ЗА БЛАЖЕНИОТ КИРИЛ И ПАНОНСКИОТ ЕПИСКОП ОД СВ.КЛИМЕНТ

ЗА БЛАЖЕНИОТ КИРИЛ И ПАНОНСКИОТ ЕПИСКОП ОД СВ.КЛИМЕНТ
• со повод и причина за размисла

пишува: д-р Анита Ангелевска

Првичната редакција на ова слово не се раширила кај Јужните Словени, а од втората не постојат досега руски преписи. Во иднина, можеби ќе се појават аргументи кои ќе посведочат за заедничко навлегување – испреплетување на двете редакции. Трите преписи од втората редакција, кои што се подоцнежни 1469 година, 1479 година и од XVI век (1598 година), покажуваат зачувување во подобра форма на некои изрази од притотипот (оригиналот). Сепак, ниту првата, ниту втората редакција, не можат да се сметаат за дело директно напишано од св. Климент Охридски, а и двете редакции произлегуваат од првичниот, изворниот Климентов текст. Вкупниот јазично – стилски систем на општата похвала е во тесна врска не само со Похвалата на св. Кирил, туку и со други творби на св. Климент Охридски, смета Ангелов, врз основа на разгледуваните нему достапни аргументи, повикувајќи се на Вондрак, Бодјански, Теофилакт Охридски и други проучувачи на оваа проблематика. Нема сигурна потврда за Светиклиментовото авторство на похвалата во чест на св. Кирил и Методиј. Станчев им се придружува на одрекувачите на Светиклиментовото авторство особено на аргументите кои ги изнесува Иванова. (Иванова, 1978: 103 -106)

Од најголемо значење за науката како од историско, така и од литературно гледиште, се словенските извори (покрај латинските и грчките). Разбирливо најголема вредност имат оние, щто се напишани од непосредните ученици на св.Кирил и Методиј, кои директно учествувале во нивниот животот. Во најважните се вбројуваат: „Пространото житие на Кирил”, „Пространото житие на Методиј”, „Похвално слово за Кирил” од Климент Охридски, „Похвално слово за Кирил и Методиј” – кое Петканова го смета за анонимно, но „во науката не без причина му се припишува на св.Климент Охридски, „Служба за Кирил”, „Служба за Кирил и Методиј” – од непознат автор, „Служба за Методиј” од Константин Преславски.“(http://www.promacedonia.org/dp/dp_1.htm).

Поновите истражувања го проблематизираат Светиклиментовото авторство на Похвалното слово за Кирил и Методиј, оставајќи го отворено прашањето за неговото авторство. Во ракописната традиција творбата се јавува како анонимна. Поновите лексички проучувања се во полза на мислењето дека творбата настанала кон крајот на IX и почетокот на X век и притоа јазичните особености во неа покажуваат несомнена блискост со јазикот на св. Климент Охридски, Константин Презвитер и Јоан Егзарх (Спасова, 1996: 55-75; Иванова, 1985: 91- 102). Но, од друга страна, во науката се истакнуваат и аргументи кои не одат во прилог на тезата за Климентовото авторство, кои подвлекуваат разлики во доменот на структурата, стилистиката во однос на другите Климентови слова, како и во однос на податокот дека општото празнување на паметта на двајцата светители датира од подоцнежен период.” (Иванова – Велинова, 1984).

 

Покрај искажаните скептични и резервирани мислења, Ангелов ја споделува те­зата, дека св. Климент Охридски е автор на општата Кирило – Методиева похвала. Природно е додека бил жив Методиј, а веројатно и со големо негово значајно учество да напише посебна прослава за Кирил Филозоф. Уште поприродно е по смртта на Методиј тој да напишал не посебна похвала во негова чест, туку општа похвала за големите браќа – словенски првоапостоли, на чие дело од секогаш се гледало како на единство, се врзувало неразделно со имињата на двајцата браќа. Ангелов, смета дека автор на житието на Кирил, житието на Методиј и похвалата за Кирил е св.Климент, па на општата похвала за Кирил и Методиј гледа како на „завршување на тој кирило – методиевски циклус со значајна творба, силен венец – прослава на големото дело“ (Климент Охридски, 1970: 444) на св. Кирил и Методиј. Ангелов се повикува на чешкиот славист Вондрак, кој уште во 1903 година ги изнесува аргументите во прилог на тврдењето за Светиклиментово авторство на похвалата. Вондрак покажува, дека св. Климент никогаш не се колеба да позајамува извесни делови (поголеми или помали) од една своја творба и да ги внесе во друга своја творба. Посочената од Вондрак широко употребувана типична Климентова фразеологија, како и совпаѓањето или сличноста на редица пасажи, позајмени од различни Климентови творби, убедливо го потврдува Климентово авторство на похвалата. (Vondrak, 1903: 21-36). Исто така, дел од научниците, во полза на ова претпоставка, наоѓаат аргумент и во житието на Теофилакт, каде се зборува за усилбите св. Климент да биде доследен и достоен на својоите учители св. Кирил Методиј. Ангелов се потпира и на споредбата помеѓу општата Кирило – Методиева похвала и Методиевото житие, од која што силно се потврдува нивната меѓусебна врска, тоа е писмото на папата Адриан II до моравскиот кнез. А таа релација опстојно ја разгледуваат и Бодјански и Вондрак. Оттаму, тој резимира дека авторот на похвалата е близок ученик на св. Кирил и Методиј, нивни верен следбеник, детален познавач на нивниот живот, похвалата покажува несомнена врска со похвалата во чест на св. Кирил Филозоф, чиј што сигурен автор е св. Климент, похвалата покажува врска и со некои делови од пространите житија на св. Кирил и Методиј и целата јазично – стилска структура на похвалата е во тесна врска не само со похвалата за св. Кирил Филозоф, туку и со другите творби на св. Климент Охридски. (Климент Охридски, 1970: 446). Гривец и Лавров, го актуелизираат моментот на создавањето на пофално слово за св. Кирил и Методиј (Лавров, 1930: 79 – 87). „Овој панегирик за Моравските браќа бил составен врз основа на Житието на Кирил и Житието на Методиј, од каде што се позајмувани не само одделни изрази, туку и цели фрази. Атрибуцијата на овој споменик од великоморавскиот период се темели на фактот дека во Пофалното слово ништо не се зборува за прогонот, по смртта на Методиј, туку напротив се нагласува дека делото на Браќата продолжува да цвета, во областите каде што тие проповедале. (Grivec, 1950). Ако оваа претпоставка се третира како вистинита, се создава претстава за голема литературна дејност од учениците на Методиј во Моравија, по неговата смрт. (Сепак, претпоставката дека Пофалното слово е напишано од тие луѓе и во тоа време, е подложна на сериозни забелешки, заклучува Флорја, застанувајќи пред прашањето за разликите помеѓу Житието на Методиј и Похфалата за двајцата браќа, како што е наведувањето на булата на Адријан II во две различни верзии. Според последните истражувања, преовладува мислењето, дека  сепак, Похвалата е напишана во подоцнежниот период, во Бугарија. Мечев (Мечев, 1966) смета дека автор е св. Климент Охридски, а Сакач (Sakac, 1964) Константин Преславски. Во аргументите кои се наведуваат во прилог на ова тврдење е и фактот во Пофалното слово, дека народот во Моравија го прифаќа христијанството, токму со мисијата на св. Кирил и Методиј. Авторот на Похвалата силно го потенцира овој момент и ги поистоветува Браќата со апостолите. Разбирливо и многу логично е таква теза да се појави во Моравија. Друг податок кој оди во прилог на моравското потекло на Похвалата е отсуството на било какви податоци за дејноста на св. Кирил и Методиј во Бугарија или пак дека била напишана кога почнувал да се шири култот на св. Кирил и Методиј во Бугарија.

Првичната редакција на словото е руска, а од вторичната зачувани се само преписи од јужнословенска редакција. Сите три преписи од јужнословенска редакција се со подоцнежно датирање од 1469 година, 1479 година и од XVI век (1598 година), но во нив се подобро зачувани некои изрази од првиот текст. Обемот на вторичната редакција е значително помал, споредено со првата. Во средината е испуштен еден голем пасус, кој се однесува на дејноста на старобиблиски ликови, но тоа не е релевантно за суштината на творбата и главната нејзина намена, прослава и популаризирање на Кирилометодиевото дело. Заради тоа што настанувањето на преписите е датирано во подоцнежен период, не може да се формира јасна претстава за првичниот текст од оваа редакција. Во податоците кои ни се достапни, согледуваме дека се појавуваат помеѓу нив фразеолошки и лексички разлики, кои сепак укажуваат на претпоставениот претходен текст. Ангелов ги претставува двата Владиславови преписа, кај кои не се забележуваат значајни разлики и Хоповскиот препис, кој што покажува најголема сличност со најстариот препис, Успенскиот. Особено карактеристичен во тој поглед е крајот на похвалата, каде што се забележуваат најголеми отстапувања од оригиналниот текст (Климент Охридски, 1970: 476-477). Скратената редакција на похвалата за браќата св. Кирил и Методиј, не е откриена во преписите, нејзиното присуство е преку посредништво, преку преписот на Владислав Граматик, а потоа и според преписот (од непознат препишувач) во Хоповскиот панегирик. Според анализите утврдено е дека Владислав Граматик манифестирал послободен однос кон јазикот, преку внесувањето нови јазични форми, а Хоповскиот ракопис го одликува попринципиелно придржување кон изворниот ракопис. Скратената редакција на похвалата, означена уште и како вторична позната е само во три јужнословенски преписи: Загребскиот, Рилскиот и Хоповскиот. Беспоговорно станува збор за  јужнословенска редакција, тоа го потврдува наречјето на кое е напишана. Првичната редакција на похвалата, именувана е како руска, заради најстариот препис од XII век, пронајден во Успенскиот зборник, а досега познати се околу четириесетина преписи.

И Похвалното слово за светите и преславни учители на словенскиот народ, кои му создадоа писменост и кои го преведоа Новиот и Стариот завет на неговиот јазик, односно на блажениот Кирил и за панонскиот архиепископ Методиј (Свети Климент Охридски: собрани дела, 2012: 117-131) може според својата градба да се расчлени на петтделна структура, која што ја предлага В.Иванова за пофалните слова. Гледајќи ја сепак структурата на словото, недоумица во однос на Светиклиментовото авторство побудуваат разликите кои се воочуваат кога тоа се компарира со Похвалното слово за нашиот блажен отец и словенски учител Кирил Филозоф, во однос на должината и во однос на комплетното градење на текстот, а и покрај поделените мислења и различните аргументации во славистичката наука, ние со тоа што го разгледуваме ова слово во корпусот засведочени, значи го прифаќаме начелно фактот, за неговата атрибуција во полза на св. Климент (претходно е направен обид да Ви бидат претставени аргументите кои го третираат прашањето за авторството).

Во првиот, воведен дел, преку Христовиот пример, каде што св. Климент користи цитати од Символот на верата, Посланијата до Римјаните и Коринтјаните, Евангелието на Матеј, Книгата на пророкот Исаија, го воведува мотивот на избраништвото, Божјото избраништво на св.Кирил и Методиј, кои од духовен мрак и незнаење треба да ги избават словенските народи: „Зашто Бог не ја сака смртта на грешникот, туку да се покае и да биде жив, бидејќи секој човек е многу склон кон злото. Милостивиот Бог не го остави Своето создание, и не го заборави делото на Своите раце, туку секоја година и во секое време избира мажи и им ги покажува на луѓето нивните дела и подвизи, та откако ќе се уподобат на нив, да достигнат вечен живот. А по нив ги избра пророците – апостолите, по апостолите – мачениците, праведниците и учителите. Тоа се случи и во наше време. Зашто тие (пророците) велеа: „Слепи ќе прогледаат, глуви ќе го слушаат словото на Писмото и сите ќе почнат да говорат на разни јазици за Божјите величија (Ис.35,5 Мт.11,5).“ (Свети Климент Охридски:собрани дела, 2012: 118). Овој дел, завршува, всушност со библискиот тематски клуч (според Пикио), кој што претставува и своевиден вовед во симболично – митолошкиот слој на творбата. (Станчев, 1982:  28-30).

Вториот дел, наративниот или житијната шема (именувана според Велинова) се гради со податоците за св.Кирил и Методиј за нивното потекло, нивното школување, податоци за нивните мисии, каде што најшироко и најпрецизно е претставена Моравската мисија. Овој дел содржи многу делови од пространите житија на браќата св.Кирил и Методиј. Во структурата на словото, што е невообичаена одлика инаку за Светиклиментовите слова, овој дел е најдолг. Преминот кон похвалата, всушност е сраснат со неа, наполно незабележително оддвоен со реторичко прашање: „Поради тоа, какви пофалби да ви оддадеме вам двајцата, кои толку многу се трудевте во источните, западните и северните страни, не барајќи го она што е привремено и распадливо, туку вечно и бесконечно?“ (Свети Климент Охридски:собрани дела, 2012: 129).

Похвалата пак, како своевиден централен дел, според жанровската определба на текстот (и според функцијата), не ја сочинува овој пат реторична тирада, туку само метафори, епитети и споредби, кои го профилираат и воздигнуваат големото дело и вселенскиот подвиг на двајцата браќа – словенски првоучители: „Откако храбро го зедовте на рамо Крстот Господов, со него вие ја расчистивте и разоравте со трње обраснатата и од гревот запустена земја, го посеавте духовното семе и на Црквата и принесовте чисто жито – духовно учење со кое вие, светители, сјаете како светила во целиот свет, и ја протеравте демонската сила и секаква ерес. Вие станавте големи столбови на Христовата Црква, небесни луѓе и земни ангели, откако во тело постигнавте бестелесен живот. Блажена е, навистина, утробата што ве носела, … Благословен е вашиот јазик, со којшто насеавте духовни зборови за спасение на безброен народ. Откако примивте од Богабоговдахновен дар, насекаде го растеравте мракот на незнаењето, самите вие давајќи им пример на сите и излевајќи духовна сладост на усните.

                Вие се јавивте како разрушители на секакво паганство, непријатели на еретиците, изгонители на бесовите, светлина на помрачените, учители на младите, излевајќи духовна наслада. Вие сте изобилна храна за гладните, непресушен извор за жедните, дарители на изобилна облека на необлечените, помошници на сираците, гостопримливи кон странците, посетители на болните, утешители на ожалостените, заштитници на гонетите, помошници на вдовиците и сираците, дарители на светлина за слепит, голема котва за оние што се бранувани по животното море, бедем и покров на оние што приоѓаат кон вас, противници на Јудеите, исповедници на Света Троица, извршители на Божја промисла, служители на Божјото величество, извори на Божји зборови, неподвижни столбови на Христовата Црква, печат на правдата, штит на верата, шлем на спасението, клас многуплоден, лоза медоточна. Вашите зборови се восочни пити со мед, со кои вие ја насладивте целата вселена. Вие сте како скапоцен бисер и од вас се излеваат ризници Господови. Вие сте живеалиште на Божјата промисла, избрани садови на Светиот дух, кои го пронесовте името Христово по целата земја. Отккао го понесовте Крстот на себе, го презревте она што е привремено, а ги примивте вечните наслади.“(Свети Климент Охридски:собрани дела, 2012: 130-131).

Големата црковна, просветна и културна дејност на св.Кирил и Методиј и значајноста на нивното дело за сите словенски народи ги заслужува сите овие умешно одбрани квалификации, кои не само што зборуваат за стилот и можностите на пишувачот на оваа похвала, туку нејзиното значење е огромно заради оценките на современиците, следбениците односно учениците на овие сесловенски просветители. Лоцирајќи ја точноста, големината и значењето на делото на учителите, прецизната проценка и квалификација, на нивните следбеници, како што е св. Климент Охридски им дава можност за силен ангажман за поттик и развој на писменоста и литературата на словенските народи и е причина за средновековниот вистински препород на сесловенскиот свет, воопшто.

Крајот на похвалата, носи молитва, односно молба за застапништво: „Преподобни и вистински пастири, молете се непрестајно и срдечно за вашето избрано стадо, прогонувајќи ги нашите страдања и избавувајќи не од беди и неволи. Просветлете ги очите на нашите срца и поткрепете го нашиот ум, за да ги следиме достојно вашите стапки. Земајќи ги на себе нашите слабости, дајте ни сила одозгора, та, откако ќе поживееме достојно во Христа, да бидеме наследници на вашите подвизи и проповедници на правата вера што сте ни ја предале, та сите едногласно да Го прославиме Трисветиот Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.“ (Свети Климент Охридски:собрани дела, 2012: 131).

 

И на крајот – Ова слово на св.Климент Охридски главно поттикнува и дозволува елаборација на прашањето за авторството, а особено значајно е што подоцнежно откриените редакции (вторични) сепак потврдуваат подобро зачувување на некои изрази од прототипот (оригиналот). Од нив не се најдени руски преписи, а сепак останува како иден предизвик на истражувачите да пронајдат цврсти аргументи кои ќе го потврдат испреплетувањето на двете редакции. Досегашниот афирмативен однос на науката се однесува на фактот дека сепак двете редакции не можат да се сметаат за директно авторство на св.Климент, но најверојатно е дека и двете произлегуваат од изворниот Светиклиментов текст. Нашата определба, со фактот дека се согласуваме и го вбројуваме во корпусот засведочени Светиклиментови слова, говори дека сепак го прифаќаме Светиклиментовото авторство.

Од неговата текстолошка анализа издвојуваме: воведување на мотивот на избраниптво, словото завршува со библиско тематски клуч, кој што е и своевиден вовед во симболично – митолошкиот слој на текстот, наративниот дел или житијната шема се гради со податоци за потеклото, образованието, мисиите, каде централно место добива Моравската, а централниот дел на похвалата ја сочинуваат метафори, епитети и компарации за вселенскиот подвиг на св.Кирил и Методиј. Словото завршува вообичаено за ваквите текстови, со молба за застапништво.

 

www.media24.mk

Повеќе