КОЛУМНА НА МАРТИНА БАСАРОВА ЃЕРОВСКА: Не се секирај, сè ќе биде ОК

Катица несебично го посоветува Орце во  врска со неговото дело „Империја“,  веројатно методава на несекирација ја усовршила благодарение на нејзината дијагноза Ф40-48. Знае жената што е стрес, го поминала и го поминува тоа, не е мала работа да апсиш банда „криминалци“ па после да ги рекетираш, да им изнудиш пари во замена за слобода…па дали ќе платат, колку ќе платат и дали шефот ќе биде задоволен од сработеното. Притоа да ја забавуваш јавноста со судења за жмроњите за шамари и мерцедеси, да го пушташ па притвараш Миле па Талир 1 па 2, сè само шефот да е задоволен, јавноста дефокусирана, а рекетот собран. Многу брате работа за некој со просек 6,24. И после ќе пука, па ќе пука бе другари. Мора стресот да го потроши некаде иначе ќе и пукне душата.

Е затоа му вели на Орце да не се секира, знае дека стресот мачи, а и зошто човекот беспотребно да е под стрес, ете ќе си плати и готово завршена е работата. Само опуштено нека ги стави парите во торба и во зависност од тоа колку ќе стави таков третман ќе си има. Опциите што му ги дале се и повеќе од фер:

  • Опција 1: 1,5 милиони нема притвор има пасош и одиш на финале на Лига на шампиони во ракомет,
  • Опција 2: 5 милиони за блага поднослива пресуда веројатно онаква како на Кочан или пак Авировиќ
  • Опција 3: 8 милиони за отфрлање на обвинението, нема случај.

Ферски, нема што, сè си има цена во ова капиталистичко општество. Фино му кажуваат што има да го рекетираат адвокати и судии, односно да дава пари на разни страни вака ќе даде пари на едно место, а таа сегде ќе заврши…за сите ќе има и за судии и за обвинители и за владини функционери, а освен кеш прифатливи се и материјални добра од типот на недвижен имот – дуќанче ваму дуќанче таму. Флексибилни се не е проблем ич да не се секира.

И ние немој да се секираме што Вилма моментално одмара во тек на ваков мега скандал, чувај Боже жената да го прекине одморот, скапа цела година по судници да докаже дека вмровците се терористи осудени на 300 години робија. Кај чекал рекетов нека почека де уште некој ден, ионака Катица е на одмор во Калитеа па не е достапна за разговор или пак чувај Боже притвор. Нека си почини и таа, голема работа завршила и му се нашла на шефот за да сега фино ја награди како главен обвинител во новото СЈО, уште ако може Катица да ја спасат и да ја префрлат кај нејзе да ѝ биде десна рака голема работа ќе завршат, уште полесно ќе им оди работата или како што се вели како подмачкано.

Уште една причина за несекирација е и тоа што Претседателот на Врховниот суд – Јово Вангеловски кажува дека СЈО се криви што не вложиле правен лек односно жалба на нивната пресуда донесена три недели пред примопредавањето на Луј Витон торбата.

Драги мои, ова што го живееме денеска би требало да биде филмувано. Се надевам некој од наште еминентни режисери еве како на пример Манчевски ќе се инспирира доволно и ќе направи еден добар современ крими филм во кој ќе види светот како една шака народ е угнетуван од банда криминалци. Како тој народ го изгуби својот идентитет, својата историја, како е понижен и обескичмен, како и последната трошка гордост им се гази од соседите кои со морковче ги лажат дека нема да ги блокираат на патот кон успехот – членство во ЕУ. Како старлети се главни рекетари, а потпросечни правници специјални обвинители со license to kill. Му гарантирам дека ќе освои Оскар за најдобар филм надвор од англиско говорно подрачје. Само нека се охрабри.

Да резимирам, да не се секираме крајот им дојде, само цената што сите ние ја плативме беше превисока.

 

Мартина Басарова Ѓеровска

ДЕНЕШЕН.МК

Повеќе