АЛЕКСАНДАР ДОНЕВ – Градоначалникот кога стана премиер, со себе во Скопје поведе еден автобус луѓе од Струмица


Интервју на Република.мк со Александар Донев Претседател на ВМРО-ДПМНЕ ОК Струмица

СДСМ раководи со општина Струмица повеќе од 15 години. Kое е најголемото разочарување што им го приредила оваа партија на струмичани?

Донев: Најголемо изневерување за струмичани од СДСМ е изгубената слобода. Струмица веќе 15 години е под контрола на СДСМ и постојат многу ветени и нереализирани проекти на локалната самоуправа за кои дискутираме, но постои нешто што никогаш нема да им биде надоместено на граѓаните на Струмица – тоа е слободата. На прагот од 21 век слепо водени од партијата официјален наследник на комунистичка партија. Таков наследник, чија бурна струмичка историја се ревидира со брусилки по спомениците пред кои со генерации се поклонуват струмичани.

Струмица, која беше гласник на слободата во средината на деведесеттите кога ВМРО-ДПМНЕ само неколку години по независноста успеа да ја преводи општината, денеска нема слобода за политичко дејствување и економско работење. Имам чест да слушам од нашите ветерани колку учествувал комитетот во Струмица во процесот на независноста, вистински бедем на самостојноста. Епска сторија која од нас новите генерации бара храбро да се зафатиме со процесот на ослободување на Струмица, како дел од обновата на Македонија.

Се разбира, најголемо очекување струмичани имаа во областа на развојот на стопанството, па порано додека државна власт беше ВМРО-ДПМНЕ се обвинуваше Владата дека намерно го кочи развојот на општината. Денеска кога изминува мандатот на СДСМ нема ништо од ветените промени во стопанството на регионот.

Од центар на регионот во последните 15 години Струмица не стана вистински стопански, трговски, образовен, културен и религозен центар иако пред да настапи на власт СДСМ ги имавме сите предуслови за таква трансформација.

Земјоделието по катастрофите во претходните години постигнува одредени цени затоа што веќе нема производство какво што овој регион може да понуди. А, нема производство затоа што регионот е погоден со миграцијата на работоспособното население кон европските земји.

Дури ниту индустриските зоните кои самите ги започна власта на СДСМ не се во значаен процес на инвестирање. Ниту инфраструктурно, ниту пак со нови капацитети на стопански субјекти.

Уште повеќе зачудува сегашната неспособност на јавните претпријатија и покрај бројниот кадар барем солидно да се одржува она што е изградено во претходните мандати на Зоран Заев како градоначалник на Струмица.

Каков е животот на младите во Струмица, прави ли нешто локалната власт за да го подобри нивниот живот?

Донев: Младите очекуваа поголема поддршка во вработувањето, посебно во приватниот сектор, подобри услови за образование, домување без задолжувања, и реални услови за спортот по кој Струмица беше препознатлива. Но, условите навистина се лоши за учениците, за студентите, за младите кои имат намера да основат тука дом и работа. Младите со кои често се среќавам размислуват како опција странско државјанство и заминување на работа во Европа и во светот. Тоа се разбира не е затоа што gрадоначалникот не ја направил ветената киносала или спортски игралишта туку заради општата катастрофа на стопанството и особено на земјоделието на кое се крепи целата економија на градот.

Но, разбирливо е дека доколку се познава економијата, законите, доколку се работи чесно, ќе се врати стопанскиот развој, а со него и образовниот, културниот и спортски живот на младите во градот.

Оние пак кои остануват тука да живеат веќе знаат со кого може да се гради Струмица како пристојно место за живеење. Знаат кој направи во Струмица факултети, кој направи спортски сали, кој може да ги поправи сите патишта во регионот наместо да вети 4 километри автопат до своите индустриски објекти. Знаат младите во Струмица дека само ВМРО-ДПМНЕ има капацитет и сила да се справи со кризата и да ја обнови Струмица.

Сведоци сме на корупција и непотизам во највисоките ешалони на власт, има ли вакви примери во вашата општина?

Донев: Симболичо кажано, премиерот со себе во Скопје однесе еден автобус луѓе токму од Струмица. Кадри од кои ни Струмица ниту регионот не почуствуваа унапредување. Исто така некои од децата и блиските луѓе на високи членови на СДСМ добија добро платени работни места во администрацијата. Потоа, голем број тендери и слични суми се делат по блиски луѓе на власта или директно на нивните приватни бизниси. Всушност власта не го третира ова како некаков проблем. Го третира непотизмот и криминалот како награда за заслуги на поединци и семејства но, Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги знае и уредно бележи сите проблематични односи и добивки.

Разбирливо, познавајќи ја состојбата со правниот систем и притисоците, повеќе од јасно е дека сега за сега нашата реакција останува само израз на незадоволството на народот.

 

Има ли Струмица проблем со загаданениот воздух?

Донев: Како советник во општина Струмица заедно со останатите советници често пати реагираме и предлагаме мерки за состојбите со загаденоста на воздухот и депониите. Ја алармираме и јавноста но, иако од раководството на локалната самоуправа и градоначалникот добиваме ветувања и некакви извештаи за преземени мерки – и тука работите имат лоша тенденција. Загаденоста на воздухот во Струмица и овие денови е алармантна.

Струмица неколку дена минатата година беше најзагаден град во Европа, а ако се верува на одредени мерни станици беше и најзагаден град во светот. Струмичани на шега се присеќат на слоганот на СДСМ „Европска Струмица“ и велат дека како-така сега станала „светска“.

ВМРО-ДПМНЕ редовно обвинува за партиски реваншизам особено во јавната администрација, има ли вакви примери во Струмица?

Донев: Се разбира дека има притисоци и преместувања на работните места. Комитетот и во овој случај води уредно евиденција. Повеќето од нашите членови кои се дел од администрацијата и покрај заплашувањето и надгледувањето сепак се активни на теренот. Постојат и такви случаи за кои некој треба да сноси одговорност но, од разбирливи причини не наведуваме конкретни случаи.

Меѓутоа, оваа шема на пристисоци, поткупи и заплашувања веќе има друг ефект. Граѓаните што ги среќаваме и доаѓат во Комитетот се охрабрени. Нов дух на сила има помеѓу младите, старите, жените. Постои елан и убеденост за времето што доаѓа. Никој повеќе не им се плаши и по секоја цена членовите и симпатизерите се спремни да бидат дел од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ и уверени сме дека по вонредните парламентарни избори во април 2020 и во Струмица ќе започне обновата.


 

 

Повеќе