МАКЕДОНСКА ДИЈАСПОРА: Поради илегалната промена на името на Македонија ќе го бојкотираме кревањето на знамето на 8 Септември во Мелбурн

Нема да присуствуваме на традиционалната церемонија на кревање на македонското знаме на плоштадот во Мелбурн на 8 Септември годинава, соопштија од Македонскиот совет од Мелбурн и Викторија во Австралија.

Причината, како што наведуваат во соопштението, е срамниот Преспански договор и илегалната промена на името.

Македонците во Австралија велат дека традиционално за 8 Септември присуствуваат на кревањето на македонското знаме на јарболот на плоштадот во центарот на Мелбурн.

Година тие ќе ја бојкотираат таа церемонија, ако не им биде дозволено да го кренат знамето со сонцето од Кутлеш. За тоа да биде спроведено, австралиските власти бараат дозвола од македонските дипломатски претставништва во таа земја. Ако Македонскиот совет тоа сака да го спроведе, тоа значи дека ќе мора да напише писмо до Конзулатот на РС Македонија, со што индиректно ќе го признаат новото име.

– Тоа ние никогаш нема да го сториме. За нас ова е навредливо и понижувачки, велат Македонците од Мелбурн.

Тие потсетуваат дека откако е сменето името, претставниците на македонскиот конзулат во Мелебурн не побарале средба со Македонскиот совет.

– Ние сме Македонци, нашиот идентитет е македонски и нашата татковина е Македонија, пишува во соопштението.

Организациите на македонската дијаспора за 8 Септември најавуваат протести пред македонските амбасади во Камбера и во Париз.

ДЕНЕШЕН.МК

Повеќе