18 нови случаи на заразени од коронавирус за 24 часа, вкупната бројка се искачи на 219 лица


Најстроги санкции за вработениот на Кардиологија, доколку знаел дека има симптоми на корона вирус, но одел на работа и ги довел во ризик колегите и пациентите. Тој е еден од 18-те новодијагностицирани со Ковид-19 изминатото деноноќие. Неофицијално, техничарот работел на клиниката и самиот се лекувал пиејќи лекови за намалување на температура.

– Имавме случај на клиника за кардиологија, еден од членовите на резервниот тим, ова е случај каде што нема лежечки пациенти, но доколку се установи дека некој се појавил на работа свесен дека веќе имал симптоми на Ковид-19, ќе следат санкции. На Кардиологија работата се одвива најнормално бидејќи работата се одвива по тимови, така што друг тим кој воопшто не бил во контакт како што беше и препораката пред неколку недели, работи и Клиниката функционира во најдобар ред- рече Филипче.

Неизвесно е како од понеделник ќе работи и Заводот за рехабилитација во Козле, каде две недели престојувал 69 годишниот тетовец на кого вчера му беше дијагностициран Ковид-19. Здравствените власти ги очекуваат резултатите од тестирањата на вработените. Бидејќи има голем број на заболени медицински лица, дел од нив на социјалните мрежи бараат дополнителни мерки на заштита за да не бидат болниците расадник на заразата.

-Сите тие имаат добиено напатствија за реорганизација на работењето и поделба во тимови за да не бидат во контакти едни со други, вели Филипче.

На Инфективна се хоспитализирани 41 заболен со корона вирусот, од кои седуммина се во потешка состојба. Филипче најави дека од наредната недела ќе го дуплираат капациентот со поставување на мобилна болница до клиниката каде ќе има 130 кревети.

Со последните регистрирани случаи, бројката на заболени во државата се искачи на 219. По Скопје со 134 заразени и Дебар со 43, Куманово е трет град каде има 17 пациенти со Ковид-19.

Епидемиолошките анализи покажуваат дека околу педесетина од заразените се со претходни хронични заболувања. Најголем број од нив имаат болести на срцето.


 

Повеќе