Културните работници со предупредување: Ако нема колективен договор, ќе има штрајк

Статија на НЕЗАВИСЕН

Синдикатот на културата (СКРМ) на 8 октомври со почеток во 12 часот во Скопје ќе одржи протестен марш за нов колективен договор во културата. Протесниот марш е последно предупредување пред најавениот штрајк.

СКРМ ги повика сите вработени во културата, културни работници и останати, солидарно да се приклучат кон барањата за регулирање на работните односи во културата после цели 14 години откако е потпишан последниот колективен договор.

„Изминуваат 14 години од последниот општ колективен договор во културата. Четиринаесет години без јасно дефинирање и групирање на работни места во институциите, без правична валоризациjа на трудот во сите дејности, без прецизно поставување на критериумите за безбедност и здравје при работа, без додатоци од плата, теренски и службени дневници“, информираат од СКРМ.

Маршот ќе започне од паркот „Ибни Пајко“ (во кругот на НОБ, Филхармонија и Даут-пашин амам), ќе продолжи кон зградата на Владата и ќе заврши пред Министерството за култура. Колективниот договор и Законот за јавен интерес во културата беа посочувани како приоритети од страна на Министерството за култура, но сè уште не се гледа нивно финализирање.

Законот требаше да биде усвоен одамна и со него да се решат проблемите во работниот однос со што ќе се постави солидна правна основа за потпишување нов општ колективен договор во културата.

Министерството за култура, пак, уште во месец мај годинава информираа дека активно и засилено работат на текстот на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и на колективниот договор што ќе произлезе од тој закон.

Рокот до 30 септември за финализирање на колективниот договор што го даде СКРМ, а Министерството го прифати, веќе е пробиен. Со тоа се става во неизвесност и спроведувањето на договорот што требаше да почне од јануари 2020 година.

– Бидејќи рокот е пробиен, пред сè заради тоа што не е донесен законот за јавен интерес во културата, решивме со марш да алармираме дека доколку колективниот договор биде изоставен во буџетот за следната година штрајкот ќе биде активиран. Тоа би значело откажување, доцнење со почеток на претстави и концерти, непримање посетители во музеите, престанок на работа во делот на заштитата на културното наследство – додава актерката и претседателка на СКРМ, Сања Арсовска.

Според неа, со актуелниот министер за култура Хусни Исмаили имаа добра комуникација и тој им ја дава поддршката, а на барање на Синдикатот, по подолг период, активирана е и работната група за колективниот договор.

– Буџетот за култура, кој е веќе испратен до финансии, не содржи ставка за колективниот, но министерот вети дека откако ќе го договориме буџетот како социјални партнери, таа сума ќе биде дополнително побарана. За одложување на процесите во секторот култура главна причина е честата промена на министри. За три години, три министри. На секој од нив, нормално им е потребен период на адаптација и запознавање со материјата за да можат да менаџираат, тоа одзема време. Ние како синдикати, со секој нов министер се враќаме на почеток со преговорите. За среќа, досега тројцата министри покажале политичка волја за промена на состојбата во културата, но, за жал, за финансиските импликации, не е задолжено Министерството за култура, туку за финансии – вели Арсовска.

Исто така, голема кочница за новиот Закон за јавен интерес во културата се процедурите, но и Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) кое ги диктира насоките во Законот за култура.

– Додека ја водиме битката за да се ослободиме од стегите на МИОА, за што веруваме дека ќе успееме, двете министерства долго време не можеа да се договорат чиј закон мора да биде донесен прв. Од Министерство за култура тврдеа дека мора прво за се донесат законите на МИОА, додека од МИОА велат дека нашиот закон може да биде донесен независно од нивниот. Принцип на синдикатот е да потпише Колективен договор врз основа на новиот закон, но, неможејќи веќе да чекаме, спремни сме да направиме отстапка и во корист на вработените, договорот да го потпишеме врз основа на постоечкиот закон – објаснува Арсовска.

Ивана Настеска

Независен.мк

Повеќе