Пендаровски – Жбогар: Македонија е единствена функционална демократија во регионот

Македонија е единствена функционална демократија во регионот, со оглед на успешно организираните и спроведени претседателски избори, изборот на претседател, како и коректноста на опозицијата во контекст на изборниот процес и признавање на резултатите и волјата на граѓаните, заклучија претседателот Стево Пендаровски и евроамбасадорот Сaмуел Жбогар.

Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека соговорниците констатирале дека напредокот во евроинтеграциите е од клучно значење за подобрување на животниот стандард и одржување на еврооптимизмот на граѓаните во Македонија.

– Евроамбасадорот Жбогар на претседателот Пендаровски му честиташе за изборот и му посака успешно вршење на одговорната функција. Воедно, му пренесе поздрави и му предаде писмо со честитки од претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и од претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер. На средбата беа разменети мислења за реализацијата на приоритетите и реформите на Република Северна Македонија во однос на европските интеграции  соопштија од Кабинетот.

Пендаровски укажал дека почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ е заслужен и неопходен со цел поттикнување на севкупните реформи и унапредување на политичката култура во земјата.

– Очекуваме од лидерите на членките на Европската Унија да бидат принципиелни и доследни на дадените ветувања. Да го валоризираат сработеното и да овозможат Република Северна Македонија да постигне успех на планот на евроинтеграциите истакна претседателот Пендаровски на средбата со евроамбасадорот Жбогар.

Нова Македонија

Повеќе