КОЛУМНА НА ЦВЕТАНОВСКИ: Ако нема логика, од Зокија е…

Во време кога „сите“ демек страшно се потресуваат од истото, а симултано и ридот разочаран од љубимците најави војна со лажните вести, Зоки Муртичи пак им ги затна устите. Си го бива човечето, има талент за се’. За лидер, за канабис, за тендери, за фејк вести, тууу списоков предолг, а тој толку муртински мултитаск… Епа, верувале или не, ама „Рекет“ го стокмила опозицијата?! Ууууу, многу промуќурно… Да, ова лично, без срам и перде, оти првото го нема ни за лек, чоекот си го кажа на прес-конференција. Аууу, епа добро тогаш, ајде сега удрете и набедете ја конкуренцијата, фер. А вие „другите“ внимавајте на заебанциите за нив, северњациве ќе ви ги украдат и употребат. Што понелогично, толку поупотребливо, тоа им е небулозната максима…

Љупчо ЦВЕТАНОВСКИ

Не сум пророк, скраја да е, но со вакви проѕирни фацички не мора да бидете Ајнштајн за да им ги предвидите потезите и биљмеските им дејанија. Јок, доволно е троа да размислите и од сите можни и логични идеи да го изберете најневеројатното, најнелогичното и најглупавото решение.  Така функционираат или, пак, толку им сече?

Одамна тврдам дека недоветните властодршци некогаш се искрени.  Да, истите цело време тврдат дека се транспарентни ка влада, а тоа е и единственото искрено нешто што го кажале во сиве овие години на неподносливо живеење во државата. Јап, транспарентни се, 100 отсто. Оти, транспарентно е провидно или проѕирно де, а  тие попроѕирни, здравје. Буквално, можеш да гледаш низ нив и да им ги најавуваш дејанијата. Да, кога би ги ставиле идните дејства на зевзециве во спортска обложувалница, „кладилнициве“ би пропаднале….

Во минатонеделната колумна, шегувајќи се со преседан-писмото на Катица, сурушки акт дефинитивно напишан и срочен на екс Бихаќка (таа, така неписмена, би направила 150 правописни и јазични грешки, нели), чин кој имаше за цел да ги поремети тековните преговори за СЈО и да ја исплаши опозицијата дека како и да е, нема бегање од намештаљките на „Т“, сатирично наведов три тапа, потапа, најшегобијни решенија кои ми паднаа на ум, а кои шегобијно комуњарите ги „смислиле“ за да се извадат од гомнениците во кои ги фрли сега душманката им Катица.

Првото предложено од нивните мислители „решение“  беше дека за да извадат од рекетот на Катица која ги фрли до душа во смрдлива КАКИЦА, промуќурно решиле да ги жртвуваат нискокотирачки другари и другари, а поважните, синокрвни комуњари да им се качат на јушка за да ја преживеат поплавата. Инстант било отфрлено, оти комуњар што ќе се жртвува за друг, досега мајка не родила…

Третото решение (кое веќе го применија) беше Катица од апсаана, рачно на тоалетна рапава затворска хартија да „напише“ веќе напишано од врхушката писмо до ОЈО за да ги предаде предметите на СЈО, патетична акција на СДСС за успорување на „Рекет“ и заплашување на политичката конкуренција. Поведени биле од  констатацијата и сознанието дека тешки гомненици најдобро се бришат со тоалетна, се разбира. Логично, нели?!

Е, второто решение на генијалците синокрвни, кое на шега го наведов во минатата колумна, беше дека за „Рекет“ и за Катица треба да се обвинат Груевски и Мицкоски. ВМРО де, кои и онака се виновни за се’ во државата. Па чуму не би биле и за „Рекет“, колку и да е тоа надвор од умот и колку и да сите знаеме дека пола врхушка на СДСС се омрсила од истиот.

Арно ама, она што ние мислиме дека е надвор од умот, Зоки не го споделува. Што понедоветно и погротескно, тоа подобро минува, велат стартезите им медиумски од екс Бихаќка. Да, истите оние кои се борат против лажни т.н. фејк-вести, а самите фејкери до коске…

И додека јас се шегував со можните решенија на владејачите, тие онака монтипајтоновски го употребија второто им понудено? И простете Клис, Гилијам и Чепмен за споредбата со суртуците. Но, дали навистина во недостиг на идеи, им текна дека ова е „топ“ решение? Најлесно, најубо, најнелогично, абе мераци…

И така, првиот човек на владата северна, нелегална од зародишот и’, си кажува лаги, си везе прикаски, и мува не го лази. Башка, му го зема лебот на пратеникот му и посинок Костадин. Па тој нели беше задолжен за прикаската „Мицкоски крадел, а виновен е и за војната во Виетнам, за нуклеарната катастрофа во Чернобил, башка Фукушима, за земјотресот во Турција и поплавите во Казахстан. А, да, и за војната во Босна.“ Што ќе прави сега Коста? Маки…

Оти, ветувајте, на крај ќе испадне дека Катица била вмровка и дека и таа, од затвор пуштена од Еско, била на „поклонението“ пред шахтите со Кутлеш. Прашајте го директорот им Ориѓански, гарант ќе ви потврди. Исто ко што денеска провладини медиуми ја протнуваа веста дека опозицијата се ценкала за ново СЈО, ама во замена за амнестија на Орце, Грујо и Бате. И пак мува не ги лази, ко лидерот им.  А Рада Прада не го познавала Боки 13, ама ич?! Да бе, таа сака Прада и  Гучи, а тој Луј Витон и Версаче, разбирливо што не се знаат. Очебијно, сите по Зокиев лик и недело створени. А лепењето на рачињата е прв предуслов…

Поведен од претходното искуство, откако и оваа втора бламажа, која и онака беше само заебанција за префрлање на вината, нема да им успее, очекувам следниот чекор по тоалетната на Катица и вината на ВМРО за „Рекет“ да биде второнаведената ми идеја за мобилизација и присилна регрутација на неважни комуњари кои ќе се саможртвуваат за посинокрвните им другари и ќе ги носат на јушка за да врхушката да ја преживее поплавата од гомненици во која се најдоа поради сопствените им недоветни дејанија. Буквално и фигуративно, се разбира.

Секако, регрутација на шаренолики чеда зачинета со ветувања дека за „враќка“ за јушката ќе им вработат цела поблиска и поширока фамилија, ќе ги наградат со средства од Фонд за иновации, башка тендери, башка унапредувања, стипендии за богатунчиња и што ли не. Испробан „револуционерен“ рецепт, ви текнува?

Веројатно, ќе се одвива под паролата:

„Мобилизацијата за носачи на јушка е во тек, комуњари од северната лакрдија, обединете се!“

А време е, ама крајно,  тоа вистински да го сторат и несеверно и промакедонски ориентираните. Фер, нели…

ДЕНЕШЕН.МК

Повеќе