МАКЕДОНИЈА ЌЕ ЈА ПРЕТСТАВУВА ПРОФЕСОРКАТА КАРАКАМИШЕВА: Законот за јазиците во петок пред Венецијанската комисија


Во објавениот факсимил од „Плусинфо“, може да се прочита дека Венецијанската комисија оценува дека употребата на албанскиот јазик според законот оди чекор подалеку од европските стандарди и генерално ја фали државата за тој пристап. Се поздравува и волјата на властите во С. Македонија да се подобри лингвистичката состојба на немнозинските заедници, пренесува 360.

Но, Комисијата има сериозни забелешки и дека во одредени области законот за употребата на јазиците може да биде неприменлив.

„Ова е особено случај за членовите на законот кои се однесуваат на употребата на албанскиот јазик во судските постапки кои се напишани во толку широка смисла што ќе бидат потребни многу години на подготовка за да можат да бидат целосно применети. Огромните и скапи обврски кои што ги предвидува законот, особено врз судските власти, се дополнети и со тешки санкции во случај на непочитување (член 23). Дополнително, неуспехот да се гарантира превод и интерпретација што се бараат во законот, во текот на постапките, претставува основа за поништување на судската одлука (член 9, став 5). Со оглед на актуелните околности, ако законот биде целосно имплементиран, тој значително ќе го успори функционирањето на целиот судски систем, со што сериозно ќе биде загрозено и правото на фер судење, што е гарантирано со Европската конвенција за човекови права“, се вели во дел од нацрт-одлуката објавена од порталот „Плусинфо“.

За разлика од министерството за правда кое покажува подготвеност за имплементирање на препораките и на чие чело е кадар на СДСМ, вториот најголем партнер во власта, ДУИ, веќе навестува одредени резерви. Такво нешто, меѓу редови, може да се насети од првичниот коментар на пратеникот Артан Груби, кој вели дека ќе ги почитуваат препораките, но тој го чита нацртот малку поинаку.

„Не е примено мислењето на Венецијанската, но какво и да е, ние ќе го почитуваме. Во оваа драфт верзија, Комисијата ги поздравува унапредените јазични права и изразува загриженост само во делот на цената на чинење на неговата имплементација. Цената на мирот на еднаквоста и меѓуетничките подноси е неспроведлива со симболичната цена на имплементација на еден закон со кој всушност се заокружува Охридскиот договор. Комисијата го поздравува и дава позитивно мислење за употреба на албанскиот јазик кај партиите и униформите“, изјави денеска пратеникот од редовите на ДУИ, Артан Груби.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ нацрт-мислењето е правно-политички срам за државата. Бараат власта да го коригира законот преку амандамани и да се прекинат другите постапки додека тоа не се направи.

„Бараме веднаш да се повлече и законот за инспекторат за употреба на јазиците кој е во собраниска процедура. Ние сметаме дека законот од 2008 година е применлив, и може треба да се прилагоди уште малку. Но, на тој закон немало вакви ригидни забелешки и правни недостатоци кои беа посочени од Венецијанската комисија за овој закон за кој предупредувавме дека е неефикасен и е повеќе политички, а не подобрува јазични стандарди или права“,

изјави Антонио Милишоски

Според агендата на 120-ата пленарна сесија, Венецијанската комисија ќе го разгледа нацрт-заклучокот за законот за употреба на јазиците веќе на 11 октомври 2019 година, односно во петок. Предвидена е и „размена на мислења“ со претставникот на Северна Македонија.

Според листата на учесници на сесијата, тоа ќе биде универзитетската професорка Татјана Каракамишева, која е член на Венецијанската комисија од земјава.


Infomax.mk

Повеќе