Усвоен предлог-закон за основното образование


На предлог на Министерството за образование и наука, на денешната владина седница е усвоен текстот на предлог-законот за основното образование, кој ќе биде доставен на усвојување во Собранието.

– Донесување на нов Закон за основното образование е со цел за квалитетно уредување на условите и постапката за основање, статусните промени и престанок на основните училишта, нивната дејност, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на основното образование, уредување на воспитно образовната дејност на основното образование, управување, развој и финансирање на основното образование, правата и обврските на учениците, родителите, наставниот и друг кадар во основното образование, уредување на правата на учениците со посебни образовни потреби и надзорот над работата на основните училишта – соопшти Владата.

Во новиот предлог закон е вклучена и сеопфатна стратегија насочена кон инклузивен образовен систем за сите ученици со попречености.

На денешната седница е усвоен и до Собранието ќе биде доставен и предлог-закон за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, кој има за цел да се обезбеди услови за постојано професионално усовршување на наставниците и стручните соработници како и овозможување на нивен кариерен развој за целиот работен век на наставниците и стручните соработници. Со овој предлог закон преку професионалниот и кариерниот развој на наставниците и стручните соработници ќе се зголеми нивната мотивација, а и ќе се подигне квалитетот на воспитно-образовниот процес во нашата држава.


Нова Македонија

Повеќе