Димовски: „Рекет“ е по сценарија на власта, целта е затскривање на вмешаните функционери


“Рекет“ е филм под режија на актуелната власт, па Бојан Јовановски да остане зад решетки, а Катица Јанева да е дома, е само уште едно од низата сценарија со единствена и јасна цел – да се забошоти случајот „Рекет“, па да се успее во обидот да се затскријат вмешаните владини функционери, вели новинарот Сашо Димовски кој долго време ги следи судските процеси. Според него, планот е вината на сите да падне на еден. Па Боки 13 за „Рекет“ да одговара сам, а сите вмешани да можат да се вадат оти тој делувал индивидуално, а тие ништо не знаеле.

-Ова само уште едно сценарио на сегашната власт за да го забошоти случајот. Па сега ќе имаме ситуација, Катица Јанева од домашен притвор да се појавува, или пак, да не се појавува на рочишта, да ги одолговлекува. А постои и можност и да ја скрати процедурата со тоа што ќе ја признае вината, па ќе имаме многу кратко судење на кое нема да ја разбереме суштината, а власта за да ги затскрие своите функционери кои се вмешани во другите постапки на „Рекет“ да ја префрлат целата вина на Боки 13 и сите да се вадат дека тој ги измамил, а тие ништо не знаеле, затоа и вака случајот е разделен, изјави Димовски.

Тој не верува дека ќе има дополнителни проширувања на случајот „Рекет“ кои би можеле Јовановски, освен како обвинет, да го стават во улога и на сведок.

-Па дел од случајот веќе имаме потпретседател на Собранието, висок функционер на СДСМ, но лично не верувам дека понатаму ќе се оди во дел на политичките личности, затоа ним поентата им е Боки 13 да се стави како виновник на целата приказна, подвлекува Димовски.

Сашо Ордановски, пак, новинар кој претходно работеше во 1 ТВ, за случајот „Рекет“, има сосема спротивставен став од оној на Димовски. Во својата колумна Ордановски вели оти целиот државен апарат се ставил на услуга на Јордан Камчев, со цел власта пред меѓународната заедница да докаже дека правната држава профункционирала. Но упати и молба, да се обезбедуваат архивите на обвинителството за да не исчезне записот од сведочењето на Јанева пред да биде уапсена.

-Ги молам оние кои се задолжени за чување на архивите во Обвинителството да се погрижат за тоа миракулно да не исчезне четиричасовното сведочење на г-ѓа Јанева, во присуство и на адвокатот Стеван Павлески, дадено пред обвинителите дента пред да биде уапсена. Ќе ни треба тој запис, за еден ден, кога ќе се прави реконструкција на целиот овој скандал, да сфатиме зошто, всушност, е направена целата оваа операција и кој каква улога играл во неа. Бидејќи, не верувам дека тој богат исказ на обвинетата Катица ќе го чуеме и во судницата. Во тој записник – занимливо, единствениот кој не протече во јавноста – би требало да ги има одговорите на многу дилеми за хаваријата што го снајде СЈО, а се заканува да „проголта“ многумина кои се надеваат дека ќе се спасат и пред да почне судењето.

Иако не делат исто мислење, и Димовски и Ордановски, тврдат дека има обиди некој нешто да затскрие.

Сања Трајковска Ставров

Алфа Тв


 

Повеќе