиот човек на ДИК, вели дека е свесен за одговорноста што јавноста ја очекува од ДИК за овие избори, особено по серијата пропусти што се случија на Референдумот, но тврди дека ќе одолеат на какви било притисоци. Вели дека со избирачкиот список нема никакви проблеми.

-За мене сум сигурен и се надевам дека и другите членови на Државната изборна комисија се свесни за предизвикот и за нивната одговорност, односно нема да дозволат никакви влијанија во носењето на нивните одлуки, вели Оливер Деркоски во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Привршуваат подготвителните рокови за поднесување на кандидатурите за претседателските избори, според најавите на овие избори најверојатно нема да има повеќе од четири кандидати. За овој состав на ДИК ова ќе бидат први избори после Референдумот. Колку ДИК е подготвена да одговори на овој предизвик?

ДЕРКОСКИ: ДИК ги направи сите неопходни подготовки за престојните претседателски избори и е спремна да ги организира и спроведе.

ПРЕС24: Уште не почната кампањата во јавноста, особено на социјалните мрежи се шират сериозни обвинувања и предупредувања за можни нерегуларности на изборите, особено по оние случувања од Референдумот кога во одредени избирачки места во последните часови од гласањето имаше маратонски гласања мерени во секунди. Сакам да Ве прашам, дали Вие како Претседател, но и членовите сет свесни за одговорноста која стои пред Вас во тој поглед.

ДЕРКОСКИ:  ДИК работи транспарентно почитувајќи го Уставот и законите. Сите сме свесни за нашата одговорност и важност на овие избори.

ПРЕС24: Мислите ли дека овој состав на ДИК има кредибилитет да издржи на притисоците, кои веројатно ќе ги има и од јавноста, но и од политичките партии?

ДЕРКОСКИ:  За мене сум сигурен и се надевам дека и другите членови на Државната изборна комисија се свесни за предизвикот и за нивната одговорност, односно нема да дозволат никакви влијанија во носењето на нивните одлуки.

ПРЕС24: Според најавите на политичките партии пред изборот на овој состав на ДИК, тој требаше да биде еден преоден состав кон трајното решение кои се најавуваше како консензус на политичките партии. Имаше и најави дека ќе се менува и начинот на изборот на општинските комисии. Како сега ќе функционира ДИК на овие избори. Кој ќе биде дел од избирачките одбори?

ДЕРКОСКИ:  Во однос на првиот дел од прашањето, одговорот ќе го барате во Собранието, а во однос на вториот дел можам да ви кажам дека Државната изборна комисија функционира и работи согласно постоечкиот Изборен законик.

ПРЕС24: Има ли најави со колкав број ќе бидат набљудувани овие избори од странски набљудувачи?

ДЕРКОСКИ:  Во тек е пријавувањето и се надеваме дека ќе има поголем број на барања за акредитација.

ПРЕС24: На последниот Референдум повторно имаше проблеми со Избирачкиот Список, во него ги немаше и некои од јавните личности во државата. Каква е сега состојбата? И колкава бројка ќе бидат како запишани гласачи?

ДЕРКОСКИ:  На последниот Референдум, немаше проблеми со Избирачкиот список. Граѓаните кои не извршиле Јавен увид и навреме не си ги провериле личните документи не беа на Избирачкиот список, без разлика дали се или биле јавни личности, пред законот сите се исти.

ПРЕС24:  На последниот Референдум ДИК работеше по друг принцип кога стануваше збор за пресекот на излезноста. Дали тој принцип ќе биде и за овие избори, односно дали во текот на денот ќе има зголемен број на пресеци за информации за излезноста?

ДЕРКОСКИ:  Да и тоа во: 10:00, 13:00, 15:00; 17:00 и 18:30 часот.

ПРЕС24: Колкави се шансите овие избори да бидат неуспешни во поглед на излезноста?

ДЕРКОСКИ:  Државната изборна комисија не може да одговори на ова прашање, тоа зависи од сите политички конкуренти на овие избори.

ПРЕС24: Излезноста е критериум за избор на Претседател во вториот круг, но хипотетички ако во првиот круг излезеноста е под уставните 40%, дали тоа може да го стави под знак прашални легитимитетот на целиот изборен процес и што во една таква ситуација?

ДЕРКОСКИ:  Во таква ситуација се распишуваат нови избори кои ќе треба да се одржат за 40 дена.

ПРЕС24: Суштински на овие избори граѓаните ќе бираат Претседател на Република Северна Македонија, но формално правно Собранието распиша избори за Претседател на Република Македонија. Во јавноста многу се шпекулира ДИК какво решение ќе издаде за избор на Претседател на РСМ или за избор на Претседател на РМ?

ДЕРКОСКИ:  Државната изборна комисија ќе постапува согласно Уставот и позитивните законски прописи.

ПРЕС24: Дали изгледот на гласачките ливчиња е дефиниран во поглед на тоа. Како ќе гласи насловот на тоа ливче?

ДЕРКОСКИ:  Гласачкото ливче нити претходно нити пак сега ќе има наслов, на него секогаш стојат кандидат под реден број и знамето на државата.


КОРЕКЦИЈА

По објавата на интервјуто со Претседателот на Државната изборна комисија, пристигна барање за корекција кое го објавуваме во целост

„Во врска со пишаното интервју со претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски објавено на 13 март 2019 година во 11:29 часот на www.press24.mk, а насловено како: „Оливер Дерковски: Ако и во првиот круг нема 40% излезеност, тогаш ќе има нови избори“ ве известуваме за следново:

    На поставеното прашање од новинарот: „Излезноста е критериум за избор на Претседател во вториот круг, но хипотетички ако во првиот круг излезеноста е под уставните 40%, дали тоа може да го стави под знак прашални легитимитетот на целиот изборен процес и што во една таква ситуација?“, одговорот на претседателот Деркоски кој гласи: „Во таква ситуација се распишуваат нови избори кои ќе треба да се одржат за 40 дена“ се однесува на вториот круг на гласање на Претседателските избори.

    Имено, согласно Изборниот законик, во вториот круг на гласање за претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40% од избирачите. А доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

    Ве молиме за објавување на исправка во интервјуто, како би избегнале креирање на забуни во јавноста.

    Воедно, се извинуваме за ненамерната грешка.“ – стои во соопштението испратено од Државната изборна комисија

Редакцијата на Press24 интервјуата ги објавува интегрално без никакви интервенции во текстот. За исправноста на информациите кои ги содржи интервјуто одговараат интервјуираните. 
Редакцијата на Press24 го прифаќа извинувањето и ги информира своите читатели дека на барање на Државната изборна комисија направена е корекција на насловот на интервјуто.


Превземено во целост од Прес24

Повеќе