Кој беше Коби Брајант? Семоќниот ги зема крај себе најдобрите!


Статија на basketball.mk

Роден 1978-та година, никогаш ништо не навестувало дека ќе стане еден од најголемите кошаркари на сите времиња и еден од најголемите урнеци за генерациите што доаѓаат по него. Кошарката ја засакал во Италија, каде играл неговиот татко.

Почнал да игра кошарка на 3 годишна возраст, навивач на Лејкерс и на Милан, течно зборуваше италијански. Неговата работна етика била заразна за сите околу него, а неговиот пат го следат многу млади момчиња и девојчиња, како што тој чекореше по стапките на големите играчи пред него, пред се Мајкл Џордан, кој му беше идол.

Во НБА лигата влезе директно од средно училиште, беше 13-ти пик на драфтот 1996-та година. Беше учесник на 18 Ол-Стар викенди, 4 пати МВП на викендите, 15 пати биран во тимот на сезоната, 12 пати во најдобрите дефанзивни петорки (9 во првата, 3 во втората).

Беше прогласен за МВП во 2008-та година, двапати МВП на финалињата, двапати најдобар стрелец на сезоната, четврто место на вечната листа на стрелците, првиот бек што одиграл 20 сезони во историјата на НБА лигата. Има две олимписки злата, во 2008-та и во 2012-та.

ESPN

Тој е најголемото име во историјата на франшизата Лејкерс и едно од најголемите во историјата на кошарката. Освои 5 прстени, три во славното партнерство со Шекил О’Нил (2000-2002), два со помош на комбинирана екипа создадена да му помогне да го врати колективот на тронот (2009 и 2010).

Ќе го паметиме по потезите кои беа скоро идентични на оние на неговото всиочество, Мајкл Џордан, кој во една прилика на ТВ интервју, изјави: „Во дуел еден на еден, би можел да ме победи само Коби, затоа што ги има сите мои движења.“

Жеден за совршенство, мотивиран за успех, насочен кон работа и само работа, често пати ги оставал со подзината уста претпоставените и соиграчите, кои го гледале како го корне паркетот во салата неколку часа пред и неколку часа по тренинзите или натпреварите.

Замина од земниот свет пред да доживее да биде индуктиран во алејата на славните, во Куќата на славните на Џејмс Најсмит, што требаше да се случи оваа година. Зад себе остава сопруга и три ќерки (13-годишната Џана почина со него во хеликоптерот), но и недокажана приказна, за која може само низ солзи и морници да замислуваме каков крај би имала.

Ќе те паметиме по твојата насмевка, ќе те паметиме по остриот поглед, ќе те паметиме по уникатниот кросовер, ќе те паметиме по скок-шутот со задршка, ќе те паметиме по спектакуларните забивања, ќе те паметиме по лавовската одбрана, ќе те паметиме по упорноста што зрачеше со енергија и живот.

Да не си еден до најголемите, да не си еден до највредните, да не си еден од омилените, да не си еден од ангелите, да не си еден од лидерите, Бог не би те земал крај себе. Чувај не од небесата, варди ги сите, биди им ѕвезда водилка на оние што навистина ја сакаат кошарката…

Мир со тебе, Коби…


 

Повеќе