Децата колатерална штета од неплаќањето алиментација

Проблемот со издршката на децата на разведените родители најчесто е проследен со изигрувања на законите, со намера еден од родителите да ја одбегне обврската, но иако поради тоа може да се заврши и во затвор, искуствата на адвокатите велат дека тоа речиси никогаш не се случува

И покрај тоа што постои законското решение за неплаќање алиментација за дете, со кое се предвидува дури и затворска казна за родителот што одбива да плаќа, таквата неодговорност најчесто поминува со условна казна, а товарот за издржувањето на децата останува и натаму грижа и обврска на другиот родител. Извршителите многу често не можат да помогнат, односно не можат да ја наплатат алиментацијата во случаите кога родителот не работи или нема трансакциска сметка. Истиот проблем, во поголем или помал обем, го имаат и во другите земји, а токму затоа во Босна и Херцеговина, на пример, се предлагаат законски измени, и тоа во Законот за патни исправи, со намера сите оние што не ја намириле алиментацијата да не може да извадат пасош или да им се одземе важечкиот за да не можат да ја напуштат државата.

Кога доаѓа до развод на брак во кој има малолетни деца, разделбата понекогаш поминува спогодбено, односно со заемна согласност помеѓу брачните партнери, од друга страна, пак, постојат сѐ повеќе случаи кога родителите се раскарани меѓу себе и не можат да дојдат до решение како да ги поделат обврските спрема своите деца. Најчесто кога родителите не се во добри односи, децата се оние што на крајот најмногу страдаат.

Според нашата судска практика, најголемиот проблем по разводот на бракот се јавува кога ќе дојде до тоа еден од родителите, кому не му е доделено детето, да ја плаќа издршката, односно алиментацијата што му следува на детето.

– Во согласност со тоа на кој родител му е доверено малолетното дете на чување, воспитување и делумно издржување со правосилна пресуда од надлежен граѓански суд, другиот родител е должен да плаќа месечна издршка определена со пресудата. Малолетното дете може да биде доделено не само кај мајката, туку и кај таткото, па оттука обврската за плаќање алиментација не ја носи само таткото, туку тоа може да биде и мајката, доколку малолетното дете е доделено кај таткото. Во секој случај, обврската за плаќање алиментација е секогаш на страна на родителот кај кого детето не е доделено на чување – вели адвокатката Весна Тренкоска.

Доколку родителот не постапува по правосилната пресуда, односно не ја плаќа досудената издршка за малолетното дете, против тој родител може од страна на малолетното дете преку законскиот застапник – другиот родител да поведе соодветна кривична постапка за неплаќање издршка во согласност со членот 202 од Кривичниот законик.

– Неплаќањето алиментација претставува кривично дело за што како санкција е предвидена парична казна или казна затвор до една година. За жал, нашите судови како да не ја сфаќаат сериозноста на последиците од неплаќање алиментација и често овие предмети завршуваат со бенигни одлуки. Конкретно не знам ниту еден родител да завршил во затвор поради неплаќање алиментација – објаснува адвокатот Јанаки Митровски.

Многу самохрани родители се оставени со своите деца да гладуваат затоа што системот не нуди брзи решенија во вакви околности. Постојат и случаи кога еден од родителите го изигрува законот, па прикажува лажни податоци за својата материјална состојба, на тој начин постапките траат долго, а сето тоа одзема многу од квалитетот на животот на детето, кое треба да е највисок интерес во вакви постапки.

– Причините за неплаќање алиментација се субјективни, но најчесто од мое искуство станува збор за гол инает и желба за одмазда на родителот што е задолжен со алиментација и кој смета дека така ќе му наштети на другиот родител, без притоа да се води сметка за самото дете, кое е колатерална штета – истакнува Митровски.
Како механизам со кој на некој начин ќе се натера родителот да ја плаќа издршката, адвокатката Тренкоска наведува и дека против родителот може да се поднесе барање за извршување.

– Издршката е задолжителна во согласност со закон, па родителот кај кого малолетното дете не е доделено на чување и воспитување, е должен да плаќа издршка, макар и минимална. За определување на висината на издршката судот најчесто има предвид одредени околности, кои се однесуваат на тоа дали родителот што треба да плаќа издршка е во редовен работен однос и колку се неговите месечни примања, дали има и други месечни примања, дали има други малолетни деца, дали родителот кај кого детето е доделено е во работен однос и колкави се неговите месечни примања, возраста на малолетното дете и неговите потреби и сл. – додава Тренкоска.

Во согласност со Законот за семејство, родителите се должни да ги издржуваат своите малолетни деца. Ако школувањето и стручното образование на децата продолжуваат и по полнолетството, родителите се должни понатаму да ги издржуваат децата до редовното завршување на школувањето, но најдоцна до навршување 26-годишна возраст.

НОВА МАКЕДОНИЈА

Повеќе