Без проверка на имотот на судиите и на обвинителите, нема ниту правда ниту мир

Статија на ТВ Нова.мк


Пишува Љубиша Арсиќ

Закон за периодична и континуирана проверка на полицајците – гласи законското решение во Албанија пред кое замолчаа 500 полицајци и се повлекоа од службата, откако државата најави дека ќе го спроведе законот, за потоа овој процес, заедно со проверката (ветингот) на судиите и јавните обвинители, да го искористи како еден од клучните аргументи во приликата за старт на преговори со Европската Унија, како знак дека Тирана започнала борба против корупцијата преку чистење на институционалните редови. Албанија го спроведува процесот од 2015 -та и има потрошено од 15 до 20 милиони евра и се очекува тој да заврши во 2024-та. И десетици судии и обвинители, покрај полицајците, самоиницијативно се повлекоа со што се создаде перцепција дека голем број службеници во Албанија, кои требале да се борат против криминалот, биле корумпирани или биле дел од криминална структура.

Колку Северна Македонија знае и може да спроведе операција за проверка на имотот и парите на полицајците, судиите и обвинителите? Може ли да се потрошат милиони евра на оваа постапка? И конечно, дали ветингот ќе обезбеди независни, професионални и некорумпирани полициски и судско- обвинителски службеници, и дали е неопходно тој да се спроведе во сите три сегменти, оти ако само полицијата се прочисти, залудни ќе бидат обидите за владеење на правото и остварување на правдата.

За ветингот се зборува – дали државата има храброст да го спроведе

Ако се погледне ситуацијата во полицијата, судството и обвинителството нема многу да се згреши ако се прогнозира дека проверката на имотот и парите е насушна потреба, за еднаш конечно да се елиминираат нечесните и подмитливи службеници. Но, реално, според објективните анализи и капацитетот на институциите ветингот во македонската полиција би започнал во 2021-та година, додека во судството и обвинителството и подоцна, со оглед дека таму се уште процесот е само во најава преку изјави за медиуми на релевантни политички фактори, како премиерот Зоран Заев, министерот Оливер Спасовски, па дури и опозиционерот Христијан Мицкоски го става на партиската агенда во предизборната кампања.

Во последниот период се насобраа многу скандали и пропусти во правосудството, како на пример дека поголем број судски предмети на СЈО започнуваат отпочеток, а се и по две години во судница, дека осуденици лесно ја напуштаат државата, дека ниту еден функционер на ВМРО ДПМНЕ, особено одговорните за нелегалното прислушување и за големите корупциски афери, не е во притвор, дека СЈО беше обезглавено заради корупциска афера… Сето тоа и дава право на извршната власт да започне најава за ветинг на имотот и парите на судиите и обвинителите.

Кај полицајците секако ќе се спроведе ветингот затоа што таму ситуацијата е во напредна фаза. Овие политички изјави за проветрување на правосудството од криминално- корумпирани поединци очекувано е да продолжат во текот на предизборната кампања, оти огромен број граѓани очекуваат објективни и праведни институции, па процесот може да донесе поени кај политичките конкуренти. И, со оглед дека нема да се спроведе генерален реизбор на судии и обвинители, тема која беше актуелна пред претходните избори, најдобро решение ќе остане проверката (ветингот) на богатството на службениците.

Ако се утврди ефикасен модел нема да постои отпор

Во моментов во МВР се утврдува наслов на законот што ќе се однесува на ветингот на полицајците. Паралелно се подготвуваат и законските решенија кои ќе предвидат формирање на Комисија за спроведување на законот. Едноставно, за да може проверката да се спроведе побрзо и поефикасно, наместо да трае со години, ќе треба однапред да се спроведат некои активности кои ќе одземат време, па затоа реалните очекувања се дека 2021-та би била година за целосен ветинг на полицијата. Во моментов постои друга комисија која ги прави анализите и компарациите за да го утврди моделот, начините и решенијата со кои преиспитувањето на имотот ќе се изврши коректно и точно, за да не се создава дополнителен отпор кај службениците. Со таа комисија раководи деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски.

„Во моментов создаваме услови за целосен и успешен ветинг на полицијата.  Немаме материјални средства и човечки ресурси, но сето тоа ќе се создаде во наредниот период. Ние и денеска да го имаме законот нема да можеме да го спроведеме оти немаме капацитет, но затоа сме тргнати во процесот, чекор по чекор да надминуваме ситуации. До јули следната година ќе треба да се изврши јавна набавка на систем преку меѓународен тендер, како дел од опремата на Антикорупциската комисија, во кој ќе се вмрежат голем број институции, вклучително и МВР. Така, наместо еден функционер за три месеци ќе може да се провери за три секунди, што значително ќе го убрза процесот. Дополнително, се обидуваме да создадеме услови и ветингот да може да се повтори на одреден број години“- пренесува дел од активностите на комисијата, професорот Дујовски.

Кај полицајците ќе се проверува колкав имот имаат, како го стекнале, колку пари имаат на банкарските сметки, дали освен полициската служба обавуваат и друга дејност, дали таа дејност се коси со полициската? Ако се следи албанскиот пример, тогаш пред проверките ќе им се остави простор на полицајците сами да се повлечат доколку не сакаат да им се провери имотот. Истата операција ќе мора да стане задолжителна и за судиите и обвинителите за да може од една страна да се создаде систем на некорупирани институции кои се борат против криминалот, а од друга, граѓаните конечно да знаат кој е избран на правосудна функција без дамка во досието, за потоа да може да се зборува за доверба во судството. Вака таа и натаму ќе биде најмала за судиите и обвинителите. Ако се создаде модел за ефикасно, брзо и коректно спроведување на ветингот во правосудството, а особено ако е можно да нема прекин во работата на судовите, а и ако им се остави можност самите да се повлечат оние кои не сакаат да бидат изложени на преиспитување, тогаш очекувано е да нема отпор кај судиите и обвинителите, затоа што и самите професионалци би сакале да се исчистат од валканите колеги.

„Неколку пати сум ја искористил фразата самоевалуација, процес кој е неопходен да се спроведе во судството. Интересно е што ова прашање одново се отвора пред избори. Но, дали државата знае кои придобивки ги носи ветингот, а кои загуби? Примерот со Албанија и не е можеби толку позитивен ако се знае дека одново има заглавени предмети, иако се очекуваше поефикасна работа на судовите. Меѓународните експерти задолжени за Македонија нотираат дека постојат сомнежи дека одредени судии може да се однесуваат коруптивно, но ние немаме ефикасен систем за контрола. Оттаму, ако се најде начин како во целост би се провериле судиите, но и ако се најде начин како судовите ќе функционираат непречено во период додека се спроведуваат проверките, тогаш не очекувам силен отпор кај судиите. Иако по природа секоја единка реагира за да се заштити, ако внимателно му се пристапи на целиот процес тој ќе се спроведе“ – оценува Џемали Саити, претседател на Здружението на судии.

Сите да се објават со име и презиме

Македонија има околу 500 судии и малку повеќе обвинители. Според бројот на судии државата е малку над европскиот просек, но зачудувачки, во Северна Македонија, иако има повеќе судии од потребниот просек, сепак судовите се пренатрупани со предмети. Една од причините секако дека е недоволното искористување на другите методи за вонсудско решавање на спорови, како медијацијата, но и нагонот на граѓаните да тужат за се и сешто, па и кога навистина нема потреба. Но, за да се обиде државата да ја намали натрупаноста и да создаде објективна атмосфера во судските процеси, ќе мора да биде внимателна при евентуалниот ветинг во правосудството.

„Ако се стремиме кон правна држава и борба против корупцијата ваквиот процес може да го спроведат само чесни професионалци со интегритет. Секој што одговорно и совесно ја извршува задачата нема од што да стравува. Меѓутоа ветигнот треба да биде добро осмислен за да нема злоупотреба од политичките структури. Проверките може да исклучат некого, со што уште повеќе ќе се намали бројот на обвинители, кој и во моментов не е доволен, па затоа ќе мора стручен и спроведлив ветинг. Исто така, целата постапка да се одвива транспарентно, со факти и докази“- категоричен е Тодор Витларов, претседател на Здружението на обвинители.

А црвеното светло го запали случајот „Рекет“ токму со обвинител како главно обвинет, Катица Јанева од СЈО, симболот на правдата, со рекордна доверба кај граѓаните. После неа стана јасно дека проверката на имотите на судиите и обвинителите е неизбежна, ако државата сака навистина да има правда, а со тоа и мир. Адвокатот Александар Тумановски задира во суштината на прашањето кога тврди дека борбата против корупцијата во судството е вечна борба, а тоа го користи како еден од аргументите да поентира дека време е…

„Секоја година во некоја јавна анкета едно од првите три места секогаш го зазема правосудството, и до сега никој не смогнал сили да ја реши таа девијантна појава која само ја намалува довербата на граѓаните. И оваа влада пред преземање на власта најави реизбор на судиите поради 11 години заробено судство од претходната власт, но после слушнавме дека ЕУ пријателите тоа не го одобриле поради непопуларност на мерката за сузбивање на корупција. Очигледно е дека тие пријатели не го зеле предвид фактот што делителите на правда се со поинаков ментален склоп, а како пример би го посочил последниот бастион на правдата СЈО, на кого им се случи да станат најголемо разочарување, иако сите верува дека тие ќе ја вратат довербата на граѓаните во правосудството. Затоа е потребно преку ветингот да се извадат на површина сите, со име и презиме, за да не се дава генерална слика за правосудството. На крајот, подобро да имаме помалку чесни делители и борци за правдата, отколку целосно нечесна правда“- коментира Тумановски.


https://novatv.mk/bez-proverka-na-imotot-na-sudiite-i-obvinitelite-nema-nitu-pravda-nitu-mir/

Повеќе