КОЛУМНА НА ЦВЕТАНОВСКИ: Заев ја потресе ЕУ: Мењам Нобелова за датум! Абе ајде…

Ако се’ уште се прашувате зошто Медрано и останатите им колеги ја заобиколуваат Македонија, само чујте го Заев и се’ ќе ви биде јасно. Драги мои, во земја со толку многу политички циркус, еден вистински циркус не би имал шанси за добивка. Циркусот на Заев, башка, е бесплатен. Барем парично. Чини „само“ име, историја, Устав, двојазичност…

Знаете, ја следите антимакедонската ни влада и на секои две-три недели таа ве изненадува со нова глупоштина и идиотштина. И по навика, си велите – не може подолу од ова! И пак по недела-две, си велите – е од ова, не може подолу!

Може, може, за жал, може чеда мозочно „немиени.“ Среќа што уште и ве има, за несреќа со ваква влада, но тоа е тоа.

Е сега, фатен во тесно и со резултати не нa нула туку во минус, ама длабоко, Зоки реши да ја „потресе“ Европа. Велат, земјотресот политички и општествен кој го предизвикал во Брисел се уште траел. Неформалната престолнина на ЕУ не можела да се смири, камен врз камен на место не останал по фуриозната изјава на Заев Уништувачот.

Европските политичари, буквално, не можеле да склопат очи и да спијат од стравот в коски кој им го втерал премиерот на „северната“ држава од регионот на Западен Балкан кој бил дел од Југоисточна Европа. Абе, силен траор и неверување завладеале во Брисела града по заканата на Зокија дека ќе го врател мандатот. Мрачни и загрижени биле лицата бирократски по уцената на црпнатото чедо муртинско. Очај и неверување извирале од разочараните функционери на заминување. Небаре, им чепнал во најмилото. Најавиле и дека ќе прогласат дводневна, море тродневна жалост во целата Унија. Сите членки со знамиња на половина копје ќе биле. Наголемо по ЕУ се откажувале концерти и прослави, телевизиите и радијата биле на готовс со сериозна музика за во етер. Се’ и се’ само и единствено поради изјавата на Заев дека ќе го врател мандатот кој го доби само и единствено за да го смени името…

Аха… Зборуваме ли за истиот оној мандат за кој по фингираниот избор на Таљо падна крв на 27 април и албанска химна в Собрание се запеа? Оној мандат кој Зоки го доби по кршењето на Уставот, деловникот и нелегитимниот избор на спикерот по кој дузина македонски синови завршија со драконски, идиотски и ненормални казни зад решетки?

Оној мандат поради кој некој ја „измисли“ Тиранската платформа која требаше да го набрка ВМРО од каква било коалиција со Албанците, платформа која беше само во главите на „немиените“ и која, во меѓу време, 98 отсто се исполни?

Мандатот за кој Зоки даде гаранции за унитарност на државата кај Иванов, за да потоа истите ги прекрши и да и го смени името и Уставот на истата?

Да, мандатот кој никогаш не требаше ни да го добие, оти не ни победи на изборите, сега Зоки го користи за закана врз истите оние кои и го донесоа таму каде што не требаше ни да биде… А ако не дале датум, за да се оддржи на власт, тој ќе дал оставка и ќе дошле „националистите“?! Уууууу, сака да каже – ќе дојде ли некој кој си ја сака нацијата, државата, историјата, го цени Уставот? Некој кој на исполнува „оком-скоком“, некој кој не менува се што некој друг ќе посака? Ќе дојде некој со скрупули и со национално чувство, за промена? Навистина страшно. Башка и Заевски издржано, нели.

Комуњарска патетика, ама пуштена на НАЈЈАКО…

И за да Меркел, Макрон, Јункер и компанија уште повеќе се загрижат и нови ноќи не проспијат, Заев им го дозбибери муабетот со нова пикантерија. Верувале или не (а нему за жал никој ништо никогаш и не му верувал, освен дека без проблем ќе го смени името), но Зоки во интервју се откажа не од една туку од две Нобелови награди, само за да „милата“ му држава добие датум за преговори со ЕУ! Аууууу, колку трогателно и пожртвувано од Зокија, човекот кој направи милиони во и од Македонија, сега за Северна ќе се откаже и од Нобелова, се’ за добробитта на нацијата која ја извесла, распродаде и изиритита до бескрај и за државата на која и го смени името и ред други работи?! Да, ама тоа се било за добро и просперитет на саканата му земја?!

Алооо, Зоране, да чувствуваше нешто кон оваа земја и овој народ напатен немаше да го направиш ова што го стори во изминатите две години. Зарем се’ уште верува дека освен два-триесет невработени деца и роднини ала Мира Дизел и сличните и по дејанија, некој мисли дека тој посакува добро за Македонија и народот?

Башка, видете ја луцидноста во муабетот дека ќе се откажел дури и од Нобелова награда?! Гарант и во трето лице еднина тоа го изјавил. А нит ја добил, нит ќе ја добие, го предложиле Риѓаните за да ја замачкаат шарената јавност, а тој веќе се откажува од неа за иднината наша? Колку благородно, аман Зоки, не се жртвувај за нас, те молиме, немој…

Мислам дека на македонскиот народ му е преку глава од новата епизода на најновата премиерска пародија во изведба на Муртинскиот театар „Лева рака, десни џеб“. Не поминува, нема проѓа, ама ич…

Неофицијално, група бапчорки веќе е на силни и 24-часовни подготовки во соседното село Моноспитово за да наголемо и најгласно ја изнатажи оставката на Зокија. Од друга страна, Заев морал да вети дека нема да покажува радост, ќе престане да лажира и да се прави моторџија и ќе го оставел в гаража најновиот мотор БМВ 1.6, кој чини 50-60 илјади. Не му било лесно да се откаже од новото елитистичко милениче, но ветил дека ќе го брчи само во гаража и дека нема да се преправа во бајкер. Маки…

Од друга страна, наеднаш и на изненадување на сите – Меркел, Макрон и компанија се смириле и ги откажеле деновите на жалост во земјите членки на ЕУ, намеенети поради Зокиевата оставка и враќањето на мандатот.

Ги смирил Таљо, лично и персонално. Им шепнал преку дипломатски канал од ридот дека се’ било дел од играта, дека Зоки во замена ќе го смири Ел Чека, а Али преку Таљо пак ќе му го врати „вратениот“ мандат. На крајно загрижените и во траор паднати Европјани, дезертерот и спикер Таљо им открил и дека тоа, всушност, ќе била и „метлата“ на Заев.  Велат, дека силно им олеснало и оти насмевката повторно се вратила на нивните намуртени од Зокија лица. Тежок камен им паднал од плеќи. Ууууууф, воздивнала ЕУ, Зоки останува. Нирвана, повторно завладеала во Брисел…

Сега, по кам-бекот, Зоки ќе формирал нова Влада со два-тројца сменети министри, така ќе му дал и алиби на Алија да смени некој од неговите, а да не загуби од кредибилитетот, кој и онака одамна го немал.

Сценариото било едноставно – Зоки испаѓа „херој“ кој враќа мандат (па случајно го добива пак), Али „по свои услови“ менува министри (и добива МВР и Социјала), а „новата“ влада со „нови“ сили продолжува да ги тера Преспанскиот и бугарскиот договор, двојазичноста итн. Стево, пак, ќе се „убиел“ од потпишување, на раат. Чистка, почистка, здравје. Абе, катарза на Илинденска бр. 2. Глупости…

Единствено, реално ново нешто во целата прикаска ќе биле новите тендери. А тие, знаете кој ќе ги добие… Уште „поединствен“ проблем е што некој мисли дека некој, се вика народ, „пие нафта“ и други деривати.

Аман бе дечки, сега наместо со недобивање датум по тоталната распродажба на националното која опортунистички требаше да резултира со некаков влез во ЕУ, јавноста и „професионалните“ новинари ќе се занимаваат со „оставката“ на Зокија, па со „новата“ Влада, па со „новите“ министри, програми, па ветувања, па лажги со опашки итн. итн. итн.

Се’ ќе беше „у реду“, да не беше оној ТОНЧ. Одговорот на се’ што сте направиле, колку вредите и што ве чека, кој, сепак, е многу едноставен. Башка, поачик, здравје. Го добивте во понеделникот, 3-ти јуни 2019-та, на плоштадот чие име се срамите да го изговорите. Да, се вика Македонија, исто како и нашата држава, а тоа со страната на светот знаете каде можете да си го набиете.

Е таму, симболично на плоштадот со вистинското и вековното име на државата, тој прекрасен народ собран за една уште попрекрасна работа, кажа што мисли. Баталете изолираните викања кои така класично комуњарски ги искористивте за да ја укаљате македонската гала вечер, не ви успеа. Да, си „кажавте“ и вие што од пусти страв (а има и зошто) не се појавивте. Е таму падна вистинската катарза, реално и толку потребното прочистување на душата македонска, на страна со победа.

Затоа, баталете спинови, извртувања, метли и оставки. Метлата е подготвена. Башка, кај народот е.  Кај и да е, ќе ве измете, заедно со вашата северна идиотштина…

ДЕНЕШЕН.МК

Повеќе