Колумна на Тања Каракамишева

Целава циркузијада наречена СЈО, почнувајќи од Пржино кога беше договорена меѓу четирите лидери на партиите, преку несреќниот избор на Катица Јанева и нејзиниот тим, преку спектакуларните прес-конференции на „трите грации“ (спектакл до сега невиден во јавно-обвинителската пракса), до наредбата на Јанева од притвор да испраќа абер до државниот јавен обвинител да ги преземе сите случаи и истраги и покрај се уште важечки закон за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, се ова заедно претставува најблаго речено хаварија во правниот систем од последен степен.

Кај што донесоа  неуставен закон, кај што на мускули го насадија СЈО како квази-обвинителски орган кој делуваше спротивно на, пред се, принципот на единство и хиерархија на ЈО, а потоа и на принципите на субординација и делегација меѓу јавнообинителските органи, кај што сите обвиненија им беа килави и неиздржани, па уште се дрзнаа да го погазат и „чедото“ кое ги создаде, односно нивниот закон.
СЈО го згази својот закон!
Наеднаш заборавија дека нивната надлежност,  основање, укинување, организација и функционирање, основите за именување и разрешување на јавниот обвинител и сите други прашања се уредени токму со нивниот закон, кој како посебен закон секогаш има предност во примената пред другите закони.
Останува нејасно зошто толку се брзаше со пренесувањето на случаите од СЈО во ОЈО кога законот за СЈО има важност до наредната 2020 година (во сила е пет години од неговото усвојување од страна на Собранието) и како што е наведено во законот истиот може да биде продолжен за еднаш годишно со одлука донесена со 2/3 мнозинство од пратениците.
Дали фактот дека власта не може да обезбеди 2/3 мнозинство од пратениците го засили ова нејзино брзоплето и хаотично делување?
Се отвори ли како пупка целото сценарио искреирано за прогон на политичките неистомисленици и стана ли јасно дека СЈО беше вештачка творба која така насадена во системот требаше намерно да прави „лов на вештерки“ во опозицијата и да сее страв во земјата?
Сега увидоа многумина дека се што сработи СЈО можеше да го сработи и ОЈО и дека немаше никаква потреба од формирање на овој паралелен орган кој повеќе внесе правен смут отколку што донесе некаква правда во земјата. Најмалку од се донесе почитување на правото.
Законот за кривичната постапка е многу прецизен во делот на одредувањето мерка притвор за носител на функција, или за кој било друг граѓанин. Притворот има за цел оддалечување на лицето од службата, но посебно од овластувањата со цел да го спречи да врши влијание врз сведоци или други лица или да прикрива докази.
Која е целта на мерката притвор ако притвореното лице има право непречено да ги користи овластувањата дадени со закон, и да дава наредби или согласности за суштествени прашања од доменот на работењето во службата.
Ако лицето може да дава наредби и согласности за пренесување на случаите од СЈО во ОЈО од притвор, тогаш која е логиката на притворот и на законите воопшто?
Втора работа што е тотално надвор од законот е што специјалната обвинителка, согласно законот, има сопствена автономија на делување за прашања кои произлегуваат од неовластеното следење на комуникации извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година, вклучително но не и ограничено на аудио снимки и транскрипти поднесени до Јавното обвинителство пред 15 јули 2015 година. Како и кој ќе ја избрише оваа законска надлежност утврдена во закон, и како тоа ОЈО ќе постапува со позајмена надлежност од овој закон?
Трето, дадена наредба или согласност на Јанева не може да биде посилна од законски утврдена надлежност. Иако самата Јанева на почетокот зборуваше дека само таа има легитимитет во земјата и дека е над сите институции, сепак оваа нејзина наредба ја надминува нејзината легендарна изјава. Јанева не може да наредува спротивно од она што е напишано во законот за СЈО. Каков-таков тој закон се додека Уставниот суд не го поништи е во правниот систем и произведува правни дејства. Невозможно е со обична наредба на Јанева да се избрише, да се дерогира закон.
Четврто, што ќе се случува со законот за СЈО и со дефинираната целосна автономија што СЈО ја има во истражувањето и во гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Во законот стои дека ниту еден јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, вклучувајки го и Јавниот обвинител на Република Македонија, не може да влијае на работата на СЈО, ниту има право да бара извештаи поврзани со предмети од јавниот обвинител или јавните обвинители во рамките на Јавното обвинителство.
Нека каже власта што ќе прави со законот за СЈО познат во јавноста како закон камиказа?
Наредбите и согласностите што и ги тупнаа на Јанева за потпис не се закон, ниту имаат каква било правна валидност. кога се дадени во околности на одреден притвор и надвор од законот за СЈО.
И уште еднаш го прашувам Уставниот суд – оваа ли „политичка“ разрешница ја чекавте за да не мрднете со прст во вашата надлежност да поништувате неуставни закони?
Срамота сте сите! Божем некои правници!
Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска
Скопје – петок, 06.09.19

Повеќе