Официјално пуштен во употреба автопатот Миладиновци-Штип


Автопатот Миладиновци  – Штип денеска официјално беше пуштен во употреба со церемонија кај Свети Николе во присуство на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен.

-Оваа нова автопатска врска Миладиновце-Свети Николе-Штип е исклучително важна за рамномерниот регионален економски развој. Се обезбедуваат услови за поефикасен и побрз транспорт на стоки, производи, луѓе, што е многу важен предуслов инвеститорите да ја мапираат земјата како стабилна и долгорочна бизнис дестинација која нуди услови за сигурност и мултиплицирање на нивниот профит, рече премиерот Заев.

Ова модерно автопаско решение, додаде, го спојува централниот дел на  Македонија и главниот град Скопје, со целиот источен регион. Граѓаните, рече Заев, добија модерно автопатско поврзување и можност побрзо да пристигнуваат до повеќе точки во источниот дел на земјата.

-Овој автопат останува во посед на идните генерации. Патот ќе се плаќа од граѓаните на  Македонија. Десет отсто како учество на Јавното претпријатие за државни патишта, а 90 отсто сите ние даночните плаќачи ќе го враќаме кредитот што е поволен за вакви инфраструктурни проекти. Овој модерен автопат е лице на новата, модерна Северна Македонија, рече премиерот Заев.

Информира дека ЈП за државни патишта планира пошумување на косините на автопатот со 600 илјади садници багрем на површина од 30 хектари.

Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов во обраќањето на денешнто свечено пуштање во употреба на новиот автопат истакна дека на ваков начин се поврзува централниот дел на државата со источниот, а оти преку изградбата на новите експресни патишта Штип-Кочани и Штип-Радовиш побрзо ќе се поврзат градовите Струмица, Радовиш, Кочани, Берово, Делчево и другите градови од источниот и југоисточниот дел на државата.

-Вкупната должина на автопатската делница изенсува 47 километри со два коловози, со ширина на коловозот од 10,7 метри, со две возни ленти и лента за застанување со разделен појас од четири метри меѓу двата коловози. Вкупната дебелина на асфалтниот слој изнесува 19 сантиметри. Овој автопат има седум клучки кај Миалдинвоци, Средно Коњаре, Преот, Свети Николе-север, Свети Николе-југоисток, Кадрифаково и Три чешми. На автопатот има пет големи вијадукти, еден голем мост на река Пчиња, уште неколку помали моста, 13 натпатници, 35 потпатници и повеќе од 146 плочести цевасти пропусти, рече Китанов.

Градежните активности на автопатот Штип – Миладиновци се одвивале вкупно 4 години и 8 месеци, од мај 2014 до декември 2018 година, при што најголем интензитет на градење се случувал во периодот од 2017 до 2018 година. На оваа автопатска делница првично имала вредност од 226,7 милиони евра, но направена е заштеда од 44 милиони евра со што овој автопат е реализиран со вкупно 177,3 милиони евра.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески истакна дека автопатот Миладиновци-Свети Николе-Штип е крупен капитален проект кој ќе придонесе за економски раст на државата, а особено ќе го зајакне источниот регион како дел од Паневропскиот Коридор 8.

-Новиот автопат е од особена важност за регионалното поврзување со соседните земји како дополнителен импут за нашите евроитнегративни процеси, рече Сугарески.

Тој забележа дека визијата на оваа Влада е да се инвестира во модерна патна инфраструктура, а во  источниот регион се инвестирани перку 100 милиони евра во изградба на нови експресни патишта и реконструкција на регионалните магистрални патишта. Тој најави дека во следниот период ќе се подигне безбедноста на патиштата на едно повисоко ниво.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека кога дошол на функцијата најголем предизвик му било да се забрза изградбата и да се отстранат сите препреки за квалитетна изградба на автопатот.

-Кога го гледам резултатот не можам да ја сокријам среќата дека успеавме да изградиме квалитетен автопат по светски стандарди кој овозможува безбеден и брз транспорт. Особено ми е важна безбедноста на нашите граѓани, рече Анѓушев.

На денешното свечено пуштање се обрати и амбасадорката на Република Кина Лисјен која најави дека одобрен е евтин кредит и за изградба на автопатот Кичево-Охрид. Се заблагодари на сите вработени во кинеската компанија „Синохидро“ и на македонските компании кои учествува во изградбата на автопатската делница Штип-Свети Николе-Миладиновци.

-Изградбата на инфраструктурата е основа за зголемување на поврзувањето, развој на економијата и за зголемување на животниот стандард. Автопатот Штип-Миладиновци ќе ги подобри сообраќајните услуги во земјава и ќе допринесе за развој на трговијата и туризмот во населените места покрај автопатот, рече Лисјен.

Во автопатската делница, долга 47 километри се вложени 177 милиони евра, и по неа се вози од пред еден месец, со соодветна сигнализација.

Автопатот е широк 27,4 метри, има четири ленти од 3,75 метри и две ленти за застанување од 2,5 метри. Проектираната брзина е 130 километри на час. По должината на автопатот има седум клучки. Летово, според најавите, ќе се градат планираните две патарини на автопатот, кај Кадрифаково и кај Свети Николе. Долж автопатот е поставена челична одбојна ограда, мрежа за заштита од животни, оптички кабел, звучни бариери, службени премини.

 

Изградбата на автопатот ја почна претходната Влада, во февруари 2014 година и според проектот и плановите тој требаше да биде готов до март 2017 година. По промената на власта надлежните институции соопштија дека има бројни пропусти во изградбата и незавршени активности, по што беа склучени два анекса на Договорот за изградба со изведувачот кинески „Синохидро“.


ТВ СИТЕЛ

Повеќе