Мицкоски: Предложивме три датуми за избори за кои се консултиравме со експерти


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со лидерите на политичките партии кај претседателот Пендаровски, кажа дека предложил три датуми за избори, и тоа, 23 и 30 август и 30 септември.

Според него, во тој период, ќе биде намален интензитетот на пандемијата, па изборите ќе можат да се одржат. Мицкоски посочи дека при одредувањето на предлогот се воделе од тоа да биде заштитено здравјето на граѓаните.

– Имајќи ги превид консултациите кои ВМРО-ДПМНЕ ги правеше со експерти од земјава и странство, предложивме три термини кога цениме дека здравјето на граѓаните ќе биде најмалку доведено до опасност, бидејќи тоа е првата константа која што за сите нас е важна. Тоа се три термини кои не се фиксни, туку едноставно ќе се доближуваме до тие три термини и ќе анализираме ситуацијата. Ги предложивме термините на крајот од август и почетокот на септември, односно 23 и 30 август и 13 септември, како термини за кои цениме дека пандемијата ќе го намали интензитетот, сеуште граѓаните сеуште ќе бидат под определен ризик, но имајќи го во превид актуелното функционирање на институциите и интензитетот на пандемијата, некако тоа конвергираше кон оптимален предлог и тоа денеска од името на ВМРО-ДПМНЕ го предложив. Имаше и други датуми од останатите политички лидери, имаше своевиден ултиматум од страна на Заев, ние под ултиматуми не работиме и не носиме одлуки. Оној предлози кои ги дадовме остануваат за кои цениме дека здравјето на граѓаните најмалку ќе биде доведено во опасност – кажа Мицкоски.

Тој им се извини на граѓаните, што наместо за превенција и заштита од коронавирусот, сега се зборувало за датуми за одржување на избори.

– Најпрво да им се извинам на сите граѓани, во мое име и во име на ВМРО-ДПМНЕ, што денеска наместо да зборуваме за мерки за превенција за заштита на граѓаните, ние зборуваме за избори кои би го ставиле во опасност и би го загрозиле здравјето на граѓаните, посебно во ден кога имаме нови 25 или 26 дијагностицирани случаи и уште тројца кои го загубиле нивниот живот. Навистина жалам што наместо да го направиме нивниот живот поедноставен, ние дополнително го оптоваруваме – кажа Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, посочи дека во текот на лидерската средба се родиле нови правни дилеми, но и потврди дека бил разочаран од извештаите кои ги добил од ДИК, Комисијата за заразни болести и ОБСЕ/ОДИХР.

– Зборувавме околу предизвиците, анализиравме, предлагавме нови датуми, но сето она кое како ВМРО-ДПМНЕ го кажавме, се водеше од фактот како можеме да го заштитиме здравјето на граѓаните, како тоа да не биде доведено до опасност и како можеме да излезе што е можно посериозни во насока на тоа да одредиме дата, а ризиците да бидат минимални. Се родија многу нови правни дилеми, кои што луѓето кои беа присутни ги елаборираа. Она што сакам да го кажам дека ВМРО-ДПМНЕ ја постави дилемата за повторно ажурирање на дијаспората и можноста за гласање, бидејќи се ускратува уставно загарантираното право за лицата кои во меѓувреме од последниот пат до денеска навршиле 18 години да бидат ажурирани и да гласаат. Пред нас ги имавме извештаите кои што морам да признаам дека ме разочараа, а тоа се извештајот од Комисијата за заразни болести, каде во четири точки беше пренесено она што во минатото го имаме слушнато, а тоа се уредбите, дистанцата, да носиме маски и ракавици, прилично неочекувано за мене, иако очекував да бидат повеќе отворени и детални. Тоа што го имаа напишано, го имавме слушано од Заев и неколку политичари. Понатаму, тука беше и дописот на ДИК, кој беше доставен од претседателот Пендаровски, каде што практично беше антиципиран можниот роковник за одржување на парламентарните избори, кој ако се собере се доаѓа до бројката од 35 до 50 дена. Конечно на крај го имавме писмото од ОБСЕ/ОДИХР кои велат, накратко кажано, кажете ни дата ние ќе ви кажеме во колкав обем и колкава мисија можеме да испорачаме – рече Мицкоски.


 

Повеќе