ЗАСТАПНИШТВОТО НИ Е НАЈПОТРЕБНО СЕГА

По повод денот на просветителството, денот на св.Кирил и Методиј, а просветителка по род и вокација, повеќе и немам што да кажам освен молбата за застапништво финализирана со редовната доксологична формула „…сега и секогаш и во веки веков. Амин“ упатена од св.Климента до неговиот учител св.Кирил, во пофалното слово.
Сега застапништвото на св. Кирил и Методиј и св.Климент, ни е потребно повеќе од кога било досега.
Вака умеам и вака учествувам, скромно со целата Сократова мудрост за знаењето и незнаењето, во грамотната вистина за македонското бидување.

 

ПОХВАЛНО СЛОВО ЗА НАШИОТ БЛАЖЕН ОТЕЦ И СЛОВЕНСКИ УЧИТЕЛ КИРИЛ ФИЛОЗОФ

(КНИЖЕВНИ И ЕСТЕТСКИ ОДЛИКИ)

 

Похвалното слово за нашиот блажен отец и словенски учител Кирил Филозоф, е едно од Светиклиментовите слова кое што предизвикало најголемо внимание кај истражувачите и проучувачите на неговата книжевната дејност. Таа тенденција е присутна уште од почетокот, од неговото откривање, а заради неговите книжевно – естетски достоинства тоа е податливо за предмет и на многу анализи од современите литературни теориски истражувања. Ова слово го отвора и прашањето за повеќето редакции на Светиклиментовите слова. Светлина Николова, детално анализирајќи го Пофалното слово за пророк Илија генерално го поставува прашањето за постоење две авторски редакции на некои слова од св. Климент, меѓу кои и Пофалното слово за Кирил.

В. Иванова во моделот кој што предлага за похвално слово за светец, структурата ја сочинуваат пет дела: вовед, расказ (нарација-Naratio), премин (Transpositio), похвала (Acclamatio) и заклучок. Похвалата на св.Климент Охридски за Кирил Филозоф одговара на предложениот модел, нејзината структура е петтделна. Во првиот дел, во воведот, словото започнува со вообичeна формула, често среќавана и во другите Светиклиментови похвали, што всушност претставува обраќање кон присутните – верниците, по кое што следува идентификација – претставување на светецот, а потоа св.Климент го цитира апостол Павле. Св. Климент ликот на својот учител го гради врз темата на апостолството.

Во почетокот на текстот испреплетени се неколку библиски цитати, кои имаат функција на тематски клуч „му ја претставуваат на читателот (слушателот) основната информација, која му овозможува да ја разбере духовната идеја на текстот“ односно го воведува во „суштината на алегориското значење на текстот, кое што дава можност за поучително – воспитен ефект врз него.“

Вбројувањето на св. Кирил во редот на христијанските апостоли има основа во признавањето на браќата св. Кирил и Методиј во рамноапостоли, за време на нивниот престој во Рим, а оваа типологија во словото на св. Климент своја конкретизација добива во ликот на апостол Павле. Во формирањето на ликот на св. Кирил, св. Климент го потцртува и мотивот на избраништвото. Св. Кирил е избраниот кој што им донесе вера, знаење и мудрост на словените, им донесе спасение: „Ете, Христољупци, ни засветли светлозарниот спомен на преблажениот отец наш Кирил, новиот апостол и учител на сите страни, кој со благоверие и красота изгреа на земјата како сонце, просветлувајќи го целиот свет со зраците на Триипостасното Божество. Премудроста Божја си изгради храм сам за Себе во неговото срце, и врз неговиот јазик, како врз херувим, почиваше постојано Светиот дух, Кој секогаш ги разделува даровите според силата на верата, како што рекол апостол Павле: „Секому од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов.“ Зашто Господ рекол: Кој Ме љуби Мене и Јас ќе го возљубам, и Самиот ќе му се јавам, и во него живеалиште ќе си направам, и тој ќе ми биде син, а Јас ќе му бидам татко.“

Джамбелукова – Коссова во анализата на Похвалата за Кирил одвојува два дела во текстот: „првиот носи целосни информации за верата, животот, подвизите на Кирил, ја отцртува духовната и аскетска парабола на тој совршен Христов следбеник. Вториот дел ја содржи похвалата т.е восхитот… На тој начин првиот дел на споменикот е доктринална претпоставка и теоретско оправдување на восхитот и почитта, кои што Кирил ги буди кај својот ученик.“ Во  вториот дел – наративниот каде што по правило фабулата ја содржи биографијата на светецот, кому му е посветено словото, св. Климент со особен книжевен такт, одбрани реченични конструкции, со голем пиетет и огромна почит, зборува за светецот на својата похвала, а кон сето тоа воодушевува вткаеноста на цитатите и нивниот одбир се разбира, во функција на формирање што повдахновена и попластична претстава за својот учител, која во никој случај не може да ги остави рамнодушни оние на кои им е упатена. Во биографскиот дел, доминира „хронолошкиот принцип на излагање, кое што создава извесна блискост со житијата, но похвалното слово има свои карактеристики – настаните се предаваат многу стегнато, синтетизирано, без подробности.“ Значи имаме предавање на биографските податоци без прецизна фактографија, туку поетично, наведувајќи делови од неговата дејност, со акцент на полемиката со патријархот – иконоборец, Хазарската и мисијата кај Сарацените, средбата на св. Кирил со фулското племе. Св. Климент вешто ја воспоставува релацијата со евангелскиот прототип на светецот – апостол Павле: „Штом ќе слушнеше некаде некаква хула за божествениот образ, тој како крилат ги прелетуваше сите страни, со јасни зборови ги разоруваше сите заблуди и учеше на правоверие, довршувајќи го она што не го завршил апостол Павле, прелетувајќи како орел на сите страни, од исток до запад и од север до југ.“

Разбирливо, најмногу простор и внимание во словото и е посветено на Моравската мисија, најзначајната која на словените им донесе просвештение и духовно спасение. На терминот просвештение во теологијата на св. Климент Охридски најголемо и најзначајно внимание му посветува протопрезвитер Јован Таковски, определувајќи дека станува збор за термин „преполн со значења кои навлегуваат во најсуштествените сфери на православното христијанско учење“ … кој потекнува од глаголот просветлува (ᴨросвѣщати /ᴨросвѣтити свршен гл.) кој е изведен од именката свѣтъ (светлина). Овој термин, директно се однесува на мисионерско – просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј, со Моравската мисија, а потоа и со нивните ученици и следбеници, „всушност во овој термин е содржана целокупната просветителско – мисонерска дејност на св.Климент…и неговите учители.“ Таковски зборува за три вида просвештение кај св. Климент: просвештение со букви – писменост, книги и усна проповед, просвештение преку светите тајни (со крштение, со покајание – исповед, преку света причесна) и просвештение со добродетели (братољубие, љубов) , а сите овие сегменти св. Климент внимателно, сеопфатно, образовано и високо литературно ги опфаќа во својата проповедничка оставштина: „Тој на сите народи им ги благовести скриените тајни со разбирливи за нив зборови, на едни преку книги, а на други – со проповед… Неговиот јазик излеа сладосни и животворни слова. Неговите пречисти усни просветаа со премудроста. Неговите пречисти присти создадоа духовни органи (книгите) и ги украсија со златозарни букви … “ За св.Климент книгите создадени од св.Кирил се духовни органи, преку кои св.Кирил и неговиот брат Методиј ги просветија словенските народи. Оттаму во текстот, особено внимание заслужува антитезата помеѓу мракот на незнаењето и божественото просветление на безброен народ со знаењето. И во делот на преминот кон похвалата, силно и повеќеслојно е искористена метафориката на светлината, чија што семантика пак е многузначна во средновековната литература и воопшто во глобални цивилизациски рамки. Точно е дека скоро е невозможно да се оддвои „светлината како симбол од светлината како метафора… Христијанската симболика само се надоврзува на старозаветната. Исус е светлината на Сонцето (Јован 8,12; 9,5), неговите ученици се исто така светлината на светот (Матеј 5,14)… светлината е патристички симбол на небесниот свет и вечноста…“ Во средновековната ораторска проза релацијата светлина – Бог е значајна и многуприсутна. Чести се нејзините директни именувања, метафори и компарации, но таа и учествува во изградбата на епитети, со што го формира, го гради нивното семантичко значење. „Многу често светлината се однесува  на светците кои се просветени (огреани, озарени) од божествената светлина, се доближиле до неа, ја запознале.“ Особено вешт во користењето на светлината е св. Климент во речиси сите пофални слова, а Похвалата за Кирил е врвно мајсторство во оваа насока. Во делот на преминот, св. Климент користи една хиперболична споредба: „И како што Деницата, која изгрева подоцна, со својата светлина го озарува целиот ѕвезден состав, испуштајќи светлина со сончевите зраци, така и овој преблажен отец и учител на нашиот народ, сјаејќи со троични зраци повеќе од сонцето, просветли безброен народ кој лежеше во мракот на незнаењето.“

„Додека во биографскиот дел отсуствуваат синтактични врски меѓу деловите, во похвалата тие се поврзуваат со причинско – последичното тѣмже. Авторот не ја испитува неопходноста од аргументирање на делата на светецот – важна е причинско – последичната зависност на човечката судбина од Божјата промисла.“  Од анализата на Велковска внимание предизвикува и делот кој што се однесува на морфолошкото ниво – на употребата на заменките, која што придонесува за ритмичноста на текстот, а во јазичниот дел  основна е плеонастичната синонимија. Според Станчев, таа е нормативна по карактер и виртуозно комбинирана, епитетите се групирани околу три семантички јадра:  Бог, светост / чест, светлина. Синегдохата е една од основните фигури во Пофалното слово за Кирил, преку неа е изграден делот на ублажувањата – обожувањата.

Делот на похвалата или емоционалното воспевање на светецот, започнува со реторичко прашање, кое што функционира како нејзин интерен своевиден вовед, пред употребата на глаголот „ублажувам“. Похвалата за Кирил е единственото слово на св.Климент, непозната појава, исто така, и за останатата средновековна ораторска проза, но по примерот на византиските текстови, каде што анафората на синтактично – паралелните реченици е глаголот „ублажувам“, со кој ште изразува највисоко обожување. Во една од догмите на Василиј Велики „кога човек е просветлен од Божја благодет, секој дел од телото му е благословен.“ Централниот дел на похвалата се одликува и со свој сопствен ритам и целосна синхронизираност во музикално – ритмичка смисла, која што е во насока на постигнување совршен ораторски ритам, од кој што пак се раѓа високата емотивност на текстот и негово силно сугестивно прозвучување:

„Затоа, преблажен отче Кириле, ги ублажувам твоите усни, од кои се излеа духовна сладост за моите усни.

Го ублажувам твојот многугласен јазик, преку кој зракот на Троичниот беспочетен Бог, кој му изгреа на мојот народ, го растера гревовниот мрак.

Ги ублажувам твоето многусветло лице, озарено од Светиот Дух, преку кое светлината на богопознанието му изгреа на моето лице, и се искоренимногубожната заблуда.

Ги ублажувам твоите златозарни очи, преку кои беше одземено слепилото на незнаењето од моите очи, и болсна светлината на богопознанието.

Ги ублажувам твоите ангелозрачни зеници, озарени од божествената слава, кои ме просветлија со боговдахновени зборови и го протераа слепилото на моето срце.

Ги ублажувам твоите пречисти раце, преку кои врз мојот народ слезе дождовниот облак на богопознанието, кој со боготочна роса ја напојува изгорената гревовна суша на нашите срца.

Ги ублажувам твоите од Бога движени прсти, преку кои за мојот народ се напиша слободата од гревовниот јарем.

Ја ублажувам твојата златозарна утроба, од која на мојот народ му потече водата во животот, која слегува одозгора по твоите молитви.

Ги ублажувам твоите свтелозарни нозе, со кои го обиколи целиот свет како сонце, проповедајќи го боговдахновеното учење.

Ја ублажувам твојата пресвета душа, преку која се исцелија гревовните рани на мојата душа, и се всади разум во нашите срца, преку твоите духовни проповеди.

Ги ублажувам твоите од Бога движени прсти, преку кои се напиша скриената за мнозина Божја премудрост, која ги открива тајните на богопозннаието.

Ја ублажувам твојата пречесна Црква, во која лежи твоето многуразомно и благоглаголиво тело.“

Завршниот дел од похвалата повторно ја актуелизира темата за апостолството, св. Кирил е „трет исполнител на Божјата промисла“ „Св. Климент го истакнува рамноапостолството на свети Кирила и го поставува како трето светило на верата, по апостолите Петар и Павле, па затоа во пофалното слово ги ублажува неговите членови на телото и неговите добрини, во духот на искажаното од свети апостол Павле во посланијата, дека ние верниците сме „храм на живиот Бог, бидејќи ние сме членови на Неговото тело – од неговата плот и коските негови.“ Молбата за застапништво е финализирана со редовната доксологична формула „…сега и секогаш и во веки веков. Амин“.

Оболенски именувајќи ја како панихида за учителот, похвалата за Кирил, укажува на две карактеристики кои ги определуваат раните дела од периодот на кирилометодиевата традиција, во периодот кон крајот на деветтиот и почетокот на десеттиот век присутни во текстот. Првата се однесува на божјата благодат од Светото писмо и богослужението на сопствениот јазик. „На тоа наследство се гледа како на излив на божја милост којашто Климент, како и другите автори од школата на Кирил и Методиј, ја направил видлива прикажувајќи ја како дожд: благодарение на св.Кирил, пишува тој, „дождот на божјата милост падна на мојот народ.“ Втората, тој ја детектира како етничко самоопределување односно идеолошка врска со другите творби на кирилометодиевската школа. „Сето тоа, во еден или друг облик, го одразува радосното уверување што избива од Vita Constantini, во тоа дека Словените, здобивајќи се со богослужение на народниот јазик, биле вброени меѓу големите народи кои на своите јазици го слават Бога. Пристапувајќи кон таа заедница, Словените духовно се препородуваат и стануваат „нов народ“. Св.Климент, во делот каде што зборува за борбата со тријазичниците и избраноста на св.Кирил за водач на своето стадо, во цитатот од пророкот Исаија („Според пророштвото, тој го направи јасен јазикот на пелтеците“- според Исаија 32,4 и 35,6), глаголот го употребува во „минато (време), бидејќи преку св. Кирила веќе се исполнило проповедањето на Христа кај Словените, зашто светиот апостол и просветител го навестил благовестието на народот.“

Додека главно квалификативите на Похвалата за Кирил се однесуваат на нејзините естетски, литературно – уметнички својства и се однесуваат на прашањето за атрибуцијата, Грозданоски преку библискиот пристап, означува еден нов аспект на проучување, кој што го проширува на целото беседничко творештво на св. Климент, концентриран на идејната функција на библиските цитати, кои што пак од друга страна го носат религиозниот и библискиот дух на овие творби. Грозданоски ги нотира сите Светиклиментови библиски позајмици или парафрази во ова слово: цитати од Псалмите, од Посланијата до Коринтјаните и Ефесјаните, од старозаветните книги Царства, од книгата на пророкот Исаија, Евангелието според Јован, книгата Соломонови изреки, Симболот на верата. Како најзначајни изданија на похвалата можеме да ги наведеме: Safarik, Р. J. Pamatky drevniho pisemnietvi jihoslovanuv. V Praze, 1851, стр. 28 – 30, Лавров, П. А. Климент епископ словенский. Труд В. М. Ундольского. Mосква, 1895, стр. 34 – 38; Теодоров – Балан, Ал. Кирил и Методи. Ч. I. С., 1920, стр.109 – 113; Иванов, Й. Български старини из Македония. София, 1931, стр. 328 – 333; Климент Охридски, Събрани съчинениᴙ т.I. Софиᴙ, 1970, стр. 415 – 442 (анализа Ангелов); Старобългарски текстове, стр.71-74, Климент Охридски – похфали и поуки, приредила Радмила Угринова – Скаловска, Скопје, 1996, стр. 25-29; Свети Климент Охридски: собрани дела: слова, поуки, житија. превод од старомакедонски д-р Јован Таковски. Скопје, 2012.стр.110 -116.

д-р Анита Ангелевска

 

Повеќе