Патник вљубен во стиховите на мигот под дождот на вечноста

Како бе ти успева секоја колумна да ја направиш интересна?
Ова ме прашува пријателката од Љубљана. Непријатно ми е кога ме фалат гласно. Особено ако сум јас присутен на тој чин. Затоа што по мене секогаш се влечка егото. Гаден сопатник. Неподносливо здодевен сопатник. Понекогаш имам чувство дека се буди пред мене. Тоа, егото. Отсекогаш ме опседнувала мислата дека треба да постои некаков дом, казнена установа, каде што одиш и го оставаш егото таму како некој деликвент. Посебно е неподносливо кога во негово присуство ќе се јави пофалбата. Ептен ѝ го има меракот. А таа, пофалбата, секогаш е згодна и дотерана, знае како да ги истакне своите облини, се расфрла со својата егзотична еротичност и егово како некој напален тинејџер веднаш почнува да флертува со неа. Среќа моја што женската убавина е посилна од него, па егово одбегнува да ми се всели во постела кога таа одлучува да делиме воздишки под вечноста. Гледате колку многу гаден сопатник е тоа проклето его? Ми го киднапира цел вовед.

Па не дека баш сум им на сите интересен. Така ѝ одговарам на пријателката. Скромноста никогаш не била мој моден детаљ. Секогаш ја ставам на погрешно место. Скромноста, дечко, не ти оди со таа гримаса полна вообразеност, строго ми упаѓа модниот стилист. Оди гледај „Евровизија“, кретену, така се ослободувам од него, па фаќам да се дообјаснам со пријателката. Почетокот е секогаш најважен, ѝ велам. Влезот во приказната. Првата реченица.

Откако кренав раце од македонската политичка реалност, па решив да ја исфрлам од колумни и социјални мрежи, пред мене се отворија сиот возможен свет и бескрајната вселена. Ете ја првата реченица. Додуша, сега излезе дека првата реченица тука е дваесет и седма, ама па мене никогаш не ми одела добро љубовната врска со логиката. Јас и логиката сме како лош пијан секс. И што да прави човек кога пред него ќе се отворат сиот возможен свет и бескрајната вселена од чии полици си ја избришал прашината на македонската политичка реалност? Најпаметно му е да фати некаде на пат.

Бев на пат низ Словенија и Хрватска. На моето прво стапнување во Љубљана небото ме пречека во кокни-расположение. Врнеше како да е Лондон. Ситен дожд што не запира. Среќа моја што обожавам дожд. Мојот дух веднаш става шешир и почнува да танцува како Џин Кели, па трга да ја бара Деби Рејнолдс. Затоа намќорот и циникот во мене веднаш почнуваат да гледаат што нема во Љубљана. Нема ѓубре, почнува да негодува намќорот. Глупи Словенци, заклучува циникот, што ќе им го ѓубрето по дома кога тоа е за на улица? Подоцна ми објаснија дека Словенците имаат чудна традиција. Ако фрлиш ѓубре од прозорецот на автомобилот, оној што вози зад тебе најчесто веднаш те пријавува. Види ги ти нив за какви глупости се кодошат! Затоа им се здодевни историјата и секојдневието.

Во Љубљана престојував кај Емилија, македонската Гертруда Стајн. Исклучителна жена. Нејзината енергија и насмевка просветлуваат. Бев сместен на периферијата на Љубљана, меѓу шумско зеленило и ноќната песна на славеите. Среде чистиот град се потрудив да истурам доволно нерециклирано ѓубре. Ја исфрлив таму македонската политичка гротеска. Дадов две телевизиски и две интервјуа за дневни весници. Новинарите имаа чувство дека разговараат со вонземјанин. А-ха, на мојата планета Македонија, на референдум победува поразениот, „Двотретинско мнозинство“ е успешна криминалистачка серија, попис е научнофантастичен жанр, Уставниот суд се занимава со климатските промени, па затоа ЕУ секоја година ни дава датум за почеток на пристапни преговори.

Низ центарот на Љубљана се прошетав рака под рака со словенечката Лолита, музата на Франце Прешерн, Јулија Примицова. Од рекламните паноа ме зјапаа здодевните погледи на оние што сакаат да се сместат на Европскиот парламент. На Метелково, меѓу звуците на хардкор-концертот и мешавината од странски јазици, младата Босанка Мирна ми ја рецитираше својата поезија. Ги засакав тие кратки мигови во убавата Љубљана.

Кога бев копиљ сакав да бидам силен како Конан, Тарзан и Мате Парлов. Во детството губев невиност со Лаура Антонели. Тоа беше пред да се „фатам“ со Силвија Кристл. Кога ја открив поезијата им ја подарував мојата страст на жените низ стихови полни џојсовска епистоларна еротичност. Пристигнав во Пула, среде Истра, градот каде што се родиле Мате Парлов и Лаура Антонели, каде што Џемс Џојс ги пишувал своите „Писма за Нора“. Бев сместен во стан со две прекрасни жени и една машина за перење садови. Прекрасните жени себично ќе ги задржам за себе. Вам ќе ве оставам малку да се занимавате со машината за садови. Оти не беше тоа обична машина. Се замислуваше дека е машина за перење алишта. Ја вклучуваш и по два и пол часа чекаш да почне центрифугата. Кога ќе заврши, чиниите и чашите слободно можеш да ги пружиш на тераса.

Пула е прекрасен град. Среде сите тие древни градби создавани низ вековите, чудните симболи, фамилијарните грбови и мистичните натписи на глаголица и латиница човек се чувствува како Корто Малтезе. Алдо Климан е мојот духовен водач низ архитектонските мистерии на Пула каде што се судираат античката, венецијанската и австроунгарската култура. Пијам пиво со Џемс Џојс во барот каде што тој фрлал еротски воздишки меѓу колковите на Нора. Поетот Борис Билетиќ, мојот домаќин од Друштвото на хрватските книжевници, ја отвора средбата каде што ќе протечат моите стихови на хрватски јазик. Конечно се чувствувам како поет. Нека оди празниот паричник по ѓаволите, јас сум стиховна атомска бомба опкружен со радиоактивната љубов на постоењето. Длабоко во ноќта, под совршениот дожд среде празните камени улици, повторно се бакнувам со Лаура Антонели. Морето е голтка солена восхит. Дури и немоќта на работниците на кои туѓата неспособност и алчност им го затвори бродоградилиштето ми изгледаат како ненапишана балада за чистата човечка тага пред изопачената моќ на архитектите на човечки судбини. Заминувам од Пула со меланхолична рапсодија на душата. Би живеел во тој град, јас, човекот без татковина, за да ги барам невидливите бакнежи на Лаура Антонели во очите на убавите Пуљанки. Ви благодарам, на сите вам, кои ми дадовте можност да се почувствувам како патник вљубен во стиховите на мигот под дождот на вечноста.

Александар Русјаков

Нова Македонија

Повеќе