МЕРКЕЛ: Нема датум за Македонија во ЕУ

Германската канцеларка Ангела Меркел се изјаснила негативно по желбата на Европската комисија за брзо давање датум за преговори на Македонија за приклучување во Унијата, пренесува „Дојче Веле“, повикувајќи се на германскиот весник „Зиддојче цајтунг“.

Во него се открива дека на седница на Комисијата за европска политика на Бундестагот, канцеларката Ангела Меркел ставила јасно до знаење дека одлука за датумот за преговори на Македонија за приклучување во Европската унија би можело да се донесе „најрано во октомври“.

Ваквиот став на Меркел и позициите кои вчера ги изнесе премиерот најавуваат изборна есен во Македонија.
Премиерот рече дека ако доделувањето на датум за преговори се одложи по летото, тогаш во игра се предвремени парламентарни избори.

Доколку премиерот се реши за предвремени избори на крајот на јули, тогаш потребно ќе биде 100 дена пред изборите владата да ја води технички премиер на предлог на власта, а опозицијата да добие министри во неколку клучни ресори како МВР, информатичко општество, труд и социјала и земјоделие.

Сепак, покрај предвремени избори, во игра е и враќање на мандатот кај претседателот Стево Пендаровски и комплетно нова процедура за избор на нова Влада доколку се разбира, премиерот го задржи апсолутното мнозинство во Собранието, особено ако се има предвид дека самиот тој се пожали во Брисел дека без датум за преговори, поддршката во Собранието е доведена под ризик.

Република.мк

Повеќе