Димитров: Слободата на медиумите е мајка на сите слободи

Делегација на Владата составена од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на покана на Владата на Велика Британија, денеска и утре престојува во работна посета на Лондон.

На првиот ден од Конференцијата за слобода на медиумите, шефот на владината делегација, министерот Димитров, се обрати на панелот „Слободата на медиумите во Западен Балкан и нови начини на работа“, на кој заедно со британскиот министер за Европа и Америка, Алан Данкан и претставници на медиумите и на граѓанскиот сектор од регионот на Западен Балкан дискутираа за предизвиците со кои Регионот се соочува во сферата на медиумите.

Димитров се осврна на промените и конкретните мерки кои Владата ги презема во поглед на подобрување на слободата на медиумите, преку зголемена транспарентност и отчетност кон медиумите и кон граѓаните, креирање услови за работа на медиумите во слободна и компетитивна средина преку отворената и критичка политичка дебата и зајакнато критичко медиумско известување.

Како што информираат од ресорното министерство, цитирајќи го американскиот државник Адлај Стивенсон дека „слободните медиуми се мајка на сите слободи и на нашиот напредок во слободата“, Димитров потенцирал дека Владата ќе продолжи одговорно да работи на креирање услови за слободата на медиумите, но ја истакнал и одговорноста на новинарите и на уредувачките совети да работат согласно професионалните и етичките стандарди.

НОВА МАКЕДОНИЈА

Повеќе