Ципрас: Груевски никогаш немаше намера да преговара, Меркел не ми поверува ни дека воопшто ќе се обидам

Кога Ципрас дојде на власт во јануари 2015-та, важеше за „потпалувач“, а неговата партија Сириза за најрадикалната левичарска партија избрана во една европска демократија од крајот на Втората светска војна наваму. Денес Ципрас важи за политичар кој не разгорува, туку гаси огнови, пишува Financial Times, а крунското негово достигнување во очите на САД и ЕУ е решавањето на спорот со името меѓу Грција и Македонија.

Во интервју за весникот, Ципрас се сеќава дека уште кога ја добил функцијата се надевал дека ќе оствари прогрес по прашањето, иако знаел дека тоа ќе биде тешко со „десничарскиот националист“ – тогашниот премиер Никола Груевски.

„Груевски беше човек кој никогаш не планираше да преговара“, вели Ципрас. „Се сеќавам дека отидов во Берлин. Ја сретнав канцеларката Меркел. Дискутиравме долго за економската криза, долгот, дефицитите итн. Проговоривме и за надворешна политика, и јас реков, ‘Сакам да го решам овој проблем, дури и со Груевски. Ќе се обидам да го испровоцирам и да го седнам на маса. Ако не сака да седне на маса, ќе го обвинам дека не сака решение’“, раскажува Ципрас.

„Таа ми рече, ‘Не ти верувам’. Прашав зошто. Ми рече, ‘бидејќи сите твои претходници никогаш не сакаа дури ни да го отворат овој случај, особено поранешниот премиер Антонис Самарас’“.

Ципрас инсистирал дека неговото мислење е поинакво и дека според него Грција може да извлече само бенефит ако го реши спорот со северниот сосед. Тој истакнал дека Грција има доволно разлики со источните соседи и не сака дополнителни проблеми со северниот сосед, особено бидејќи се работи за земја за која Ципрас, вели, сметал дека не е закана за Грција.

„Не мислам дека Ангела навистина ми поверува, но ѝ докажав дека го мислев тоа што го реков кога развојот на настаните во Скопје отвори можност“, вели Ципрас, алудирајќи на падот на владата на Груевски и почетокот на владеењето на Зоран Заев.

„Се чинеше дека единствената разлика е името. Но не беше името – туку нашата историја и нашиот идентитет. Ова го направи (решението) многу потешко“, вели тој, оценувајќи дека на крајот се работи за избалансиран договор. „Никој не ја зачува неговата позиција 100%… Замислете, Северна Македонија е мала земја со 2.5 милиона луѓе. Ако имаме нормални односи, оваа земја може да е стратешки партнер за Грција, поле за инвестиции, за отварање на пазари“, заклучува грчкиот премиер, кој заедно со Заев е кандидат за Нобеловата награда за мир, а очекува и победа на парламентарните избори во Грција, иако грчката опозиција води на анкетите со околу 10% разлика. Така беше и на претходните избори, па Сириза сепак победи.

Извор: 365.com.mk

Повеќе