Огнен Јанески: Вие мене најблиското – семејството, а јас вам најљубеното – парите и функциите

Во статус на Фејсбук, Огнен Јанески, кој неодамна си поднесе оставка од позицијата глаен и одговорен уредник на телевизијата 24 вести, вели дека некој во власта чепка, копа и ровари кон личното, семејното, најблиското, само поради локални, селски и кооперациско-шерифски политики на анонимуси.

Никогаш нема да зажалам за километрите изодени по протести и за спринтовите истрчани поради бесни „желки“ и полицајци кои ме бркале и ме тепале по улици само затоа што сум сакал да се променат нештата и сум успеал во тоа. И повторно би го правел тоа! Нит ме интересира кој е на власт – нит ме интересира кого познавам од тие што се или биле на власт. Во претходната имав роднини и блиски пријатели, а во оваа само пријатели, без роднини.

Но, се’ тоа ќе заборавам за миг, штом ми чепкате, копате и роварите постојано кон личното, кон семејното, кон најблиското, само поради локални, селски и кооперациско-шерифски политики на анонимуси изветвени уште пред да го видат Сонцето. Вие мене најблиското – семејството, а јас вам најљубеното – парите и функциите. И повторно ќе ве победиме. И вие ќе паднете. И следните ќе паднат. Се’ додека не се научи некој дека оваа крава молзница не може млеко да дава постојано за истите, а на мнозинството да им го шутира копитото.

Можете до утре да ни прекинувате струја и да ни сечете цевки за доток на вода со надеж дека ќе ја уништите уметноста и културата, но, тоа не значи дека некој ќе не’ уплаши. Уплашени сте само вие, зашто сте нискофреквентни, неизреализирани, мали луѓе, напиша Јанески.

Повеќе