Режим на капитулации!

Страшо Ангеловски

Режим на капитулации!

Договорите што европските држави и САД ги потпишувале со нехристијанските држави заради воспоставување посебни гаранции за личната и имотната безбедност на своите државјани, се нарекувале „Капитулации“. Тргнувајќи од нивното сфаќање дека одредбите од меѓународното право се применуваат само помеѓу државите од “европската цивилизација“, со вакви договори,државјаните на европските сили се изземани од законите и власта на “нецивилизираната“ држава и ставани под јурисдикција на Конзулатот на државата од која доаѓаат. Нерамноправни по својата природа, ваквите договори ги ставале странците во привилегирана положба, а на државата која успеала на некоја земја да и го наметне „режимот на капитулации“, и отворале можност за политички и друг притисок и мешање во нејзините внатрешни работи.

За прв договор со кој е воспоставен режимот на капитулации се смета Француско–турскиот договор од 1535 година. Во годините и вековите што следат, вакви договори со Отоманското царство потпишуваат и останатите европски христијански држави. Вакви договори и режими на капитулации  се воспоставени и со Мароко во 16-от, Тунис во 17-от, Иран во 18-от, а со Кина и Јапонија во средината на 19-от век.

За да им биде појасно на читателите, државите кои се протегале на север и запад од Австроунгарско–турската граница, а кои припаѓаат на западното христијанство, но и тогашна царска Русија, која со принцези од западнохристијанските царства како невести за руските цареви, ја врзувале за себе, биле државите кои наметнувале вакви договори на државите кои се наоѓале под власта на Отоманската империја.

Па така, режимите на капитулација, по основ на договорот склучен со Високата Порта во Цариград, се применуваат се до 1878 година (Берлинскиот конгрес) во Србија; до 1882 година (формирање на окупациските судови) во Босна и Херцеговина; до 1912 година во Македонија, а во Бугарија се до крајот на Првата светска војна во 1918 година.

Јапонија, на пример, е ослободена од ваквиот режим во 1899 година, за Турција ваквиот режим е укинат со Договорот од Лозана, од 1923 година, за Египет со одлуката на Конференцијата од Монтре од 1937 година, додека во Кина режимот на капитулации останал на сила се до 1943 година.

Интересно е што, сметајќи ги за империјалистички режимите за капитулации, тогашниот СССР, веднаш после Октомвриската револуција, се откажал од сите привилегии кои по тој основ ги уживала царска Русија. Оттогаш, западните демократии ја исклучуваат Русија од друштвото на државите од “европската цивилизација“.

Зошто е интересно сето ова, а посебно за Македонија?

Прво,затоа што сите европски држави отвориле свои конзулати во Битола, како центар на тогашна Македонија, кои конзулати се грижеле за правата и безбедноста на животите и имотот на нивните државјани на територијата на Македонија. Не конзулатите од Атина, Софија, Белград или Тирана, туку токму конзулатите од Битола имале јурисдикција за своите државјани на територијата на Македонија.

Второ, тоа на што треба да го научат Борисов, Захариева, но и Димитров и Заев, е дека договорот за режим на капитулации за Македонија престанува да важи во 1912 година, а за Бугарија во 1918 година. Ова,заради заедничкото празнување на заедничката историја.

Трето, затоа што со ваквите договори, “цивилизираните“ западнохристијански европски држави исцртуваат јасна граница меѓу нив и остатокот од “нецивилизираниот“ свет. Нешто што формално правно повеќе не постои, но е повеќе од очигледно од односот на тие исти “цивилизирани“ држави, денес обединети во Европската Унија, кон “нецивилизираната“ и нехристијанска Турција и “нецивилизираниот“ и, според нив, нехристијански западен Балкан. Границите што, на пример, “цивилизирана“ Франција од 1535 година ги воспоставува меѓу “цивилизираните“ и “нецивилизираните“ држави, е онаа истата што 5 века подоцна ја воспоставува Франција на Емануел Макрон. Она што било нивно сфаќање тогаш, дека одредбите на меѓународното право се применуваат само помеѓу државите од “европската цивилизација“, продолжува да важи и денес, преку нивното воведување на двојните стандарди во меѓународното право кога станува збор за “нецивилизираните“ држави на Балканот, на што сме сведоци веќе три децении.

Погледнато вака, станува јасен предлогот на поранешниот шеф на ЦИА за Балканот, Стивен Мајер, кој вели дека Србија треба да се откаже од Косово и од Прешевската долина и да се формира голема Албанија, а за возврат да ја добие Република Српска и источниот дел на Македонија, во некаква федерација по примерот на онаа на Србија и Црна Гора, па како таква би имала отворен пат кон Европската Унија. Тогаш, според американскиот стратег, надвор од друштвото на државите од “европската цивилизација“ би останале само нехристијанска Турција и нехристијанска голема Албанија.

Ова истото можете да го сретнете и во плановите на некои од германските стратези, само што, во нивните “визии“ источниот дел на Македонија би требало да се припои кон Бугарија, што би било можно само после официјалното зачленување на Македонија во НАТО.

За жал, во обете геостратегиски “визии“, поделбата на Република Македонија изгледа како неминовност. Сите потези на таканаречената меѓународна заедница го покажуваат токму тоа веќе со години наназад. Единствен кој може да се спротивстави на последниот обид за бришење на македонската држава е македонскиот народ. Оној народ врз кој на сите начини се врши притисок да го прифати бришењето на сопственото постоење. Перманентен притисок од надвор, но и се позасилен притисок однатре. Народ кој мора да се спротивстави изведувајќи револуција во сопственото размислување. За да може да ја изведе на улиците заради опстанок на државата. Затоа, секој наш пишан збор треба да биде токму во насока на подготовка на народната волја во тој правец. Во обидот да се разјаснат некои работи, овој текст нека биде скромен придонес во таа насока. Во насока на подготовка.

(Авторот е претседател на МААК)

https://denesen.mk/kolumna-na-angelovski-rezim-na-kapitulacii/

Повеќе