Oбвинителството прислушувало 34% повеќе во споредба со 2017 година


Обвинителството лани повеќе прислушувало во однос на 2017 – та година. Државниот обвинител Љубомир Јовевски до Собранието достави извештај за примената на посебни истражни мерки. Според статистиката на Обвинителството, во 2018 – та година во однос на 2017 – та забележано е зголемување при користењето ПИ – мерки за 34 проценти во случаите. Има раст од 9,7 насто кај лицата кои биле следени. Статистички, лани во 95 случаи биле применети ПИ – мерки и биле следени 317 лица. Извештајот во Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите не го презентираше лично државниот обвинител Јовевски. Овластил друг обвинител да дојде наместо него.

„Споредбено во однос на 2017 година претставува зголемување кога овие мерки биле применувани во 71 случај против 289 лица со утврден идентитет, за 363 предмети на кривично дело“-рече Бодан Лазаревски, обвинител.

На комисијата не присуствуваа пратеници од власта. Пратениците на ВМРО – ДПМНЕ рекоа дека извештајот е опсежен. Имаа само една забелешка.

„Очекуваме во наредната година извештајот за 2019 – та година да стигне многу порано, а не после една година од кога цела оваа работа завршила. Така што, оваа забелешка имајте ја предвид за наредната година ова да не ни се случи“-изјави Зоран Илиоски, ВМРО – ДПМНЕ.

Во извештајот за примената на посебни истражни мерки обвинителството нотира дека со оваа можност зголемена е ефикасноста за кривичен прогон и борбата против организираниот криминал и корупција. Дополнително до Комисијата граѓанин побарал да утврди дали бил следен и зошто. По куса дискусија, членовите одлучија дека нема таква можност.

Бојан Стојановски


Алсат-М

Повеќе