НОВА ТВ: Уставните судии ќе го сркаат тоа што си го надробија


Уставните судии ќе го сркаат тоа што си го надробија

Пишува: Љубиша Арсиќ

Освен Насер Ајдари, сите други уставни судии, кои се вклучени во операцијата со амнестија за функционерите на ВМРО ДПМНЕ, се при крајот на мандатот. Додека им изминува последната година до две од деветгодишниот мандат, на судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Владимир Стојановски и Вангелина Маркудова, ова им е последна шанса да ги спасат функционерите на ВМРО ДПМНЕ од кривичен прогон.

Иако иницијативата на адвокатот Зоран Стојановски до Уставен суд ќе изброи четири години старост, судиите токму сега ја актуелизираат, во период кога СЈО не функционира, кога ВМРО ДПМНЕ упорно го стопира Законот за јавно обвинителство, кога ќе се формира техничка влада и кога следат парламентарни избори. Обидот на уставните судии е да направат простор да стане правно ефективна аболицијата на екс-претседателот Ѓорѓе Иванов и со тоа да прекинат истрагите, судските процеси, но и да се укинат пресуди против поранешните челници на ВМРО
ДПМНЕ и високи функционери во тогашната власт.

Елена Гошева е класичен пример на партиски судија 

Практично уставните судии пред да заминат од функција како да сакаат да и се заблагодарат на ВМРО ДПМНЕ за помошта при напредувањето во кариерите. Од дистанца така изгледа ситуацијата. Елена Гошева, на пример, е класичен пример за целосно несоодветен уставен судија. Освен што не го исполнуваше просекот со оценките, јавноста одамна знае дека целото семејство Гошеви две децении приврзано со партијата на Христијан Мицкоски.

Како може оваа судијка објективно, професионално и правнички да одлучува кога нејзиниот сопруг директоруваше во Студентскиот центар, кадар на ВМРО ДПМНЕ, кога нејзината ќерка Слободанка Гиевска Гошева е истакнат партиски член, кога зет и е Игор Гиевски, исто така, искусен и познат партиски член. Со вакво семејно стебло во западните демократии, Гошева не може ни да помисли да извршува висока судиска функција, но во Македонија таа беше дури и претседателка на Уставен суд.

Таа има уште неполни две години мандат, но во меѓувреме ќерките, зетот и проширениот круг со роднини, се сместија во компании за екстремно високи плати, како Телеком, ЕВН, Агенција за електронски комуникации. И како таквата судијка може да се однесува независно како што му доликува на уставен судија? – Никако.

За да имаат свој проверен судија во Уставен, ВМРО ДПМНЕ ја поставува Гошева, иако таа беше во пензија по истекот на мандатот во Советот на јавни обвинители. Сега се воочува дека таквиот потег и се исплател на партијата, иако тоа се потврди и во неколку наврати претходно, кога Гошева во ставовите за одредени прашања повеќе промовира политика отколку право.

Три во едно – и Ивановски и Јосифовски во вмровската попара 

Од истиот Совет на јавни обвинители, во исто време, и Никола Ивановски премина во уставни судии. Тој е уште еден сигурен џокер на ВМРО ДПМНЕ. И тој, како и Гошева немаа ниту еден ден искуство со уставна материја, што е директен показател дека партијата им помогнала незаслужено да застанат на висока судиска позиција и логично е дека сега партијата очекува правно харикири на своите судии за и тие незаслужено да ги амнестираат партиските криминалци.

Ивановски ја наследи Гошева на претседателската функција во судот, пред последната ротација кога беше избран Сали Мурати. Тогаш во медиумите се пишуваше дека Ивановски ја заработил претседателската позиција затоа што имал задача да ги протурка измените со кои на претседателот на државата му се дава овластување да аболицира и за дела поврзани со изборен процес.

Истата година, 2012-та, кога Гошева и Ивановски се избрани за судии, власта на ВМРО ДПМНЕ го изгласува и Јован Јосифовски за уставен судија и со тоа комплетира проверена тројка за да може да наметнуваат политички наместо правни одлуки во судот.

И Јосифовски е политички врзан со ВМРО ДПМНЕ – пет години беше претседател на Државната изборна комисија, а неговиот син беше вработен во кабинетот на Иванов и тоа како генерален секретар. И кај овој судија е дискутабилно колку може објективно и независно да пресудува, особено и заради фактот со синот Борис, кој му служел на Иванов, претседателот од кого потекна целата оваа смислена, незаконска и партиски погодна иницијатива за спас на криминалците преку институциите.

Од партиски функционер не се станува независен судија 

Но тој што прв ќе замине од Уставен суд е судијата Владимир Стојановски кому мандатот му завршува за нецела година. Сега и тој има прилика последните месеци во судот да ги искористи за искажување благодарност кон партијата. А, како и нема кога од 2006 година до 2011 година експресно му напредувала кариерата и само за толку кратко успеал да се докопа до важна, висока позиција во Уставен суд.

Како предлог на ВМРО ДПМНЕ прво станал директор во Бирото за судски вештачења. За една година преминал во Управен суд, а за само три години потоа во Уставен. И тој немал искуство со уставна материја, но тоа, исто како и малото судиско искуство не биле пречка ВМРО ДПМНЕ да препознае потенцијал кај Стојановски, но за своја полза.

Насер Ајдари пак беше соработник на ДУИ пред да стане уставен судија, што по логика значи дека и сега им е соработник, но од повисока позиција со можност да влијае врз судски одлуки во корист на партијата.

 

Не помага оправдувањето на спикерот Талат Џафери дека Ајдари откако е избран за уставен судија ги прекинал партиските активности. Може тој ги прекинал партиските, но не и судиските, преку кои ДУИ ако сака може да изврши влијание врз одреден процес. Колку и да настојуваат да се претстават во јавноста како независни и објективни, сепак тешко се одлепуваат партиските етикети.

За крај, Вангелина Маркудова е шестиот судија што не сака да ги види вмровците во затвор. За неа беше несвојствено дека од основен суд премина директно во Уставен. Како заслужила си знае она, но јавноста памети дека таа судеше во главните операции на МВР, како „Змиско око“, „Фаланга“, „Сопот“, „Франкфурт мафија“, акции преку кои власта на Никола Груевски имаше намера да заплашува и да воспостави режимско владеење.

Но, еден од срамните судски процеси што го водела е досието за Славија. Откако Основен суд 2 беше изземен од предметот, материјалите завршија во Основен суд Скопје 1, дали случајно или не предметот оди кај Маркудова. Подоцна се испостави дека партнерот на Маркудова имал интерес како вработен во Славија, по што судската одлука со затворски казни е под сомнеж.

Тројцата мускетари 

Наспроти овие шестмина судии, кои преку политичка зависност ќе промовираат наводна правна исправност, а со тоа само ќе предизвикаат правен хаос и политичка нетрпеливост, а со крајна цел ниту еден вмровец да не заврши во затвор, постојат и тројца судии чиј дигнитет и правна логика ги надминаа партиските интереси – Сали Мурати, претседателот на судот, Осман Кадриу и
Дарко Костадиновски.

Додека првите шестмина судии неоправдано и незаконски застануваат на страна на оние кои практично ги избраа и им помогнаа неправедно да напредуваат во кариерата без квалитети и знаење, вторите тројца судии ќе настојуваат да победат на седницата на судот низ правни аргументи. Тешко дека судиите на ВМРО ДПМНЕ ќе го променат мислењето – така ќе застанат против партијата која сега сака да си го наплати долгот за тоа што им овозможила на некои од судиите да имаат функција која не ја заслужуваат.

Интересен е феноменот Костадиновски, кој исто така не се занимавал со уставната материја, но затоа е експерт по меѓународно право. Има напишано и книги, а бил ангажиран во претседателскиот кабинет уште од Борис Трајковски, па од Бранко Црвенковски, за на крај Иванов да го предложи за уставен судија. Но, иако е негов предлог, а Иванов има директна врска со политичко – правните перипетии околу амнестијата, сепак Костадиновски одлучил да не и се приклучи на сомнителната шесторка. За другите двајца нема дилема, Мурати и Кадриу оставаат впечаток дека сакаат да работат по словото на законот, особено искусниот професор Кадриу кој уставната материја ја знае наизуст.

Добро е што тој беше избран пред една година за уставен судија заедно со Костадиновски, па во следните осум години ќе биде разумот на судот, иако еден глас не прави мнозинство. Но, за година до две, ќе има ротација на другите седум судии, па и шанса за новата власт после парламентарните избори да избере соодветни, образовани и судии со дигнитет, а не судии кои наведнуваат глава пред партијата.

И сега што?

Иванов немаше право да ја донесе аболицијата, а уште помалку да ја отповика. Дури правници коментираат дека тие постапки се зрели за кривична одговорност на Иванов. И не само тоа, туку со аболицијата се откри дека претседателот имал пристап до тајни информации, што исто така е случај за истрага, која секако никогаш нема да се случи. Сега клучно, за седницата на Уставен суд закажана за среда, е дали членот 11-а од Законот за помилување ќе се поништи или укине.

Доколку се поништи сите обвинети и пресудени екс функционери од СЈО ќе се спасат затоа што така ретроактивно се поништуваат и сите последици кои претходно биле предизвикани. Доколку пак членот се укине, тогаш, од тој момент, па во иднина, нема да важи членот од законот и тоа ќе значи дека Стево Пендаровски нема да има право да повлече еднаш изречена аболиција, но претходните настанати последици ќе останат какви што се, а тоа значи дека функционерите на ВМРО ДПМНЕ нема да имаат аболиција.

По нерамномерниот распоред на силите во Уставен суд, односно шест спрема три најверојатно сега главната битка ќе биде токму ова – дали членот да се поништи или укине затоа што мнозинството судии секако ќе настојуваат членот да престане да постои.

Дополнителен хаос во приказната прави ВМРО ДПМНЕ која на прес конференции обвинува дека повампирувањето на уставните судии е по налог на Зоран Заев. Како? – Нејасно е многу како партијата која има мнозинство судии и многумина обвинети од партиските редови и кому единствено ваквата уставна одлука им оди во полза, наеднаш да прави конструкции дека СДСМ стои зад овој скандалозен потег на судиите кога сите негативни поени, ако се поништи членот одат на контото на СДСМ. Или просто, како може СДСМ да има политички ќар ако нема казна за ниту еден вмровски функционер? Или, зошто СДСМ би го иницирал сето ова кога станува збор за ослободување на политички противници, и тоа длабоко загазени во криминал.

Но, со оглед дека голем дел од народот не чита, не проверува и не споредува информации, туку слепо верува, кај поголем број вмровски гласачи лесно ќе помине и тезата дека СДСМ стои зад
(не)уставната операција.


Нова ТВ

Повеќе