Димитров: И покрај промената на името тешко ќе станеме членка на ЕУ

Во обраќање пред Атланскиот совет на САД во Вашингтон, министерот за надворешни работи Никола Димитров призна дека и покрај менувањето на името, ќе биде тешко за Македонија да стане членка на Европската Унија.

-Пропуштивме неколку возови за Европа. И додека бевме во чекалната, регионот и ЕУ се сменија, а се смени и начинот на кој се примаат нови членки. Веќе нема волја за проширување. Поминаа деновите на обединување на Европа-изјави Димитров.

Министерот им укажал на соговорниците во Вашингтон дека Европската Унија сега оправдано има нови, многу построги критериуми за членство и веќе не прифаќа блеферски држави кои се преправаат дека спроведуваат реформи. Атланскиот совет е институција која го промовира проширувањето на НАТО и имањето активна и силна американска надворешна политика, при што Димитров оценил дека приемот на „Северна Македонија“ во НАТО е извесен, но приемот во ЕУ е под знак на прашалник и покрај менувањето на името. Според него, македонското отворање на преговори со ЕУ ќе значи засилена трка со Црна Гора и Србија за реформирање на судството и владеењето на правото во државите.

По обраќањето на Димитров било овозможено само кусо време за поставување прашања поради заминувањето на Димитров за Брисел каде треба да се потпише протоколот за прием во НАТО. Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора изјави дека не му било дозволено да постави критички прашања на Димитров, за нарушувањето на македонскиот суверенитет и национален идентитет со менувањето на името, поради што Колоски прашањата ги објави преку социјалните мрежи.

ЛИДЕР

Повеќе