МАКФУДБАЛ – ИГРАЧ НА МЕСЕЦОТ: ЉУПЧО ДОРИЕВ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)

Во дебитанската сезона во Првата лига, тимот на Академија Пандев избори пласман во Лигата на Европа, откако успеа да стигне до третата место. За многумина изненадување, но не и за добрите познавачи на фудбалската игра кои знаат со каков потенцијал располага тимот што го предводи Југослав Тренчовски.

Еден од најголемите адути на составот на Академија Пандев е Љупчо Дориев, кој со одличните игри во шампионатот, постигнувајќи клучни голови на неколку натпревари, се наметна во изборот на МАКФУДБАЛ за најдобар играч за месец април.

„Голема чест е да се биде добитник на оваа престижна награда, најдобар фудбалер во Првата лига за месец април. Би сакал да ја споделам со моите соиграчи од тимот на Академија Пандев кои се и најзаслужни за моите голови. Фудбалот е тимска игра, поединецот е добар само ако зад себе има и квалитетен тим. Би сакал да се заблагодарам и на сите во клубот, на чело со шефот на стручниот штаб Југослав Тренчовски, и се разбира нашиот сопственик Горан Пандев“, вели Љупчо Дориев, најдобриот играч за месец април во изборот на МАКФУДБАЛ.

Академија Пандев реди успеси, клубот за првпат влезе во елитата и веднаш избори пласман во Лигата на Европа. В среда ќе биде дел и од големото финале во Купот на Македонија. Тоа очигледно е плод на добра клупска организација и напорна работа.

„Професионалната клупска поставеност и напорната работа носи резултати. Академија Пандев влезе во елитата со желба да обезбеди опстанок, но добрите игри и резултати не исфрлија и во трката за излез во Европа. Не сакавме да ја испуштиме големата шанса, ја грабнавме со двете раце, а в среда ќе испишеме и нова клупска историја, со настапот во финалето на Купот. Се надеваме на успех и прв трофеј за Академија Пандев во најмасовното фудбалско натпреварување“, истакнува Дориев.

Добрите игри во дресот на Академија Пандев му донесоа и репрезентативен статус. Тој се наоѓа на поширокиот список на селекторот Игор Ангеловски, a 23-годишниот напаѓач веќе е цел и на неколку странски клубови од Турција, Белгија, Грција и Австрија.

МАКФУДБАЛ

Повеќе