Струмица доби Парк за миленици од ЕВН Македонија


Статија на СтрумицаНет

Со присуството на градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски и раководителот на ЕВН Македонија – КЕЦ Струмица, Александар Трлин, денеска во Струмица беше пуштен во употреба „Парк за миленици“, кој е во рамките на Градскиот парк и се наоѓа на тревниот простор помеѓу стадионот „Благој Истатов“ и Амфитеатарот.

Паркот е ограден, а внатре содржи повеќе видови на реквизити и предмети за забава и дресирање на домашни миленици, како и клупи за седење за сопственици на милениците. За неговото одржување ќе се грижи општината, а градоначалникот истакна дека очекува помош од граѓаните кои ќе го користат паркот, како и здруженијата за заштита на животните во градот.

Реализацијата на проектот ја направија вработени во ЕВН Македонија со волонтерска работа, преку проектот на компанијата „ЕВН Волонтира“, користејќи се со минимални финансиски средства и искористувајќи материјали од секојдневното работење на компанијата. Ова е прв „Парк за миленици“ во Македонија направен од страна на ЕВН Македонија.

„ЕВН Волонтира е проект на ЕВН кој трае повеќе од две години. Спроведени се околу 50 разновидни активности, а денеска за прв пат во склоп на програмата се реализираше идеја за градење на парк за миленичиња. Човечки е да се направи добро дело, а од особена важност е да се направи добро дело за оние на кои им е неопходна човечка рака. Се надевам дека овој парк ќе им послужи на миленичињата и на жителите на Струмица и околината да се забавуваат и да уживаат во секојдневните активности“ – кажа Александар Трлин, раководител на ЕВН Македонија – КЕЦ Струмица.

Градоначалникот Коста Јаневски истакна дека паркот е плод на успешната соработка со ЕВН и дека овој проект повеќе пати бил баран од граѓаните, односно љубителите на домашни миленици, за да се реализира.

„Тоа е проект кој надополнува уште едно парче во мозаикот на една урбано уредена општина. Ова е еден проект кој што и нашите сограѓани го бараа во повеќе наврати, посебно љубителите на домашни миленичиња бараа еден простор кој ќе им овозможи да поминат убави моменти со своите миленичиња“ – кажа градоначалникот Јаневски.

 

Повеќе