KOС имаше донесено атентатори за да ја ликвидираат македонската влада?!

Според ексклузивните дневнички записи на академик Никола Кљусев:

Никола Кљусев, првиот македонски премиер, во својот дневник што го водел додека ја извршувал функција претседател на Владата на РМ, од 20 март 1991 година до 4 септември 1992 година, запишал дека во населбата Аеродром во Скопје, КОС имал неколку свои соработници, а во суштина тоа биле атентатори и убијци што требало да бидат употребени против личности од македон­­- ската влада

Пишува: Блаже Миневски

Во дневничките записи на академик Никола Кљусев, пишувани во времето додека ја извршувал функцијата прв премиер на самостојна Република Македонија, стои дека Слободан Богоевски и Павле Трајанов имале задолжение, во соработка со Социјалдемократскиот сојуз, да го рушат тогашниот министер за внатрешни работи Јордан Мијалков, но и целата влада, а во подготовка на акцијата биле вклучени Наќе Стојановски, Тито Петковски, полковникот Никола Глумац, и уште едно лице: „Денес можеме слободно да се прашаме колку такви сценарија има подготвувано КОС со претставници на нашата владејачка гарнитура? Колку судбини биле во нивни раце?“, запишал Никола Кљусев во својот дневнички запис, додавајќи дека таканаречениот „Случај Лозановски“ открива многу нешта за методот на работење на КОС и на пратеници на Социјалдемократскиот сојуз, односно нивна вмешаност во антимакедонските активности на КОС во Македонија“. Инаку, со академик Никола Кљусев, во средината на деведесеттите години на минатиот век, но и во почетокот на првата деценија од овој век, имавме повеќе средби по разни поводи, при што најчесто разговаравме за неговите уметнички, поетски и прозни проекти и планови, но и за неговите записи за настаните во кои учествувал од осамостојувањето на Република Македонија до деновите кога во јавноста излегоа информации за неговата кандидатура за претседател на МАНУ. Овој текст е базиран врз неформалните разговори со него, но и врз неговите објавени и необјавени записи пишувани во преломните години на македонската независност и меѓународна афирмација, но во многу елементи таа состојба личи на ова што се случува и денес во Македонија.

Како и колку беа платени скапите лобисти? Во записите на академик Кљусев стои дека „во 1991 година, под сугестија на претседателот Глигоров беше организирана лоби-група на чело со Џон Битов од Торонто, но со мошне слаби резултати, за кои беа потрошени околу еден милион долари. Групата многу брзо се распадна без да даде никаков отчет за нејзината дејност ниту од страна на главниот лобист ниту од страна на нејзиниот организатор Киро Глигоров“. Во продолжение Кљусев пишува дека основната движечка сила и клучната улога во светската глобализација е во рацете на САД, а малите сиромашни земји се буквално принудени да организираат и плаќаат скапи лобисти без да имаат некаква поголема полза од тоа. „Во една таква глобализација се гради нова класа на космополити кои самите се чувствуваат како граѓани на светот, па неодамна и во нашиот парламент слушнавме еден таков егземплар во ликот на Нано Ружин, пратеник на СДСМ, кој јавно се претстави како граѓанин на светот со загубено национално чувство“, пишува Кљусев. Сведочејќи за драматичните денови на македонското осамостојување, Кљусев, меѓу другото, оставил запис и за миговите кога на бината на плоштадот во Скопје требало да се соопшти резултатот од Референдумот за независност: „Се свртувам, гледам – нема никој од лидерите на партиите застапени во парламентот, освен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Никола Кљусев, првиот македонски премиер, водел дневник за настаните во периодот на неговиот мандат

Го прашувам министерот за информации. Одговара дека не знае. Не е известен. Го прашувам шефот на протоколот. И тој не знае. По извесно време добивам информации од министерот за внатрешни работи дека некои членови на раководствата на партиите конвертити, меѓу кои и Бранко Црвенковски и други, се видени во еден диско-бар а претседателот на Собранието и претседател на пројугословенската реформска партија Стојан Андов е забележан на јужната граница, во реонот Дојран – Гевгелија, на пат за Солун. Владата, протоколот и Министерството за внатрешни работи не беа информирани за неговото напуштање на републиката. Подоцна, пред две години, слушнав како дава изјава на едно новинарско прашање пред ТВ-Скопје дека „заминал на меѓународен саем во Солун за да го испита пулсот на Грците за нашиот референдум. Колку несериозно и смешно. Ова од причина што без знаење на Владата, претседателот на Собранието не може да врши таква дејност. Тоа не е делокругот на неговата активност“, подвлекува Кљусев, додавајќи дека во тоа време „постоел план на агентурата на КОС дека референдумот нема да успее, а КОС и Југословенската армија ќе ја ликвидираат Владата на Република Македонија како сеционистичка и националистичка, како Влада што сака да се отцепи од Југославија.

Според планот на КОС, постоеја конкретни „лица-спасители“ кои ќе ја преземат власта во Македонија, а тука беа и многуте пројугословенски партии за да го извршат тој гнасен чин“. Кои министри настапувале плашливо, иронично и со презир кон идејата за независна Македонија? Според Кљусев, во политичкиот врв на републиката во тоа време многумина не биле баш воодушевени со идејата за независност на Македонија. Додека едни ја живееја восхитувачката радост за идна независна држава, како што велеше, други сѐ повеќе иронизираа со идејата за самостојност, не гледајќи излез надвор од Југославија: „Некои министри, како Денко Малески, во идејата за независна држава гледаа и настапуваа прво плашливо, па иронично, а најпосле и со презир.

Денко Малески тоа јавно го искажуваше: ’Независност само без мене’. Претседателот Киро Глигоров даваше ваква оцена за него: ’Оставете го човекот, да не го загубиме.
Тој не мисли така’. Во секој случај, Малески несомнено беше интелигентна личност. Имаше критична, но корозивна мисла, која во себе ја нарекував цинична. Во тие мигови неговата мисла, исполнета со сомнеж и зајадлив, циничен тон што разорува, создаваше револт и одбивност кај другите членови на Владата, па дури и кај најмладиот министер Љубомир Фрчкоски, кој на една владина седница му дофрли да престане со својата ’свилена дипломатија‘. Неговата религиозна приврзаност кон Југославија, прекриена со сентиментален превез, дејствуваше зачудувачки пред поривот за формирање на независна држава“.

Освен сопствените колебливци, и оние што со иронија гледале на идејата за независна држава, карактеристично за тоа време во Македонија е и поткопувачката активност на органите на КОС. Имено, според Кљусев, при откривањето на случајот со шпионска дејност во полза на КОС од страна на Милош Лозановски, инспектор во Службата за државна безбедност во Битола, било констатирано дека тој „од 4 јули 1991 година свесно и самоиницијативно стапил во контакт со полковник Никола Глумац, началник на органот за безбедност на 41-от корпус на Третата воена област, лоциран во Битола, со кого воспоставил класичен соработнички однос како доставувач на информации во полза на КОС, а против интересите на Република Македонија“.

Во записот на Кљусев стои дека Лозановски во тие контакти со полковник Никола Глумац го добил псевдонимот Борец, при што на повеќе наврати му доставил податоци и сознанија со кои располагала Службата за државна безбедност, а што претставуваат државна тајна: „Покрај доставениот распоред на силите на полицијата, и мрежата на соработници на Службата за безбедност во Битола, Лозановски го кодошел и раководството на комитетот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, пренесувајќи лажни вести за наводно формирање на доброволни единици од страна на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, но и за наводна кражба од нивна страна на иконите во Галеријата во Битола, и што ли уште не“. Сите доставувани податоци се праќани во ССНО (Сојузниот секретаријат за народна одбрана) во Белград, со кој непосредно раководел и координирал генерал Симо Тумановски, заменик-началник на Службата за безбедност на овој секретаријат, инаку брат на Драган Тумановски, поранешен потсекретар на Службата за јавна безбедност во МВР на РМ. Кој добил 30 милиони долари за наплата на долгот од Ирак?

Во дневничките записи Кљусев самиот се прашува: „Треба ли да се прашаме кој мотив ги инспирирал господата пратеници од СДСМ во прибирање информации и контрола на личности и институции во Македонија, соработка со агентурата на КОС, во која беа инволвирани и личности од Сојузот на резервните воени старешини, како и Сојузот на борците на Република Македонија?“ Притоа, како што вели, една група почна да се занимава и со вооружување на некои нивни експоненти: „Во Скопје, во населбата Аеродром, снабдија со ’калашникови‘ неколку свои соработници, наводно, од безбедносни причини, а во суштина како потенцијални атентатори и убијци, кои требаше да бидат употребени против личности од македонската влада“.

Во белешките на првиот премиер на независна Република Македонија исто така има и запис за разговорите со генерал-полковник Благоја Аџиќ за повлекувањето на ЈНА од Македонија, при што Кљусев подвлекува дека „на Владата и мене лично не ни беше познато кога и со кој се договарал претседателот Глигоров за начинот и постапката за заминување на ЈНА од територијата на Македонија, односно, како што стои во документот, за ’привременото дислоцирање на ЈНА од територијата на Република Македонија“. Се разбира, записите на академик Кљусев третираат и голем број други теми за почетоците на македонскиот плурализам и радикалните општествени промени во општеството, а значаен дел од нив се објавени како негови записи за бессоните ноќи, како лични „видувања“ за „вербата и измамата“ во македонските политички кругови за време на создавањето на македонската независна држава.

Во материјалите има и една интересна информација поврзана со наплатата на нашите побарувања од Ирак, кои во тоа време достигнале 300 милиони долари: „Кон крајот на 1991 година, во мојот кабинет, по препорака на претседателот Киро Глигоров, се пријави за посета една личност по име Љубица Ачевска. Немав доволно информации за личноста што требаше да ја примам. Телефонски бев известен од претседателот дека станува збор за личност која има своја фирма „Голф ентерпрајзис“ во САД, по потекло е од Македонија, работи на консултантски услуги, а средбата се организира во врска со некакво нејзино застапување на нашите побарувања во Ирак. Беше мошне помпезно претставена како успешна жена која треба да ѝ помогне на Македонија. При втората посета на Љубица Ачевска на Македонија, министерот Стојан Трајановски ме запозна со содржината на нацрт-договорот за соработка со „Голф ентерпрајзис“ на Ачевска. Во еден од неговите членови стоеше дека за наплатување на нашите побарувања од Ирак од 300 милиони долари треба да се плати 10 проценти провизија за услугите на консултантската фирма „Голф ентерпрајзис“, претставувана од Љубица Ачевска. По читањето на договорот веднаш реагирав кај министерот како е можно да се наплатува толку висока провизија за услуга за голема сума пари. Тоа реагирање го искажав и кај претседателот Киро Глигоров, а тој лаконски ми одговори дека министерот треба да понуди некој понизок процент – „да речеме 8 отсто“.

Подоцнежните настани, со нејзиното устоличување за амбасадорка на Република Македонија во САД од страна на претседателот Глигоров, исфрлија на виделина многу индикации кои заслужуваат потемелно испитување. Во секој случај, Глигоров имал посестрани информации за Љубица Ачевска, и тоа речиси во сите домени на нејзината дејност. Тој, како нејзин добар пријател и обожавател, не само што сакал да ја поддржи во бизнисот, туку да ја промовира и да ја задржа и како наша „успешна“ амбасадорка во САД, а нејзините услуги во „бизнисот“ останаа „мртва буква на хартија“, подвлекува, меѓу другото, академик Никола Кљусев во своите белешки пишувани од 27 јануари 1991 до 17 август 1992 година, кога бил претседател на Владата на Република Македонија.

Нова Македонија

Повеќе