Македонците бараат да се изработи меморандум за мировна конференција за правата на македонскиот народ!


Од архивите на поранешниот претседател на југословенската федерација, Јосип Броз-Тито

Истражувајќи во овој архив, историчарот проф. д-р Новица Велјановски издвоил седумдесетина значајни документи од периодот 1943-1953 година. Историската вистина за вековното постоење на македонскиот народ и јазик е ноторен факт, но најзначајниот период од историјата за Македонија по Втората светска војна, односно периодот на првото нејзино конституирање и функционирање како држава, историчарот го издвојува за да ги разобличи отпорите и внатре во југословенската федерација, но и кај соседните држави, во контекст на формирање засебен државен ентитет и нов меѓународноправен субјект од страна на македонскиот народ: „Ги избрав оние документи што ги потврдуваат напорите за конституирање на македонската држава и државност, но и документи од кои може да се видат отпорите што биле присутни во југословенскиот врв, како и во соседните земји против создавањето на Македонија како посебна држава, како нов балкански субјект“, вели тој, додавајќи дека сите документи минувале низ рацете на Тито, односно тој имал директен увид, а на голем дел од нив има и негови ракописни забелешки и инструкции.

Дилеми за изгледот на идната југословенска федерација!

Во своето писмо од 3 септември 1944 година, повереникот за информации на НКОЈ, односно министерот во Привремената влада на нова Југославија, Владислав Рибникар го известува Тито за меморандумот за мировна конференција за правата на македонскиот народ, како и за доаѓањето на стручњаци од Македонија во КНОЈ: „Другар Маршале, има неколку предлози во врска со Македонија. И другарите Македонци и другарите од Претседателството на АВНОЈ мислат дека би било добро Димитар Влахов да дојде овде, кај нас… На Македонците им е неопходно потребно што побрзо да отпечатат една граматика (и буквар) на македонски јазик. Тие можат најдобро да го направат тоа во Москва, каде што би им помогнал и Державин. Тие предлагаат за таа цел во Москва да испратат двајца филолози – Венко Марковски и уште еден, кој ќе го одреди Претседателството на АСНОМ. Македонците мислат дека е потребно уште сега да се изработи еден меморандум за мировна конференција за правата на македонскиот народ.

И за тој меморандум најмногу материјали има во Москва. Предлагам за таа работа во СССР да се испрати еден Македонец. За да му помогнат на Националниот комитет со совети во врска со Македонија, Македонците предлагаат да ни испратат три стручњаци – за финансии, стопанство и политички прашања. Треба ли да се повика и повереникот за земјоделство Мане Чучков? Во случај да се согласите со предлозиве, јас составив телеграма за Претседателството на АСНОМ. Вие го бришете она со што не се согласувате. Смрт на фашизмот- слобода на народот. Владислав Рибникар.“
Во друг документ, една година постар од иницијативата на Македонците за мировна конференција за правата на македонскиот народ, односно во ракописниот текст од иницијативата на Тито од ноември 1943 година за свикување на Второто заседание на АВНОЈ и основањето на НКОЈ, како прва влада на нова Југославија, стои дека покани за учество на заседанието им биле испратени на Србија, Црна Гора, Санџак, Војводина, Хрватска, Словенија и Македонија.

Останува нејасно зошто во иницијативата ја нема Босна и Херцеговина, која, подоцна, на самото заседание, сепак станува федерална единица на нова Југославија. Исто така, Косово и Метохија во првобитните размислувања воопшто не се споменува како посебна единица. Постои оригинален своерачен Титов текст на телеграмата од 5 ноември 1943 година, документ што денес се чува во Архивот на Југославија, во кој веднаш, на почетокот, стојат „поканетите“ што треба да учествуваат во конституирањето на новата држава и новата привремена влада. Во аголот на тој лист хартија на кој Тито ја напишал телеграмата стои дека само со „Словенија нема врска“, што значи дека телеграмата сигурно стигнала во Македонија, иако засега сѐ уште нема материјален доказ за тоа дали иницијативата била или не била примена во Македонија, односно во Главниот штаб на НОВ и ПОМ, или во ЦК на КПМ, кој веќе бил формиран во март 1943 година.

Затоа во Македонија не ретко се поставува прашањето дали таа иницијатива воопшто ѝ била испратена на Македонија. Во македонската историографија недобивањето на таквата Титова иницијатива е толкувано на разни начини, вклучувајќи го и тоа дека намерно од негова страна не е допуштено иницијативата да ѝ се испрати на Македонија, со цел таа да биде изоставена како конститутивен елемент на југословенската федерација. Дали (не)испраќањето на иницијативата на терен во Македонија е направен намерен или ненамерен прекин на врската, допрва треба да се истражува. Сепак, одредена трага за тоа дека ваквата иницијатива стигнала во Македонија е ракописната „депеша“ на Светозар Вукмановиќ-Темпо, кој на 22 декември, значи четириесетина дена по телеграмата, лично го замолува Тито, Методија Андонов-Ченто „ако е воопшто е можно“ да влезе во Националниот комитет како претставник на Македонија, а тоа „ќе ни помогне во нашата работа“ на теренот. Овој документ потврдува дека покана за Македонија имало и дека бил предложен конкретен човек од Македонија за член на Привремената влада на Југославија.

Зошто Тито го одбил предлогот на Темпо?

Ако телеграмата со покана за Македонија како основач на новата југословенска држава сепак стигнала, тогаш барем досега сѐ уште не е разјаснето зошто Тито кон крајот на 1943 година, но и подоцна, односно по одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, одбивал да прифати во НКОЈ, во новата власт, претставник од Македонија, иако за претставник од Македонија од страна на Светозар Вукмановиќ-Темпо, Титов делегат во Македонија и човек од доверба, бил предложен Методија Андонов-Ченто, кој подоцна е избран за претседател на АСНОМ. Тој факт до некаде е толкуван како Титова опструкција кон македонските кадри, поради, како што сметал тој, слабото учество на Македонија во војната. Се шпекулирало и со тоа дека немал добра комуникација со Ченто поради тврдиот став за решавање на македонското национално прашање, односно прашањето за обединување на македонскиот народ со деловите во Грција и во Бугарија, односно со Егејска и Пиринска Македонија.

Во спомените на Страхил Гигов, пак, објавени пред повеќе од четириесет години во Скопје, стои дека во Главниот штаб на НОБ добиле телеграма со потпис на Тито (која никој не се погрижил да ја зачува), со која се барало да се предложат 42 делегати што ќе присуствуваат на Второто заседание на АВНОЈ. Во телеграмата се известувало дека од 42-та делегати од секоја национална единица, седуммина треба да влезат во Президиумот: „Во телеграмата се бараше да се изјасниме и да одговориме дали сме согласни Димитар Влахов и Владо Поп-Томов да влезат во Президиумот. Се согласивме да влезат, иако двајцата во тоа време беа во Москва. За жал, Поп-Томов се откажа и воопшто не се врати во Југославија, односно од Москва замина за Бугарија и остана да живее таму. Освен овие двајца, кои беа предложени од Тито, ние, како Врховен штаб на НОБ за Македонија, за членови на Президиумот на АВНОЈ ги предложивме уште и Лазар Колишевски, Мара Нацева, Бане Андреев и Методија Ченто, но Венко Марковски и Михајло Апостолски беа против предлогот Колишевски и Нацева да бидат предложени за членови на Президиумот.

Неколку дена жолчно расправавме за тоа, не можејќи да се постигне никакво решение. Затоа ги свикавме комунистите од околните наши одреди и места и ги победивме противниците на Колишевски и Нацева. Јас лично го опоменав Апостолски да ги промени своите ставови, а ако неговото држење остане исто и понатаму, ќе се преземат други мерки… “
Во Архивот на Тито во Белград има документи и за третманот на Македонија во меѓународните односи на Југославија. Притоа, според документите, не само во Бугарија туку и некои кругови од југословенската федерација не биле задоволни со новите процеси во Македонија, па нив ги оценуваат како „автономистички“ струења насочени, наводно, кон „отцепување“ од југословенската федерација: „Ова особено се однесуваше на претседателот на АСНОМ, Методија Антонов-Ченто, кој никогаш не искажал такви настојувања за кои беше обвинуван“, смета д-р Велјановски.

Според документите до кои дошол во Архивот на Тито, по Второто заседание на АСНОМ, во Президиумот на АСНОМ, без правна основа, по барање на федерацијата, бил формиран посебен орган наречен Работно тело при Президиумот на АСНОМ, кој со својот состав и со ингеренциите што ги презеде врз себе ја стеснил улогата на Президиумот на АСНОМ како законодавен и извршен орган на македонската држава. Всушност, формирањето на Работното тело по налог на федерацијата, а под раководство на Лазар Колишевски, значеше отстапување од изворните решенија на АСНОМ, кои на македонската држава ѝ овозможуваа извесно самостојно настапување во меѓународните односи и организирање сопствена одбрана.

Македонија не може без Србија?!

Во документите има и елаборат, доставен до Тито на 4 јули 1944 година, во кој, меѓу другото стои дека „грчка Македонија мора да остане во Грција“. Врз елаборатот за таканареченото „македонско прашање“ има ракописен параф од самиот Тито. Во документот подготвен од Србинот Сретен Вукосавлјевиќ, кој во еден период ќе извршува и високи функции во новата југословенска федерација, пишува: „Ако со целиот Вардарски слив владее само еден сопственик, тој не само што ќе владее со една покраина, за која Србите мислат дека е етнички и историска нивна, туку тоа е многу опасно и за другите српски покраини, средишните и најважните“. Во продолжение, Вукосавлјевиќ го информира Тито и за економските проблеми на Македонија, истакнувајќи дека Македонија без Србија нема шанси да преживее, потоа за историската свест, односно дека „заедничка македонска историска традиција нема“. Според него, „нема македонска епска поезија, нема македонски приказни, нема споменици на материјалната култура, пишани дела, кои Македонците би ги сметале за своја заедничка сопственост“.

Во заклучокот на својот „елаборат за Македонија“, авторот го информира Тито дека „ако македонското прашање се реши така што ќе ја навреди или загрози Србија, решението нема да биде стабилно и ќе предизвика многу големи неприлики и во Македонија и во Србија. Слични неприлики ќе има и со Бугарија, ако областа во долината на Струма остане во југословенска Македонија или ако делови од бугарска Македонија бидат вклучени во југословенска Македонија. Не може ниту да се замисли грчка Македонија да се приклучи на југословенска Македонија. Грците нема да го дозволат тоа, а доколку се направи тоа со сила, ќе работат секогаш и со сите средства таа Македонија да ја разбијат. Треба да се знае дека Грците се најнационалистичкиот народ на Балканот. Доколку, сепак, се направи такво нешто, тоа ќе значи постојан тежок судир со Грција и грчкиот народ.

За Југославија тоа би значело дека ќе мора секогаш со сила да одржува една таква Македонија. Би значело непомирлив и континуиран судир со Грција, а Грција во тој судир никогаш не би била сама… Значи, грчка Македонија мора да остане во Грција“, завршува Вукосавлјевиќ, а Тито го прочитал овој „исцрпен“ елаборат, пишуван на машина за пишување на српски јазик со латинична азбука, иако осум месеци пред тоа веќе испратил покана до македонското раководство за рамноправно учество на Македонија и македонскиот народ во формирањето на првата Привремена да на нова Југославија.

Пишува: Блаже Миневски


Нова Македонија

Повеќе