ЈАНЕВСКИ: Кога и Бог и Дарвин ќе ја утнат работата со „Животот“!

Дарко Јаневски

Ете пак сме на почетокот. Со нови снимки. Само што сега служат за сеир. Ама, пак, читам, слушам, некои шутраци велат дека сега тоа било незаконско. Ајдеее…! А претходно беше законски, нели? Зашто тоа било јавен интерес. А ова не е, зар не?

И незаконски било нивното објавување. Мудро од вас, момчиња, мудро. Ама ако му ги дадеа на Заев и ако со нив одржеше прес конфренција, ако климнеа со главата некои амбасадори, тогаш се ќе беше в ред. Така? А што ако Мицкоски кажеше дека загрижен патриот му ги доставил во штабот и одржеше прес конференција? Зашто преседанот веќе е направен. Кавалчиња едни.

Понекогаш навистина е чудно како луѓето веруваат во теоријата на Дарвин. Зашто истите тие се очигледен доказ дека луѓето не можат да потекнуваат од мајмуни, барем не сите, кога овие последните се поинтелигентни. А еволуцијата подразбира развој, одење напред што би рекол Стево сидро, не одење назад. Ха, имало читам и Закон за заштита на приватноста. Навистина? Сега е полесно. Оти тоа е голема работа. Претходно имаше Кривичен законик, па не се водеше сметка. Кому му е гајле, беше паролата.

Така, од „нема правда нема мир“ дојдовме до „има сеир“. Терај си мајтап. Тоа што очигледно и натаму се прислушува незаконски, како што беше и во време на Грујо кога Сашо сам себе си се прислушувал, тоа очигледно е помалку битно. Што ти е гајле. Терај работа. Нека лета магарето. Ама што пониско може. Оти сега е „живот“, па вмровците веќе не ви ги нарушуваат слободите и правата. Затоа и ги нема да гукнат ни оние амбасадори кои се сликаа во првиот ред, на првата прес конференција на „Чарлиевите ангели“. После чие појавување Британците решија веќе да не снимаат комедии од типот на „Ало, ало“ или „Да министре“, а Монти Пајтон разочарано и поразено решија да се повлечат и да отидат на шалтер на нивниот ПИОМ. Да, и Чарли Шин сега веќе не се кае што се повлекол од „Два ипол мажи“. Чул и тој за Северна. Тони алкохол и стотици девојки и жени, главно приглупи, 1,8 милиони по една серија, неколку престижни награди, мислиш дека си се качил на Монт Еверест без боца со кислород, и потоа дознаваш дека некои таму, во некоја си Северна, те симнале од врвот и ти мафтаат одозгора. Затоа и не го сака Трамп. Ги сака Клинтонови. Да беа тие, можеби досега ќе не бомбардираа. Оти ваква северна комедија навистина претставува злостроство против човештвото. Чарли Шин тоа најдорбо го знае.

Како и да е, ете не назад во времето на Чаушеску. Во осумдесетите, во Орадеа, гратче во северниот дел од Романија (ништо без „север“), каде специјалитет беше печено пиле и пире со јаболка, а во продавница на нивната лотарија, продаваа на еден ред туршија, на друг, мислам алва, беше проблем да застанеш и прашаш нешто некого на улица. Најпрвин ќе се сврти два-три пати, веројатно инстинктивно, потоа ќе те измерка убаво, да добие барем некој впечаток кој си (на тој начин добивајќи и време за да сврти во главата десетици мисли-Секуритате ли си, кој си?), па дури потоа може да имаш среќа да ти одговори. Ако те разбрал и ако знае да зборува англиски.

Денес, ни таму, ни кај нас, не владее таков страв, ама не затоа што сме безбедни, туку затоа што луѓето очигледно се навикнале да бидат небезбедни. Па кренале раце и веќе никого не му гајле кој прислушува и зошто. Отприлика како во сведоштвата за тешко болни луѓе кои по долга борба со болеста, на крај се помируваат и се предаваат. А Романците, дури и во тоа време, не беа навикнати на небезбедноста. И не се предаваа.

А ние, згора на се, уште водиме наводни расправи за тоа дали во новиот Закон за ЈО  во кој треба да се најде место и за ангелите кои Чарли Шин го одведоа во депресија, треба да се вметне дека снимките биле докази. И внимавајте, тие за истите гаврани кои сега гракаат, и натаму се јавен интерес. Што отприлика е еднакво на правење преседан со некој сериски убиец – тој убил десетина луѓе, ама тоа било јавен интерес, а од сега па натаму, убивањето по улица ќе биде забрането. Да, да. И потоам дојде ловецот и ја спаси Црвенкапа. Не со пушка и нож, туку со Закон за приватност кој и не е закон, туку глупава смеса од одредби на правни шарлатани. Бог да чува и да брани. Само што има еден Индиец кој на прашањето за Бог (да чува и да брани) одговара: А што ако ве заборавил? Што ако нема план за вас? Што ако од сите галаксии и ѕвезди со планети, бидејќи тој е творецот, нели, веќе не може да ја најде оваа мала точка на која сме ние? И во таа точка да не најде токму нас! Среќниците од „Подобар живот“.

И повторно, дали навистина верувате дека некои луѓе потекнуваат од мајмуни кои, црно на бело имаме, се попаметни? А дека и едните и другите не потекнуваат од Бога, тоа е сигурно. Оти тој не би создал вакво нешто. Или пак, потекнуваат, ама имало моменти кога и Бог (нека ми прости) поим немал што правел. Зашто, за тоа, секој ден, во секој поглед, имаме се повеќе докази.

Патем, никому не му е чудно што и натаму немаме виновник за старите снимки. Како што нема да има виновник и за новите. Но, по трет пат, кому му е гајле? Немаме виновнк ни за Смиљковско Езеро, па што. Голема работа, нели? Пет жртви, а биле, а не биле. Родителите на децата им требаа за да манипулираат со јавноста. Да играат со нивните чувства. Сега сите, и револуционерите и оние другите се сокриени.

Интересно, оние снимки на папата Бранко од 2001-та беа вовед во војната со европскиот дух на Али Ахмети. Ете и Стојанче, нашата велепна ТВ ѕвезда за дебати, го сфатил тоа. Овие од времето на Грујо, беа вовед во бришењето на Македонија. Овие сега се само знак, порака, дека некој и натаму собира материјали. Што мислите, од нив прави колекција затоа што нема друга работа или…? Белким не мислите дека работата заврши со тоа што Македонија стана Северна?

ДЕНЕШЕН.МК

Повеќе