Опозицијата мора да падне

Еве ги Боки и Фрики на скалите од хотелот, пред да започне журката… На оваа фотографија се Боки и Фрики додека наздравуваат… Тука се Боки и Фрики пред да почне конференцијата… На оваа фотка ги гледаме Боки и Фрики со Моника Белучи маскирана во Федерика Могерини… Еве ги Боки и Фрики, летаат на персиски килим што им го подари султанот од Брунеи… На оваа фотографија се Боки и Фрики со рекети во рацете по успешна партија тенис… Тука се Боки, Фрики и Зоки, а ова лево од нив е шпанската инквизиција…

Не ја очекував шпанската инквизиција.
Русјаков!!! Што правиш, по ѓаволите?
Аман, не се дери! Еве, внесувам малку Монти Пајтон во реалново шоу.
Па, што не пишуваш со свои зборови, а? Што си се фатил за Монти Пајтон, па ги цитираш? Немаш веќе инспирација, признај!
Мицковски да каже каде ми отидоа зборовите! Мицковски да каже што ми се случи со инспирацијата! И какви се тие мрачни сили што ми рекетираат глаголи и придавки? И уште да каже како тоа Боки и Фрики на двесте фотографии заедно, ко да се Тито и Јованка, а ваму она само од телевизија го знае? И не само тоа. Мицковски да каже зошто Ката може да дава наредби од притвор, а не може да си го укине притворот?
Е, браво бе, Русјаков! Сега почна и во судството да се мешаш.
Мицковски да каже зошто почнав и во судството да се мешам.
Ама ти се заебаваш.

Јас ли? Смртно сум сериозен. И гневен. Ова веќе не се поднесува. Нема правда, нема мир! Потребна е нова „шарена револуција“. ВМРО-ДПМНЕ мора да се сруши од опозиција. За сè се виновни тие. Си добивме датум за почеток на преговорите и сега поради нив, пак треба да добиваме. А што му фалеше на оној првиот? Ништо, датум како датум… блескав. И вмровциве почнаа, лажна вест, па лажна вест. А секоја лага е половина вистина, така? И ЕУ ни го преполови датумот. Еден лани, еден сега. Токму тоа го искористија и злоупотребија вмровците. Тој период од една година. Ги активираа своите подметнати спијачи. Како Катица Јанева. Изборот на Никола Груевски. Таа почна да рекетира. Секако несвесно. Тоа е стара и позната руска тактика. Го хипнотизираш праведникот и во твоите раце станува злосторник. Така го убија Кенеди. Така го донесоа Трамп на власт во САД. Така ја злоупотребија Катица. Ама тоа не им беше доволно. Измислија лик. Човек што не постои. Халуциногена травестија. Па, го монтираа на стотици фотографии со блескави и праведни луѓе од власта. Името му е Боки Тредичи. Изваден од мрачната потсвест на Федерико Фелини, го промовираше италијанскиот весник за фејкњуз, „Ла верита“. Фала му на бога што ОЈО конечно собра докази дека Боки Тредичи е измислен лик. Дека не постои. Да беше реална личност, ќе имаше барем некој што го видел во живо. А сега гледаме од сведоштвата дека никој не го познава. Овие мрачни вмровски сценарија мора да престанат. Затоа ни треба нова „шарена револуција“. Да се крвави и да се умира по улици за да се вратат правдата и мирот. ВМРО-ДПМНЕ мора да падне од опозиција.

Добро е Русјаков што конечно и ти призна.
Нормално дека признав. Откако сè ми се разјасни.
Па, кажи им и на твоите читатели.
Малку е застрашувачки, но треба да знаат. Сите ги збуни мистичната загатка што ја изговори Стево Љубави од редот северџанистански. Тој рече ќе има турбуленции изминативе месеци. Ние не знаевме какви. Но „Мактел“ ја дешифрира мистеријата. А „Мактел“ е познат како „Стратфорд“ од Северџанистан. И така, славниот геостратегиски институт „Мактел“ ни ги разјасни турбуленциите. Русија во наредните 50 дена ќе нè нападне.

Звучи страшно, но добро е што се обелодени во јавноста.
Да, Русите ќе нападнат. Сега стана јасно зошто Путин го презентира сето она силно оружје. Зошто воени вежби на мориња и по копно. Сакаат од Северџанистан да направат гулаг. Нема да им помине. Ние сме НАТО. Ние сме речиси ЕУ. Ние имаме сериозно оружје. Доволно е да кажеме дека немаме поим што е тоа Русија, дека сме слушнале за руската окупација само од телевизија и Русите може да се сликаат. Штом кажеш дека немаш поим која е таа Русија и за неа си слушнал само од телевизија, таа автоматски не постои, ја нема. Да ги видам тогаш, мајчини, како ќе окупираат кога ние немаме поим кои се. Ќе им ја прогласиме окупацијата за фејкњуз, нашите блескави институции ќе прогласат дека нема окупација, и тоа е тоа, нема окупација.
Сега јасно ти е зошто Русија не беше поканета во Полска на 1 септември, денот кога и официјално започнала Втората светска војна?

Јасно ми е. Нашите меѓународни пријатели знаеле дека Путин сака да го окупира Северџанистан и да си направи свој приватен гулаг. Башка, јасна е улогата на Русија во Втората светска војна. Ја повикаа мирољубивата Германија на туристичка прошетка низ Русија и тоа го објавија како напад. Типичен фејкњуз. Преку лажната вест дека Германија ја окупира Русија, всушност тие, Русите, тргнаа да ја окупираат Европа. И ќе ја окупираа ако не се истовареа Американците во Нормандија. Потоа Америте ги спасија сите блескави германски умови што Русите сакаа да ги убијат. Сега го прават истото тоа. Го окупираа Крим, ја окупираа Сирија, ама со нас баш ќе ги видам.

Браво, Русјаков! Досега многу нешта беа само во твојата небањата глава. Сега слободно можам да ти кажам дека си дел од нас, урбаните, убавите и прогресивни бањати луѓенца. Туку, до кога мислиш колумниве да ти бидат во дијалошка форма?
Многу филозофски дела се напишани во форма на дијалог. Најпознати се оние на Платон. Тие дијалози се јасен показател за човечката мудрост. Моиве колумни не се филозофски. Единствената допирна точка со Платон ми се гозбите, кои и јас често ги правам по дома. А дијалошкава форма на колумни ја терам со цел еден ден да станат показател на енормното количество човечка глупост со која секојдневно сме опкружени.

Извор: НОВА МАКЕДОНИЈА

Повеќе