Се намножуваат болести од загадувањето на воздухот, водата и на почвата

Граѓаните се постојано изложени на загадување во природата и тоа, секако, неповолно влијае на човековото здравје. Лекарите велат дека по децениска изложеност на загадувањето на воздухот, водата и почвата, ги чувствуваме последиците, па имаме појава на главоболки и општа непријатност до срцеви и белодробни заболувања, оштетување на нервниот систем, рак па дури и предвремена смрт. Последиците најмногу ги трпат најмладите, кои се во развој, додека повозрасните, пак, не можат да се борат со нив. Од невладините организации и движењата за здрав живот алармираат дека е потребно да се дејствува за да се подобри здравствената состојба на луѓето, како и да се спречи предвремена смрт.

– Загадениот воздух ја зголемува појавата на хронични болести како астма, бронхитис, предизвикува респираторните инфекции, кардиоваскуларни болести, аритмија, болки во градите, недостиг од здив. Ја зголемува можноста за мозочен и срцев удар, влијае на појавата на дијабетес, како и на невролошкиот развој на децата. Бремените жени изложени подолг период на загаден воздух имаат зачестени предвремени породувања, а тоа, пак, резултира и со намалена телесна тежина кај новороденчињата – велат од иницијативата за чиста животна средина „О2“.

Од УНИЦЕФ истакнуваат дека загадениот воздух е главен фактор за детскиот морталитет. Речиси 300 милиони деца во светот дишат загаден воздух, кој предизвикува сериозни здравствени проблеми. Секое седмо дете вдишува воздух што е најмалку шест пати позагаден од максимално дозволените вредности пропишани од Светската здравствена организација.

Здравјето лесно може да се наруши и ако се пие загадена вода, а децата можат да добијат цревни инфекции што предизвикуваат дехидратација и дијареа или да се затрујат од хемиски компоненти, кои телото ги складира во коските и во мускулите. Сепак, најопасно е загадувањето на почвата, поради тоа што може да се внесат штетни супстанции преку храната, кои се таложат во неа, но и преку директен контакт кога децата си играат надвор, објаснуваат лекарите.

Според Институтот за здравствени ефекти, кој има најсистематска годишна студија за последиците врз здравјето од глобалното загадување на воздухот, се потврдува дека тоа е одговорно за 41 отсто од глобалните смртни случаи во светот од хронични пулмонарни заболувања. Исто така, 20 отсто од луѓето поради загаден воздух заболеле од дијабетес тип 2, 19 отсто од рак на белите дробови, 16 отсто од срцеви заболувања и 11 отсто имале мозочни удари.

Отпадните води се проблем и во нашата земја. Голем дел од општинските и индустриските отпадни води се испуштаат во блиските реки, а речната вода често се употребува за наводнување на земјиштата каде што се произведува храна. Најголеми количества од ваквите води завршуваат во Вардар, околу 120 милиони кубни метри годишно. Се проценува дека во Вардар годишно се испуштаат околу 75 илјади тони цврсти честички, пет илјади тони азот и 1.000 тони фосфор. Друг проблем се водоводните системи, кај кои голем дел од цевките се азбестни. Во Битола околу 55 километри од цевките се изработени од азбест, а тој е наречен тивок убиец. Како материјал се употребувал поради тоа што бил евтин за набавка во средината на 20 век. Докажано е дека азбестот предизвикува азбестоза, рак на белите дробови и грлото, а претставува канцероген материјал од типот А, што значи дека кај луѓето предизвикува малигни заболувања и смртност. Светските здравствени организации предложиле забрана за употреба на азбест во 80-тите години на минатиот век. Забраната за производство, увоз и употреба на сите видови азбест стапи во сила во 2005 година во сите земји-членки на Европската Унија.

Почвата секако може да биде трујач на човековото здравје, бидејќи е медиум што служи како подлога за растење и исхрана на растенијата. Загадувањето на почвата има директен негативен ефект врз развојот на растенијата, а со тоа и врз целиот екосистем. Загадувањето на почвите настанува и е предизвикано од разни хемикалии што се присутни во поголеми концентрации од рамнотежните. Најчести загадувачи се токсичните материи и нафтата, исфрлањето отпад од рудниците или металската индустрија. Влијание имаат и пестицидите, хербицидите, вештачките ѓубрива, како и изградбата на инфраструктура. Некои од инсектицидите преку почвата влегуваат во водата, се вклучуваат во микроорганизмите и со тоа влегуваат во синџирите на исхрана на човекот. Можат да предизвикаат повраќање, параестезија, конфузија, како и нарушување на нервниот систем. Заштитата на почвите во Македонија е често занемарена. Загадените почви се директен извор на загадување на површинските и подземните води, како и на воздухот. Луѓето можат да бидат изложени на загадувачите на почвата преку консумирање растенија и животни што содржат големо количество почвени загадувачи. Затоа се поставува прашање до кога луѓето пасивно ќе се однесуваат кон овој многу сериозен проблем. За сѐ што може да се случи ќе биде посочен само еден виновник, а тоа сме самите ние.


Загадениот воздух го зголеми бројот на респираторните заболувања

Од НВО „Движење за здрав воздух“ предупредуваат на штетните последици од загадениот воздух и на зголемениот број болни од респираторни заболувања.
– Сведоци сме дека рапидно е зголемен бројот на болни од тешки респираторни болести како астма, бронхитис, пневмонија, грип и вирози, како и разни видови алергии. Пред 30 години секое 20-то дете страдаше од алергија на полен, а сега секое второ тешко дише поради затнување на дишните патишта и алергија на полен, поради загадениот воздух – објаснува Жаклина Атанасова од „Движењето за здрав воздух“.


Што може да предизвика загадувањето на почвата

Загадувањето на почвата може да предизвика над 200 вида заболувања, од главоболка, гадење, замор, исип на кожата, невромускуларна блокада, оштетување на бубрезите, црниот дроб, белите дробови, како и разни форми на рак. Кадмиумот и оловото се најтоксичните елементи за човекот, кој преку растенијата може да доведе до значителен ризик по здравјето, особено доколку садниците се наоѓаат во близината на индустриска или рударска област, или во радиус од еден километар од аеродром, пристаниште, депонија или железарница. Не треба да се занемарат и ефектите од канцерогениот линдан на „Охис“, кој педесет години метастазира и го труе Скопје, а познато е дека предизвикува заболувања на црниот дроб и крвта, како и оштетувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем на човекот, како и повеќе видови канцер. И претходно за „Нова Македонија“ Ненад Коциќ од невладината организација „Вила зора“ спомнуваше дека имаат цел да направат анализа на почвата, како и на зеленчукот и овошјето што се произведуваат, да преземат соодветни мерки за чистење на земјата од тешките метали што се присутни.
– Тоа што е наша голема забелешка е дека немаме никаква активност од надлежните државни институции за нивно вклучување во овој процес што треба да гарантира дека земјоделските површини во целата држава ќе станат здрави и незагадени од тешките метали што, пак, ќе придонесе за производство на здрава и чиста храна – вели Коциќ.

Текст на Нова Македонија

email hidden; JavaScript is required

Со овој текст весникот „Нова Македонија“ ѝ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

Повеќе