ФЕЉТОН: МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО САМОСОЗНАНИЕ ВО ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД (1 дел)

Посветено на академик Блаже Ристовски)

ФЕЉТОН: МАКЕДОНСКОТО НАЦИОНАЛНО САМОСОЗНАНИЕ ВО ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД (1 дел)

Уште со доаѓањето на власт на сегашната гарнитура предвидов дека Република Македонија ќе се најде под грчко-бугарска духовна окупација во која тие ќе ни диктираат каква е нашата историја, но да бидам искрен верував дека тоа ќе биде компензирано со подобрување на материјалната состојба на жителите на нашата држава со цел полесно да се „надминат траумите“. Но, ни трага од тоа. Историјата почнаа да ни ја мануваат, а наместо благосостојба, сведоци сме на животинска алчност за крадење на највисоките структури и луѓето блиски до нив. Па да видиме до кога ова ќе трае или којзнае по кој пат ќе се повтори изреката „Каков народ, таква држава…“ А сега да се вратиме на историјата со предупредување до нашата историска Комисија која преговара со своите бугарски колеги, да ги третираат и историските факти кои ќе бидат презентирани во фељтонот што следува.

Неколкумина македонски застапници на големобугарската про­па­ганда (кои македонската исто­рија ја учат исклучиво од еднос­тра­ните бугарски историски книги) вклучително и речиси сите бугарски историчари континуирано изјавуваат дека во периодот на Илинденското востание сите илинденци без исклучок се декларирале како „Бугари“. Но, тоа е ноторна бесмислица и голе­ма лага. Еве зошто.

Да претпоставиме дека во Илинденското востание учест­ву­ва­ле околу 20.000 востаници и можеби уште толку нивни јатаци и под­држу­вачи. Тоа значи дека големобугар­ските пропаган­дис­ти ќе треба да дока­жат дека секој од тие четириесетина илјади Маке­донци поединечно са­миот себе се декларирал како „Бугарин“. За да го докажат ова тие тре­ба да покажат четирие­сетина илјади пот­пишани изјави, во кои ќе стои дека секој илинденец самиот се дек­ларира како „Бугарин“, а бес­мис­лено е и да се претпос­тави дека се во сос­тојба да најдат такво нешто. Конечно, постојат многу тогаш­ни бугарски документи, кои дури  све­до­чат и за опас­нос­та за бугарското дело во Ма­ке­донија од стра­на на илинден­ците со македонско национално чувство.

Сега да преминеме на емпириката. Како прво, точно е дека из­весен број македонски револуционери биле вос­питувани и изложе­ни под силно влијание на бугарската пропаганда и Егзар­хијата. Тоа значи дека во Илинденското востание главно учество имале токму Маке­донците-егзархисти што секако претставувало голем хендикеп за оп­штото семакедонско национално дело, во кое би биле опфатени  си­те етнички Македонци, без разлика на која црква и  припаѓале. Познато е и со какви пропагандни средства се служела Егзархијата (како што впрочем правеле и другите антимакедонски цркви во Македо­ни­ја: грчката и српската).

Сите Македонци што таму посакале да си ги задоволат своите религи­озни чувства биле убедувани дека се „Бугари“, во докумен­тите биле запишувани како „Бугари“, а така биле презентирани и пред по­широката странска јавност. На учениците што учеле во егзар­хис­ките училишта им била натурана бугарската историја, а историските до­кази за македонската национална посебност биле фалсификувани или криени. За да појасниме дека Македонците-егзархисти не биле ни­какви „Бугари“, ќе се послужиме со еден еднос­тавен пример. Да зе­меме тројца родени браќа, етнички Македонци и да претпоставиме дека секој од нив во истиот град посетувал различна црква и различни цр­ковни училишта – бугарско, српско и грчко. Што би се случило по­тоа?

Едниот од нив (под влијание на српската пропаганда) во тур­ските (но и во сите други) документи би бил заведен како „Србин“. Овој ученик, во согласност со историските сознанија што би ги добил во српското училиште, би твр­дел дека Македонците се „Срби“.           

Соодветно би се однесувале и другите двајца браќа, кои би оде­ле во грчка и во бугарска црква. И тие би твр­деле дека Македонците се „Грци“, т.е. „Бугари“, а како такви би биле и трети­рани во турските деф­тери и пописи.

За жал, ваква состојба имаме и денес кај денационализираните Македонци во Грција и во Бугарија (но и во Србија), кои, иако при­паѓаат на еден единствен народ, за себе тврдат дека се „Грци“, „Буга­ри“ или „Срби“. Тоа е трагедијата на Македонскиот народ. Оваа траге­дија од почетокот на 20 век, мошне пластично ја отсликал Никола Нау­мов, кој (иако прво им припаѓал на лозарите, а извесно време бил и под влијание на српската пропаганда) бил уредник на про­бу­гар­скиот вес­ник „Македонски преглед“. Во 1905 година, во врска со ус­песите на ст­ран­ските пропаганди во Македонија, Наумов пред срп­ски­от дип­ломатски агент во Софија Симиќ го дал следното приз­на­ние:

Ние (Македонците егзархисти, з.м.) сме воспитани во бугарски училишта, задоени сме со бу­гарски дух и си се чувствуваме како Бу­гари. Јас и не умеам да се слу­жам со друг јазик освен со бугар­ски­от, исто како што оние Ма­кедонци што се воспитани по српските училишта, не можат да се служат со друг јазик освен со српскиот.“ (Блаже Ристовски: Крсте П. Мисирков, 1966 г.стр. 327).

Во врска со странските пропаганди во Македонија во септември 1905 година Крсте Мисирков во уводната статија на своето списание „Вардар“ депримирано забележува:

Со пари човек во Македонија може да создаде од нашите Маке­донци, не само бугарска, српска и грчка…,туку и циганска народ­н­ост“.         

Поради целата оваа состојба во Македонија воопшто не треба да зачудува фактот што во дел од тогашните странски и турски из­вештаи за Илинденското востание нашиот народ бил нарекуван со туркскиот етноним „Бугари“ или што некои од илинденците и навистина сметале дека Македонците се „Бугари“.

Но, и покрај ова, ако се анализираат ретките запишани автен­тични документи од илинденските револу­ционери од тоа време, ќе се утврди дека е далеку од вистината тврдењето оти сите дејци на ВМРО отсе­когаш се чувст­вувале како „македонски Бугари“. Ова посебно се однесува за  локалните вој­во­ди и за обич­ните четници.

Да го спомнеме и фактот дека од голем број македонски илин­денски револуционери воопшто не постојат, од нив запишани, автен­тични  документи, па да се тврди дека сите тие се „чувствувале како Бугари“, во најмала рака е смешно. Најмалку што може да се каже за нив е дека – не знаеме како се чувствувале, бидејќи не оста­виле свои автентични мемоари или какви било други записи.

Во највисокиот акт на Илинденското востание, во Прогласот на Главниот штаб во Битолскиот револуционерен округ,преку кој бил об­јавен почетокот на востанието,воопшто не е спомнат етно­нимот „Бу­гари“.

Во врска со ова не смеат да се зане­марат и позитивните дејства што тогашна Бугарија ги имала кон илинденците и кон востанието, како што се, на пример: дозволување на сло­бодно дејствување на ма­ке­донските органи­зации на своја територија, нивно вооружување, при­фа­ќање и помош на маке­донските бегалци (при што посебна гри­жа покажал обичниот бугар­ски на­род, кој несебично ги примал ма­кедон­ски­те бе­галци по своите куќи, за што и ние денешните гене­ра­ции треба да бидеме благодарни); учество на одделни Бугари во и око­лу востанието,кон кои ние Македонците треба да искажуваме длабока почит (Пеју Јаворов, Тома Давидов и други) и редица други дејства.

Сепак, и покрај сите овие позитивни манифестации (независно од скри­е­ните планови на бугарската влада околу судбината на Маке­донија), и покрај силната егзархиска пропаганда на која биле изло­жени Македонците егзархисти (какви што во најголема мера биле илинденците), одделни рево­луционери од времето околу Илин­ден­­ски­от пери­од, јасно се деклари­рале како Македонци (децидно потен­ци­рајќи дека не се Бугари).

(ПРОДОЛЖУВА)

Повеќе