Чулев: МВР најостро ќе постапи за ширење лажни вести на социјалните мрежи поврзани со коронавирусот


Министерството за внатрешни работи најостро ќе постапи против сите оние лица кои ќе објават на социјалните мрежи лажни вести кои ќе предизвикаат вознемиреност и паника кај граѓаните, истакна вечерва министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во емисијата Топ тема на телевизија Телма.

Една од обврските на МВР, како што рече тој, е зачувување на јавниот ред и мир, а тоа е спречување на паника и хаос меѓу граѓаните. За таа цел, додаде тој, Одделот за компјутерски криминал и дигитална форензика презема континуирани активности преку следење на профилите и активности на социјалните мрежи и утврдување на сите оние случаи доколку се работи за ширење лажни вести поврзани со активностите што ги преземаат институциите во борбата против ширење на вирусот Ковид-19.

-Досега МВР има поднесено осум соодветни известувања до ОЈО, а за две уште се чека одговор од фејсбук и од твитер. Се работи најчесто за случаи каде се изнесуваат погрешни или лажни инфромации за луѓе заболени од коронавирусот. Ги предупредувам граѓаните и ги повикувам да се воздржат од објавување вакви лажни вести заради тоа што тоа е крајно неодговорно и несовесно однесување во ситуации кога сите граѓани и сите државни институции преземаат максимални активности во справување со последиците од коронавирусот, рече Чулев, додавајќи оти казните за вакво нешто се поднесоци до Основното јавно обвинителство кое потоа цени кои ќе бидат казнети.

Министерот информира дека МВР спроведува контроли на два начина во однос на движењето на граѓаните, согласно генералниот план и плановите доставени до секторите за внатрешни работи – преку пунктови што се поставени на главните сообраќајници, главно со цел контрола на движењето на патничките моторни возила и преку мобилните патроли. На територија на цела држава, како што информира Чулев, има 156 пунктови на влезовите на населените места и на главните сообраќајници, има континуирано спроведување мобилни патроли по улиците на населените места.

-МВР преземаме широка палета на контрола, така што во наредниот период планираме да ја воведеме и единицата за беспилотни летала која практично не е во функција, заради тоа ќе биде од моја страна поднесен соодветен акт за систематизација до Владата со цел повторно ставање во функција на оваа единица. Се работи за беспилотни летала со високи технички можности кои буквално можат да ја скенираат цела територија на државата и да ни укажат за сите оние прекршувања и така да имаме мапа каде се најчестите прекршувања. Има големи можности, буквално можат и регистрацијата да ја видат. Леталата се во функционална состојба имаме платено и нивно одржување, тука се и операторите на овие беспилотни летала, се што треба е само во функција да се стави единицата, додаде Чулев.

Во моментот, информира тој, решенија за здравствен надзор за изолација има 1105 на цела држава додека бројката на решенија за самоизолација порасна на 8709. Досега е утврдено непочитување од страна на 89 лица на овие решенија и се поднесени 113 кривични пријави.


Повеќе