Турција и Чешка го ратификуваа Протоколот за членство на Македонија во НАТО

Народното собрание на Република Турција и парламентот на Чешката Република вчера го ратификуваа Протоколот за членство на Македонија во НАТО.
Ратификацијата на протоколот во Турција ја потврди на Твитер и шефот на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Осман Ашкин Бак.
– Како и досега, Турција ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во евроатлантскиот интегративен процес – напиша Ашкин Бак на Твитер.

Протоколот за членство во НАТО вчера доби зелено светло и во чешкиот парламент.
– Убедени сме дека пристапувањето на Северна Македонија во НАТО ќе ја зајакне целокупната стабилност и безбедност на Балканот, а во исто време и самата Алијанса – истакна вицепремиерот на Чешка Јан Хамачек на ратификацијата на протоколот.

Досега дваесетина земји-членки го ратификуваа протоколот и дадоа зелено светло за пристапување на нашата земја во НАТО. Се очекува летово тоа да го сторат и САД, а до крајот на годинава и преостанатите земји сојузници со што Македонија и официјално ќе стане 30-та членка на Северноатлантската алијанса.

Повеќе