Анѓушев: Имаме нови 48 илјади вработувања во реалниот сектор

Има нови вработувања од кои 48 илјади, се во реалниот сектор. Она што можам да го најавам е дека ни следува мошне сериозна економска офанзива, имаме многу планови, дел од нив веќе се реализираат, меѓутоа еден дел ќе бидат пуштени во реализација од оваа есен и очекуваме да дадат сериозен импакт врз економското живеење во нашата држава, истакна вечерва вицепремиерот Кочо Анѓушев во интервју за МТВ.

Тој осврнувајќи се на веќе постојните политики нагласи дека Планот за економски раст дава резултати и дека бројките тоа го потврдуваат.

Во овој период, потенцира, се разрешија проблемите со енергетиката, се донесе Законот за енергетика, тоа беше едно прашање што долго време стоеше, се отворија нови процеси, во моментот тече тендер за фотоволтаици, процеси за инвестирање во ветерници, ХЕЦ Чебрене, Галиште, што сега веќе стануваат реални.

Сето тоа го овозможи Законот за енергетика, а тоа беше сериозен закон што го тангира практично секој граѓанин во нашата држава, без разлика дали се работи за електричната енергија, дали се работи за нафта или нафтени деривати или било кој друг енергенс. Би потсетил само на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, каде што направивме една сериозна политика или еден сериозен импакт врз индустријализацијата на државата, што и дава резултат, бидејќи во моментот се градат триесетина фабрики во нашата држава, но и над 300 македонски компании се потпомогнати што не беше случај претходно. Направивме исчекор за сериозна помош за економијата и таа дава резултати, рече Анѓушев.

Според вицепремиерот, резултатите не можат да се случат преку ноќ. Тој истакна дека процесите се отпочнати и дека допрва граѓаните ќе ги почуствуваат ефектите од нив.

Тоа не можеше да се случи преку ноќ или да се види во првата година, но сега веќе, по две години се гледаат резултатите. Имаме раст во индустриското производство, во извозот, вработувањата 50.000 лица, 48.000 во реалниот сектор. Значи, политиките даваат резултат. Практично, тоа е визија – да направиме реална економија, ориентирана кон приватниот сектор, кон оние што ќе обезбедат долгорочна стабилност. Ако како Влада правиме проекти за брз раст на економија, со кредити и проекти, тие проекти ќе завршат. Ќе имаат импакт и виртуелно, имаме раст, но што кога ќе завршат проектите? Тие пари треба да се вратат. Што потоа? Ќе имаме покачување и паѓање на економијата. Но, ако економијата расте врз основа на реалната економија, приватниот сектор, тогаш таа вклучува повеќе субјекти, а од друга страна, имаме долгорочен раст на економијата, бидејќи сите тие компании се очекува да растат. Некои од нив можеби ќе пропаднат, но повеќе ќе растат, додаде Анѓушев.

 

Republika.mk

Повеќе