Собраниска пародија поради Заевиот недостиг на 2/3 пратеници за законот за ЈО

Недостигаат гласови за донесување на законот за јавно обвинителство. Според извори од раководството на СДСМ, тоа е причината поради која се одолговлекува почетокот на собраниската седница, на која треба да почне расправата за законите за јавно обвинителство, за чие донесување се потребни најмалку 80 гласа и за законот за Совет на јавни обвинители, кој не е двотретински, ама е поврзан со планираната реформа во Обвинителството за гонење организиран криминал, известува „360 степени.“

Извори од СДСМ за порталот велат дека бројката на гласови што недостигаат не е за потценување и прашање е дали овој пат сите пратеници што гласаа за прогласување на уставните измени ќе бидат „за“ и за законот за ЈО. Според информациите, проблематичен е гласот на Панчо Минов, кој влезе во парламентот од редовите на ГРОМ. За Елизабета Канческа-Милевска од независната пратеничка група, пак, од претходно беше извесно дека нема да гласа за овој закон. Неизвесна е и поддршката од пратениците од опозициските Алијанса за Албанците и на Беса, кои заедно имаат пет пратеници, иако се остава простор на крај да дадат поддршка.

Сурија Рашиди од Алијанса и Панчо Минов се единствените пратеници кои во Комисијата за европски прашања поднесоа по еден амандман за законот за ЈО. Амандманите што се однесуваа на членот 110, кој предвидува „бомбите“ во иднина да не бидат основа за подигање обвиненија, не беа прифатени.

Не се знае ниту дали законот за ЈО ќе биде ставен на гласање и во случај да нема двотретинско мнозинство. Сепак, соговорниците од СДСМ не исклучувале и таква можност, со верување дека до чинот на гласање можело уште некој од пратениците да се охрабрел за да го стиснел „зеленото копче“.

Целиот текст на 360 степени погледнете го овде.

Повеќе