Големиот инквизитор: глобализмот (1) (или новиот планетарен систем на робовладетелство)

Пишува Ефтим Клетников

НОВА МАКЕДОНИЈА

Големиот инквизитор – глобализмот. Ова е сега најважната и најдраматична тема на која треба да ѝ обрне внимание денес човекот, драг читателу, сè додека ваму-таму сè уште постои тој како божествено создание. Таа треба да се разгледа и анализира не само со телескоп туку и со микроскоп од сите аспекти: филозофски, теолошки, социолошки, психолошки, антрополошки. Да се дијагностицира модерната болест на светот со име глобализација, пред сè нејзината есхатолошка слика. Оти таква, каква што е, таа сега едноставно ја сугерира сликата на свршетокот на светот, на неговите изброени денови за кои зборува пророчки и апостол Јован во неговото Откровение или Апокалипса, како што уште се вика оваа последна книга на Новиот завет, а според тоа и на Библијата. Апостол Јован, најомилениот Исусов апостол, кој ја потпирал главата на градите на Синот Божји, слушајќи ги драматичните отчукувања на неговото срце. Есхатолошки во суштина. Отчукувања полни со елементот Љубов, која ќе ја згази под нозе човекот, расипаниот род за кој зборува и апостол Павле во своите посланија, препознавајќи ги богољубивите Македонци, меѓу кои беше дошол повикан од Македонецот во Троада, како светлина во него. Нив тој ги нарекува и синови на светлината. Тие врз кои сега се спушти темниот мртовечки покров на возобновениот западен фашизам.

Што е, всушност, феноменот глобализам? Најкратко дефиниран, тоа е создавање светска империја или држава без идентитетски знаци, без нации и какви било други идентитетски оази. Таква е во основа архитектонската замисла на новата зграда на светот што ја замислиле и веќе на големо ја реализираат моќните западни планери на либералкапитализмот. Да. А не дека немало и порано во историјата слични идеи. Во еден историски миг таква глобална империја планираше и силниот асировавилонски цар Набокудоносор, за разлика од Стариот Египет во неговата близина, кој бил доста затворена културолошка и цивилизациска структура. Освалд Шпенглер посебно убаво говори за тоа во „Пропаста на Западот“. На Исток глобална империја имал замислено славниот Џингис-хан, иако неговиот цивилизациски концепт во добра мера бил хаосен.

Да. Но нас сега, драг читателу, нè интересира главно Европа, западната цивилизација чиј дел сме и ние Македонците, кои сепак се имаме духовно и душевно оплодено и со поленот на Истокот како раскрсница меѓу него и Западот. Нешто слично како што е тоа и Русија на европскиот исток, која Вавилонската Дама на Брисел денес повеќе од смешно сака да ја турне во некаков вид цивилизациска изолација. Божем таа не може да дише без Европа. Во историјата на западната цивилизација се познати две империи, два обида глобално да се завладее колку што е можно со светот. Тоа се Римската и Македонската Империја на Александар Трети Велики. Нив ги карактеризира само формален историски паралелизам, но се многу различни, речиси неспоиви во својата културолошка и цивилизациска слика, во својата политика, мисла и филозофија на владеење. Воопшто, во својот поглед на светот. Во западната историска наука притоа поголем публицитет и цивилизациски примат ѝ се придава на Римската Империја. Разбирливо, ако се има предвид што ѝ се случи на Македонија од страна на Западот, што нè враќа долго назад кон западното потиснување на меморијата за македонската цивилизација, почнувајќи од антиката наваму. И денес тој анимозитет на Европа кон македонизмот не е поместен ни милиметар од мртва точка. Напротив тој со идентитетскиот геноцид над Македонците, како и над некои други народи на преостанатите континенти, е подигнат на ниво на радикално универзално зло.

Добро. Но што е разликата, а екстремна е, меѓу Римската и Македонската Империја на Александар Велики? Римската Империја, која во видението на старозаветниот пророк Даниел е симболизирана со елементот железо, како железна, е империја што дроби сè под своите нозе до каде што стигнала, овозможувајќи притоа благодат за Римјаните, а ропство за покорените, наметнувајќи им ги насилнички нивната култура, јазик и религија. Поробените биле искористувани главно за мануелна работа и како гладијатори за забава на Римјаните во борба меѓу себе и со ѕверовите во славниот римски колосеум. Тоа е во кратки црти за железната Римска Империја, чиј наследник денес е Западна Европа, но и нејзиното одметнато палаво дете Америка. Пред сè, со својот деструктивен нагон за покорување на човештвото. Таа го зема империјалниот примат на Запад по Втората светска војна. Како да не беа на тој план залудни нејзините две атомски бомби што ги фрли врз Хирошима и Нагасаки, промовирајќи го на тој начин по штотуку завршениот Хитлеров новиот фашизам во светот. Таква, таа е денес толку многу економски и воено супериорна што ја држи во потчинета состојба и импотентната Европа: пред сè Англија, а потоа и Франција, и како политички субјект безличната аморфна Германија.

За разлика пак од Римската, Македонската Империја на Александар Велики не била железно хомогенизирана во своето етничко и расно јадро. Едноставно, таа не била ариевска, нарцистичка, каква што е и денес западната либералкапиталистичка цивилизација, креатор на две крвави светски војни. Спротивно на тоа, таа била универзална во вистинската смисла на тој поим, космополитска, замислена од Македонците како светско братство на народите од Пела до Хималаите на Исток и египетските пирамиди на југ, до каде што стигнала за време на својот водач да ги постави границите без граница. Во неа сите народи ги задржале својот автентичен идентитет, обичаи, религија и култура, и тие не биле претворани во робови, туку биле слободни граѓани во рамките на нововоспоставената светска империја или држава.

Така, додека во Грција, во Атина, која по грешка Европа ја зема за извор на својата „демократија“, царувало робовладетелството, во новата држава на Александар Велики се официјализира кодексот на „природното право и правото на народите“, изум и на Аристотел, Македонец од Стагира, воспитувачот на Александар Македонски. Тој факт, меѓу другото, го подвлекува со посебен пиетет и Бертран Расел, еден од поретките европски хуманисти, во својата книга „Мудроста на Западот“. Македонскиот хуманистички, демократски и космополитски цивилизациски концепт во Европа многу подоцна се обиде под паролата еднаквост, братство, единство да го спроведе и Француската буржоаска револуција со епохата на просветителството што произлезе од неа. Но илузијата на таа парола траеше кратко време. Веќе од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век се разгоре лакомоста по материјален профит на Западот, со што неговиот либералкапитализам ја испразни од сите морални и етички вредности душата на човекот. Едноставно, како што за тоа ни раскажува и Гете во „Фауст“, неа тој пак за профит му ја продаде на Мефистофел, ѓаволот.

Тоа е така, што се однесува во општи црти до разликата меѓу Римската, чиј континуален историски наследник е Западот, и Македонската Империја. Ќе се согласиш, таа разлика, драг читателу, како што се гледа, е огромна. Станува збор за два радикално различни концепти и филозофија на владеење. Едниот, римскиот, е диктаторски, поробувачки, фаворизирајќи ги Римјаните наспроти покорените народи што ги претвора во робови. Другиот, македонскиот, не е етноцентричен како римскиот, туку е космополитски концепт, каков што бил впрочем и менталниот склоп на македонската колективна душа и каков што е тој впрочем по атавистичка линија на генот и кај денешните Македонци, сега идентитетски ликвидирани од новите западни Римјани со маската со име ЕУ за да се затскрие колку што е можно нејзиното сурово цивилизациско лице. Да. Повеќе од јасно е меѓу двата концепти на владеење, македонскиот и римскиот, Европа го избра вториот од нив. Тој ѝ е иманентно поблизок на нејзиниот прикриен варварски сензибилитет, од кој таа историски ретко кога се откажувала. Само политички го маскирала, за во одделни периоди и апокалиптично да експлодира, како што е тоа особено во двете светски војни. Тој, пак, железен римски концепт што дроби сè под себе особено ѝ е иманентен денес на Америка, а Европа, главно со нејзиното учество во НАТО, е нејзин вазал, делејќи ги со неа материјалниот профит и злото во светот што им се нанесува поради него на послабите народи. „Нова Македонија“ (од 1 април 2019) во текстот на Блаже Миневски ја изнесува пред нас во кратки црти, а користејќи ја приказната и фактографијата на американскиот новинар Робин де Рајтер, суровата слика на денешниот западен глобализам на богатите банкари и корпорации. Де Рајтер го обелоденува познатиот факт дека со светот денес управуваат 13 екстра-богати семејства што живеат главно во Америка, почнувајќи од Ротшилдови до Клинтонови. Ротшилдови, по потекло Евреи (уште еден плус за светскиот антисемитизам), се најмоќни во таа семејна групација на богаташи. Толку моќни што се, покрај редица други банки, сопственици и на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, тие што слободно можеме да ги именуваме како еден вид финансиски НАТО, чии финансиски бомби таму кај што ќе паднат не никнува повеќе трева, оти и да има таму парче скрбен леб набргу го снемува. Тие му ја дерат кожата на сиромашното човештво. Онаа што му покажува, држејќи ја одрана во раце, свети Вартоломеј на како некој пагански бог разгоропадениот Исус на „Страшниот суд“ на Микеланџело во Сикстинската капела во Рим. Небаре генијалниот уметник имал скриена намера на својата слика да ја долови волчјата паганска, а не христијанска нарав на Рим од времето на Римската Империја, чија негативна емисија на злото тој ја чувствувал и за време на својот живот во италијанската ренесанса. Да, а со неа во облик на шифра, јасновидец, тој пророчки како да ја предвидел и сликата на западната цивилизација пет столетија по него, во време на либералниот капитализам, кој денес има намера да го докапитализира и доглобализира светот. Ротшилдови и другите екстра-богаташи се затскриениот но моќен мотор што го влече сатанистичкиот концепт на тој проект. Постојат фрапантни податоци, ако ги земеме и само Ротшилдови, кои, покрај тоа што господарат со Светската банка и ММФ, се сопственици и на американските федерални резерви на финансии! Речиси неверојатно! На нивната финансиска империја што ја притиска дури и една Америка се обидува да ѝ застане на патот Џон Кенеди, донесувајќи го во 1963 година Законот за воспоставување сопствена федерална финансиска валута. Арно ама за тоа тој ќе ја плати цената со својот живот, бивајќи убиен неколку месеци по донесувањето на кобниот по него закон за истиснување на Ротшилдови. Убиен е на 22 ноември 1963 година. Неверојатно. Па после ние се чудиме уште за авионот на Борис Трајковски и редица слични нешта во светот. Се чудиме сега и за идентитетскиот западен геноцид врз Македонците, дело на западните масони и илуминати. Тие што како филијали на Сатаната главно се основаат во Европа, но потоа се селат во Америка, во Вашингтон, каде што наоѓаат заштитнички покрив над главата. Тие што го стиснале за гуша послабиот дел од човештвото и не му дозволуваат да земе воздух и да дише. Во основа, нивната цел е регресивна, враќање на човештвото назад во ерата на робовладетелството, во која ќе владеат бескрупулозните западни богаташи, банки и корпорации. За остварување на таа мрачна цел, Западот ги користи маската на својата лажна демократија и тврдиот етатистички чекан. Свежиот пример на бунтот на „жолтите елеци“ во Франција го изнесе на виделина тој етатистички чекан на западниот либералкапитализам, кој сè повидливо ги експлоатира масите. Итн.

(продолжува)

Повеќе