Тие ја сакаат омразата кон мене

Што прави феминистка за време на секс? Им досаѓа на љубовниците со муабети за родова еднаквост при промена на позите во сексуалната игра.
Сакав минатата недела да ја објавам колумнава, но паузирав поради празникот. Добро ми дојде одморот. Многумина ќе речат, ете не издржа, се врати на политички теми, но ова за кое ќе пишувам не е само политика. Иако проблемов што го сметам за многу опасен, на планетарно ниво, функционира како политичка алатка. Сепак, неговата деструктивност за брзо време ќе се пренесе на сите облици од секојдневниот живот. Мене, како уметник, посебно ме загрижува, затоа што е забеган обид за окупација на фантазијата. Да почнам! Христијанството учи, мрази го гревот, не и човекот.

Две илјади и шеснаесетта година. На американските избори победува Доналд Трамп. По улиците се разлева либералната хистерија. Поддржувачите на Хилари Клинтон се гордеат со паролата „Ја сакаме омразата кон Трамп“. Ги исфрлаат од себе најодвратните епитети за идниот претседател. Некој на социјалните мрежи заклучува дека личат на хистерична орда лудаци. Осуден е за говор на омраза.
Истото со години се случуваше кај нас. Политичари, медиуми, професори, уметници, интелектуалната бижутерија, кренаа идол за мразење. Името му беше Никола Груевски. Недостигаше само жртвеник каде што ќе го расчеречат. Толкаво количество заглушувачка омраза поддржана од светската изопачена моќ немало кај нас. Таа омраза беше промовирана како правдољубива, слободоумна и револуционерна. Истите тие хистерици, кои ја воспеваа омразата кон Груевски, сега бараат страшни затворски казни за оние што го мразат Заев. Алатката што ја користат се вика говор на омраза.

Новинарот Бранко Тричковски стана популарен по својата глупа и неконтролирана омраза. Онолкаво количество бес тешко се наоѓа кај еден човек. Него и опседнатиот од Гадаринската земја може да му позавиди. Никој досега кај нас не се расфрлал со толку омраза спрема сè што е македонско, никој меѓу јавните личности не им посакал смрт и несреќа на толку многу неистомисленици. Му врати актерот Тони Михајловски. Со една реченица. Судот не најде говор на омраза кај Тричковски. Ја најде кај Тони Михајловски. И го осуди. За говор на омраза. Среде дволичноста на судот, актерот мораше да му се извини на господарот на омразата, зашто тој ист суд му се закануваше со драконска казна за изречен збор. И Тони Михајловски се извини. Добро направи. Да бев јас, двапати ќе се извинев. Ќе му се извинев на Тричковски за да го задоволам фарисејството на судот, ќе го свртев и другиот образ пред институционалните наследници на Кајафа. Потоа ќе му се извинев на Бога затоа што сум си дозволил да влетам во конфликт со глупата омраза на Тричковски. Како и да е, идиотската алатка наречена говор на омраза беше премиерно употребена врз Тони Михајловски со намера за негово замолчување и внесување страв во коски кај другите.

Да се разбереме, јас никогаш не би го казнил ни Тричковски за неговите бесмислени и глупи коментари полни неконтролиран бес.
Не ја ни мразам неговата омраза. Мене генерално ме мрзи да мразам.
Мрази го гревот, не човекот. Не можам, од гревовната греда во моето око, ги гледам само раските на гревот во неговото.
Можеби, како стареам, ќе почне да ме мрзи воопшто да чувствувам. Стануваш нормален, ми рече внатрешниот глас. Што помалку те интересираат туѓите мисли и чувства, толку повеќе ќе можеш да се насочиш на сопствените постапки. Од нив зависи, кај ќе ти оди душата. За омразата не секирај се. Си ја доживеал врз себе. Ќе ја доживуваш и во иднина. И како туѓо чувство врз сопствената кожа. И како осуда за говор на омраза. Оти тоа сè почесто ќе го има. Говорот на омраза. Како орудие за замолкнување.

Тоа ми е целта на пишувањево. Говорот на омраза и неговата злоупотреба. Не двојните критериуми и лицемерството како што ви се виде на почеток. Тоа е веќе толку очигледно кај изопачената моќ низ светот што е перверзно да се пишува. Но, говорот на омраза како алатка е сериозна опасност што надоаѓа.
На пат сме кон Орвеловата 1984 г. Или некоја пострашна научнофантастична визија. Говорот на омраза станува сериозна опасност за слободата на размислување. И чувствување. Стана главно оружје на изопачената моќ на глобалистите против секое слободномислечко битие. Особено ако не се согласуваш со нив. Лажниве либерали, интелектуалната бижутерија, зомбифицираните хистерични активисти видоа во говорот на омраза можност да се уништи секоја критичка мисла. А таква мисла е онаа што се коси со нивната. Оти сите ние нели, имаме право на нивно мислење. Злоупотребата на говорот на омраза како средство за казнување е новата инквизициска клада за палење неистомисленици. Тоа е модерен, симболичен гулаг за изолирање на различното мислење. Гасна комора за секоја мечта што излегува надвор од униформираноста на политичката коректност, која изопачената светска моќ сака да ја наметне како животно правило. Говорот на омраза како алатка за замолчување е гилотина, која треба да им ги отсече главите на креативноста, хуморот, цинизмот, иронијата, сатирата и на критичноста.

Омразата е глупо чувство, но кој е тој судија што може да пресуди дали станува збор за вистинска омраза, напад на моментален гнев или едноставно начин на изразување, макар тоа да е вулгарност? На крајот на краиштата, тоа не им ни целта. Веќе гледаме низ светот како тоа селективно се применува. Доволно е само малку да отскокнуваш од униформираната политичка коректност наметната од моќта и естаблишментот, па уште ако носиш во себе креативна циничност насочена како критика кон нив, ете си пред нивните судови каде што ти судат за говор на омраза. Ма не можеш веќе ни малку побрутален виц да кажеш. Седат во бар црнец, педер и курва… и ете си на суд за ширење расизам, хомофобичност и мизогинија. Не дај боже да се спротивставиш или потсмеваш со догмите што тие ги наметнуваат како начин на живеење кон кој мора да се приклониш за да не се најдеш среде нивната љубов на омразата кон тебе. Тие ќе ја сакаат и шират љубовта на омразата кон тебе, ама тебе ќе ти акнат кривична за говор на омраза. Нивната омраза е слобода на говор, а твојата слобода на изразување е говор на омраза. Додека не ја воспостават сопствената униформирана просечност како орвеловска диктатура каде што слободата е ропство.

Нова Македонија

Повеќе