ГРАДОНАЧАЛНИЧКО ФИЈАСКО !


На локалните избори во 2017 година СДСМ освои рекорден број на градоначалнички места, а на опозицијата ù останаа само пет помали општини – резултат кој ни самите не го очекуваа, но го направија и го добија со добро изведен изборен инжињеринг, пред сè со помош на полицијата и министеството за труд, но и со ветени илјадници нереални проекти и програми.

Но иако помина повеќе од половина мандат на градоначалниците, еве се троши третата година од нивното владеење, не може да се види ништо од ветеното. Ги нема ветените затворени базени, стадиони и спортски сали, ја нема ветената гасификација на општините, индустриските зони, фабриките за рециклиран отпад, го нема ветениот аква парк во Новаци, намалувањето на комуналиите од 30% проценти во Виница, ја нема вештачката акумулација на Кадина река, покриените градски пазари, катните гражи, ветените обиколници околу градовите, новите училишта, го нема ветениот чист воздух….

А сè почна многу инвентивно – со вработување на братот на градоначалничката на Битола, сопругата на градоначалникот на Неготино, внуката на градоначалникот на Прилеп…со паролата Кога, ако не сега и ако не веднаш?, потоа следуваше шерифското самоволие на градоначалникот на Лозово, тепањето на неистомисленици во општинските канцеларии, репрензетации до плафон, една општина потрошила 200 000 евра за една година, купување на екстра скапи автомобили, недостапност за граѓаните, покачување на водата, менување на директори на јавни претпријатија секоја година…

Па се појави градоначалникот на Радовиш со фигарата за вработените и викендот во Банско, скопскиот со ваучерот, зиплајнот, тунелот под Кале и веселата прослава за пуштање во употреба на автобуска постојка, да не го заборавиме и љубителот на ресторантите и јавањето на коњи, гимнастичарката која од капитални проекти направи стој на глава и секако, најпопуларниот – новоселскиот шверцер на цигари кој се бркаше и пукаше со полицијата и нормално, си помина со казна од само неколку месеци затвор.

СДСМ увидоа дека нивните пулени лошо си ја тераат работата, посебно преку резултатите кои ги добија на претседателските избори и негативните, лоши резултати кои ги добија во средини со претежно македонска популација – резултати за кои ги обвинија градоначалниците, па решија да им помогнат на општините со финансиски средства. Но и покрај тоа резултатите не се видливи, особено недостасуваат ветените капитални проекти.

Изјавите и правдањето од типот: немаме подготвена администрација за проекти, а се вработија стотици лица во општините, па изговоротите дека затекнатите вработени од претходниците ги кочат во работењето и во изработка на проектите, не држи вода. Силната партизација, вработување на партиски војници во општините го стори токму спротивното. Затекнатите вработени со долгогодишно искуство се сменети од нивните позиции и маргинализирани и наместо да се искористи нивниот капацитет, на нивно место се донесени нови, кои допрва треба да се обучуаваат за работење на проекти во локалната самопуправа.

Следен момент е и дека градоначалниците работат под извесен стрес. Гледајќи што се случува со нивните претходници кои добија десетици режирани кривични пријави, од страв да не и нив по завршувањето на мандатот, во иднина ги снајде нешто слично, решиле попрво да чекаат да им помине останатиот дел од мандатот од останатите двесетина месеци не работејќи ништо или по нешто ситно да се сработи.

За начинот на нивното владеење и работење говорат и спроведените анкети на кои што ретко кој градоначалник поминува рејтинг од 10% или обратно, дури повеќе од 70% од испитаниците се изјасниле дека никој од нив не би го гласале повторно доколку би бил кандидиран на наредните локални избори.

Очигледно има две работи: или СДСМ ги излажа граѓаните на локалните избори со предлог кандидатите и преамбициозните програми кои не можат да ги остварат, или кандидатите, односно актуелните градоначалници го излагаа СДСМ.

Како и да е, во двата случаи најголеми губитници се граѓаните на општините!

Колумна на Славчо Чадиев, член на Комисија за локална самоуправа

Извор: kurir.mk


 

Повеќе