Венко Андоновски – Револуција и филозофија

Маркс тврдеше дека секоја револуција е остварување една филозофија. Нему не му беше блиска наивната идеја, омилена кај народот, дека револуцијата е хаотичен изблик на долго таложен класен и колективен гнев. Можеби гневот и незадоволството од постојниот свет се гориво за остварување на планираната филозофија што стои зад револуционерното движење, но филозофијата е таа што ја дава сликата на новиот, посакуван од револуционерите свет. Без таа слика, револуцијата би се претворила во хаос. Филозофијата е таа што прецизно го скицира револуционерниот идеал што треба да се оствари и поствари. Идејата треба да стане стварност, зборовите – дела. Тоа е суштината на секоја револуција. За таа идеја умирале и умираат револуционерите. Таа идеја дека една филозофија може да стане стварност, ДА СЕ ЖИВЕЕ РЕВОЛУЦИЈАТА, е само варијанта на идеалот на античките филозофи (пред сè на Сократ) – да го живеат она што го проповедаат како филозофија. Затоа и романтичарите во уметноста се доживуваат како силно револуционерно движење по однос на претходниците.

Романтичарите тврдеа дека исто е да се живее и да се пее, односно во нивната омилена дефиниција на поезијата – да се умира и да се пее, зашто животот треба да се положи во име на уметноста, како врвен идеал, како филозофија што треба да се оствари. Да ги живееш своите песни – тоа беше врвното начело на романтичарските поети.

Но додека кај романтичарите нивната „филозофија“ беше поезијата, а секоја поезија мисли во конкретни слики и чувства, кај идеолошките револуции, филозофијата што треба да се оствари мисли во поими. Поимот, пак, подразбира исклучување на чувствата, на субјективитетот и индивидуалноста. Поимот е генерализација, а не конкретна слика. Филозофското мислење, како мислење во поими, според тоа, не може да има ништо заедничко со емоциите. Како тогаш револуциите (како остварување филозофии) претставуваат пред сè изблик на масовни, колективни чувства? Револуционерни лица избезумени од гнев додека го забиваат глоговиот колец во срцето на непријателот, револуционерни лица оклештени и разобличени од среќа кога ќе се прогласи победата, лица деформирани до непрепознатливост во масовната обожавачка хистерија кога водачот поминува покрај геометриски беспрекорно подредените воени единици или покрај народ насобран во парадна процесија? Од каде тој вулкан на емоции при остварувањето на најстуденото нешто на светот – зградата од поими што се вика филозофија? Дали е тоа радост од самата помисла дека идејата може да стане стварност, дека теоријата може да стане практика, дека е на дело ДЕМИЈУРГИЈА, речиси божествено создавање еден нов и подобар свет? Или е само радост дека ќе се остварат најприватните, лични желби и ПОТРЕБИ?

Се разбира, јатката на секоја револуција е убедувањето дека судбината на човекот е во неговите сопствени раце; нема потреба од вера во натприродно и Бог, зашто човекот е хомо фабер, самиот е ковач на сопствената судбина и среќа. Затоа револуцијата и побожноста не одат заедно. Затоа и револуцијата е пролевање крв, со силна убеденост дека тоа пролевање не е злостор, туку највисок чин на делење земна правда. Сите овие нешта се косат со убедувањата за еволуцијата, која е сепак поблиску до религијата, барем поради вербата дека еден космички интелигентен дух раководи со нескоковит развој на сите нешта.

Но ако револуцијата е остварување една филозофија, тогаш со право можеме да се прашаме која и каква филозофија стоеше зад она што во нашите медиуми се нарекуваше (и уште се именува) како „шарена револуција“. Судејќи, според сегашните сè погласни незадоволства на самите шарени револуционери, кои не го добиле она што им било ветено – станува збор за обична филозофија на прагматизмот, која се сведува на мотото „фрлај боја, застани во ред за вработување“. Знам за некои детали околу најавеното, а неостварено поставување млади „револуционери“ за директори на чело на некои културни институции, кои потоа разочарано констатираа дека некој им се „уфрлил во редот“, а воопшто немал „револуционерен стаж“, туку дошол на тоа место, замислете, „само“ поради професионални квалитети! Таквата „филозофија“ не е филозофија, туку паланечко размислување во конкретни, сетилни слики за брзиот и без труд постигнат успех. Тоа е филозофија не на остварување некоја општокорисна идеја, туку на нејзино наплатување и претворање во лична материјална корист. Тоа е паланечки нарцизам, кој смета дека револуционерното фрлање боја и летоци е многу поважно за државата одошто чесниот труд на еден чевлар што денес залепил 10 рала чевли, и со тоа придонел нешто конкретно за својата држава, иако немал време да шета со кофа боја по плоштадот.

Само колку за илустрација: имав чичко што по големата комунистичка револуција заглави на Голи Оток. Веруваше целосно во идеалите на комунизмот. Кога по враќањето од Голи Оток му ја вратија партиската книшка, се чувствуваше како човек што одново ја нашол смислата на животот. На прашањето дали невин заминал на Голи Оток, одговараше: „Сигурно сум ги предал идеалите на револуцијата штом сум се нашол таму“. Таков опиум од филозофијата на една револуција веќе нема. Денешниве револуции се само „административни“. Педијатрите најпрецизно го определуваат значењето на зборот „административно“ (во оваа смисла во која јас го употребувам). Кога говорат за „административен плач“ кај бебето, тие велат дека тоа е оној плач кога детето не плаче од болка, туку поради незадоволена желба („кенка“). Само симулира плач, додека нешто друго не му го привлече вниманието.

Но дали грешам? Дали можеби зад нашата „шарена револуција“ стоеше некоја друга, покрупна филозофија, освен прагматизмот на единката? Да не стоеше можеби филозофијата на глобализацијата? Сигурен сум дека оваа филозофија на глобализацијата ја усвоија сите оние политички актери во државава што како водачи на револуцијата драстично се зафатија со „вмрежување“ на државата во современиот свет – во прв ред, во НАТО и ЕУ (второво повеќе како копнеж одошто како реална можност). Но не сум убеден дека „револуционерите од масата“ што најдоа (или не најдоа) ветено вработување во институциите на системот, како плата-вратка за своите заслуги, мислеле на некое поопшто добро од своето, кое глобализацијата би им го донела на сите граѓани, без разлика на „револуционерната“ или „нереволуционерната“ политичка ориентација. Да беше поинаку, немаше да бдеат над секој што има различно мислење и кој се заканува да им ја загрози синекурата дадена (ветена) од револуцијата.

Затоа, да прекинеме со мистификацијата дека сме имале револуција. Да се отрезниме: да имавме вистинска револуција, сега ќе владееше поинаква, нова филозофија, која ќе покажуваше дисконтинуитет по однос на претходната. Вака, ја имаме оваа веќе позната и стара „филозофија“ – партијата како завод за вработување. Толку.

Венко Андоновски

Колумна за Нова Македонија

Повеќе