Александар Русјаков – Французинка за три червени


Да ми го поздравиш и да ми го бациш! Ова му го рекле Зоќи и Еди на Аца Вучиќ, испраќајќи го на средба со Емануел Макрон. Веднаш потоа Еди ги соблекол патиките и му ги подал на својот српски колега.
Овие патики сами трчаат. Кога си веќе тука, може ли да му ги однесеш на Новак Ѓоковиќ да ми ги потпише?
Тоа го прашал. Аца Вучиќ со радост ги зел патиките. Наш Зоќи се нашол во небрано. И тој сакал да прати нешто по Аца за Емануелчо. Требаше да земам една тепсија баклава, си вели. А не вака, рацете празни, ама датумот стоо. И тогаш се сетил. Брцнал со раката во џебот, па извадил пенкало. Му го дал на високиот Србин.
Ова пенкало пишува само. Ми го даде Столтенберг. Јас го бакнав, па го потпишав членството во НАТО. Те молам дај му го на Макрон. Со пенкалото нека чкртне еден датум. Бакнежот може да го задржи.

По овие големи и мудри зборови што историјата секако ќе ги запамети, заврши големиот самит наречен „мал шенген“. Со овој самит сврши вековниот стремеж на северџанистанскиот народ и се овековечи новата и моќна унија. Северџанистан, Албанија и Србија влегоа во сојуз. Сеедно што злобниците небањати се исмеваат. Глупи се и немаат визија за блескавоста на овој проект. Затоа полни злорадост, фаќаат сеир. Мал шенген, голем генгбенг, велат небањатите Македонци. Порано во Македонија патувавме со лични карти, а сега благодарение на Вучиќ ќе патуваме во Македонија само со лични карти. Така се исмеваат небањатите. Срби. „Голема Албанија и Северна Македонија заедно со Србија до Токија“, се кикотат небањатите Албанци. Ако, нека се ситат глупите. Немаат поим. Мал шенген е како грдото пајче. Сега е мал и грдичок, па го исмеваат, ама кога ќе порасне, ќе стане лебедово езеро.

Ова добро го знаат шарените. Просветлените. Граѓанството луѓенца. Зарем они не гинеа по улици за овој мал, ама во душата голем шенген? Се саможртвуваа. Па турнаа режим со пенкало. Потоа со истото тоа пенкало заокружија „за“ мал шенген на референдумот. Беа вистински визионери. Само нив, просветлени, им беше јасно дека името Македонија е пречка за влез во малиот шенген. Мал, ама голем во срцето.

Во тој мал шенген немаше место за македонскиот идентитет. Среде таква блескава унија, македонски идентитет е ко скиснат пинџур. А просветлени не мацаат сељачки пинџур. Да не зборуваме за македонската историја, тој непотребен товар што со децении ни го оптоваруваше патот кон малиот, ама во суштина огромен шенген. Башка, глупо е да има мал шенген без Бугари. Ама Бугарија веќе е во друга унија, па мораше да се стори нешто. Затоа македонската историја стана бугарска. И за тоа се бореа шарените. Оттука овој наш планетарен успех. Сега малиот шенген ќе им ги плаќа сметките. А не како небањатите Македонци што мислеа дека името ќе им плаќа сметки.
Сега и воздухот е чист. Штом влеговме во мал шенген веднаш задува ветер. И тоа северен ветер. А не како порано, диктаторски ветер. Затоа тогаш бевме загаден Балкан, а сега сме Западен Балкан. Интегриран во мал шенген.

Во таква блескава атмосфера, во посета ни дојде Сорос. Така барем прочитавме по медиумите. Татко или син, сеедно. Сорос си е Сорос. Велат, бил во Охрид. Се сретнал со нашиве од блескавата власт. Веројатно да ни честита мал шенген. Оти Соросови имаат голема улога во донесувањето на блескавата власт. Јас секако имам транскрипт од овој таен состанок. Свиркачи ми фрлија нотни тетратки полни рефрени. Еве неколку сегменти.

Датумот го нема, ама шенгенот стоо.
Сорос е Сорос и однапред и отпозади.
Како?
Палиндроми, мистер Зоќи, палиндроми.
Муртини, мистер Сорос, Муртино.
Како?
Ами ти од Палиндроми, јас од Муртино. Ти од грчко село, јас од северномакедонско село. Не знаев дека имаш грчки корен, мистер Сорос. Се прашував, какво е тоа презиме Сорос? Не ми текнало. А тоа било Сорос како Лезбос, Миконос, Тасос. А во Палиндроми не сум бил. Туку, мистер Сорос, Македонија северна, ама вмровците стоо.
Штоо?

Не, штоо, стоо. Вмровците стоо. Треба малку кеш, мистер Сорос. Доаѓаат избори. Треба да ги поттикнеме нашите слободоумни граѓани. Да излезат малку на протест против режимот на опозицијата.
Не, не, не, мистер Зоќи. Нема пари за протести. Сега мене сите пари ми се потребни за војна против Трамп. Сака да го укине НАТО.
Па, што ако го укине? Ќе си влеземе ние во мало НАТО.

Крај на детали од транскриптот. Некои езотерици тука велат дека кога Зоќи чул дека нема пари за протести, удрил со тупаница по маса. Штом не може да протестира самосвесното граѓанство шарени луѓенца, никој не може да протестира. И донесе закон. Со кој се ограничува правото на изразување незадоволство, односно протест. Каква глупост. Што ќе му е воопшто таков закон? Просечното Македонче има потреба од малку. Тргни му од плеќи радиодифузна такса. Не им чепкај во озборување и живеење туѓи животи. Вети им 500 евра, ама дај им 17.000 денари. И пред избори крени плати, пензии и социјална помош. За да те гласаат. Потоа замавај ги со казни и даноци, нема ни да забележат. Плус Македонче не е глуп Каталонец или Чилеанец, па масовно да излегува и протестира. Можеш да му земеш и име, идентитет, историја, сестра, ќерка.

Ама Македонче не ти протестира за такви ситници. Тоа и онака е само товар. Само не му чепкај озборување и сеир. И во онаа легенда што му е врвно достигнување во животот. Фантазијата дека онадел Бугарки за три чрвени. Секако, во меѓувреме прифати да има бугарски корен и историја. Па излегува дека веќе нема ништо од таа посрана фантазија. Оти излегува дека тоа бил нивни род, можеби тетки, братучетки. Затоа глуп е тој закон. Македончето не протестира. Македончето се привикнува. Сега ќе му треба малку време да се привикне дека е северџанистанско Бугарче во мал шенген. Ама подобро во мал шенген, отколку во онаа никаква Евроазиска унија. Каде што се залетаа глупине Французи. Ќе дојдат еден ден тоа Французинките да молат од северџанчето. И, оп, Французинка за три чрвени.

Нова Македонија

Повеќе