Одбележана 18-годишнината од загинувањето на младите македонски бранители, Атанас Јанев од Струмица, специјалец во ПЕП, и Кољо Китанов од Сарај

Загинаа во воениот конфликт во 2001 година, млади на 19 и 25-годишна возраст, денеска одбележување за спомен во нивна чест

Превземено од Струмица Нет

Пред Споменикот на загинатите бранители на булеварот „Маршал Тито“ во Струмица, денеска беше одбележана 18-годишнината од загинувањето на младите македонски бранители, Атанас Јанев од Струмица, специјалец во ПЕП, и Кољо Китанов од Сарај, приправник на АРМ на отслужување на редовниот воен рок, учесници во воениот конфликт во Република Македонија во 2001 година.

За двајцата бранители Атанас, кој загина на 25-годишна возраст и Кољо, на 19 години, говореше началникот на СВРСтрумица, Танчо Пројковски.

„Нашата благодарност кон нивното дело секогаш ќе биде премала во споредба со нивната саможртвеност, втемелена во иднината на својата татковина. Знам дека никогаш целосно не можеме да им се оддолжиме на луѓето кои ги дадоа своите животи за Македонија, но можеме и мораме да им оддадеме почит и засекогаш да се сеќаваме. Нашето присуство овде, пред спомен обележјето во чест на загинатите бранители од Струмица е најголема потврда дека имињата на нашите Кољо Китанов и Атанас Јанев, не се и никогаш нема да бидат заборавени. Сеќавањето на деновите од воениот конфликт е сеќавање на времето на хероите, сеќавање на деновите на македонскиот непокор, гордост и слава“ – рече во своето обраќање началникот Пројковски.

Пред споменикот на бранителите свежо цвеќе положија членови на семејството на Атанас Јанев, на семејството на Кољо Китанов, претставници на Советот на општината, претставници на Секторот за внатрешни работи од Струмица и Скопје, здруженија и граѓани, а членови на Домот за деца и млади „Благој Мучето“ изведоа рецитал за бранителите.

Кољо Китанов е роден на 2 септември 1981 година во струмичкото село Сарај. Кољо во себе носеше комитска крв и беше патриотски настроен. Неговиот прадедо бил соработник на Даме Груев и сведок на неговото убиство кај Петлец, близу Русиново, беровско. Неговиот дедо Јаким Китанов за време на Втората светска војна активно се борел против балистичките чети на Шар Планина, каде што неговиот внук ќе загине во 2001 година. На 6 јуни 2001 година, Кољо е убиен од терористичка банда во близина на тетовското село Гајре, заедно со неговиот старешина, водникот Исак Руфати. Беа пречекани во заседа и изрешетани во военото „пик-ап“ возило со кое носеле храна до своите колеги на Шар Планина.

Атанас Јанев е роден на 23 август 1976 година во Струмица. Неговата фамилија потекнува од струмичкото село Мокриево. Во детството секогаш сакал со постарите да муабети и да слуша за минатото на својот народ и земја. Уште тогаш го имал патриотскиот дух. При секое минување низ градскиот плоштад, застанувал и се поклонувал пред споменикот на Гоце Делчев, не претпостувајќи дека и самиот ќе го прифати татковинскиот позив и ќе замине на бранителската задача. Премногу го почитувал и споменувал ликот и делото на Гоце Делчев. После полнолетството, Атанас имал силни желби да и служи на татковината и да се приклучи во специјалците. Откако е вработен како полицаец, тој брзо напредувал и станал припадник на струмичката Посебна единица на полиција. Кога започнал воениот конфликт во 2001 година, го прифати татковинскиот позив и останаа достоен и верен на заклетвата. Неколку месеци пред да почне војната во 2001 година, во декември 2000 година тој стапил брак со неговата сопруга Зорица, која веќе била бремена и очекувале прво дете. Атанас не доживеа да си го дочека и да го фати во раце своето чедо, кое денес го носи и неговото име, Атанас, има 18 години и присуствуваше на денешниот помен во чест на неговиот татко. Атанас Јанев загинал во битката за Арачиново на денешен ден, 23 јуни 2001 година.

Фото:Струмица Нет

Повеќе