Жестока кавга за капиталните инвестиции и даноците во собранието


Не стивнуваат бурните реакции во собранието за предлог буџетот за наредната година. Веќе 5-ти ден пратениците на ВМРО-ДПМНЕ најмногу критикуваат за ниската реализација на капитални инвестиции од само 40 отсто заклучно до октомври. Прашуваат како ќе потрошат 384 милиони евра догодина кога во 2019-та Владата стигнала да потроши едвај 150 милиони за 10 месеци.

Опозицијата критикуваше дека власта нерационално троши и дека го зголемува јавниот долг. Министерката Ангеловска, пак, реплицираше дека се вложува во крупни проекти од кои бенефит и додатна вредност ќе има за сите. Кавга настана и за приливите од ДДВ. Ако за Ангеловска проектот „Мој ДДВ“ ќе ја намали сивата економија, дел од пратениците и порачаа дека животите на граѓаните не се лотарија.

Додека Ангеловска се фалеше со зголемените буџети за здравство и образование, опозицијата прашуваше зошто тогаш нема нови учебници за учениците и лекови на позитивна листа за болните. Расправата во матичната комисија за финансирање и буџет продолжува и следната недела.

Тања Попова


alfa.mk

Повеќе