По победата ВМРО-ДПМНЕ ќе го испита потеклото на имотот на фамилијата Заеви


Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ  и носител на изборна единица 4 Александар Николоски денеска пред жителите на општина Демир Капија истакна дека на 15 јули потребна е победа на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на достоинството на земјоделците, ставање крај на националните понижувања.

Победа ни е потребна на 15 јули за да ставиме крај на националното понижување, потребна е победа за да има повеќе достоинство за земјоделците, повисоки пензии за пензионерите, повисоки плати за работниците, младите да остануваат дома а не својата иднина да ја бараат во Швајцарија, Германија или на било кое друго место на Запад, вели Николоски.

Николоски го повика Зоран Заев јавно да одговори дали може да го докажи сопствениот капитал и капиталот на неговото семејство, бидејќи како што рече тој во програмата Обнова за Македонија предвидено е и испитување на потеклото на сите политичари во Македонија, но и на сите вршители на јавни функции во Македонија за да видиме кој, како и зошто се стекнал со енормни богатства во изминатите 30 години.

На 15 јули ни е потребна победа за да можеме да го реализираме нашиот план и проект кој што е дел од нашата програма за испитување на потеклото на сите политичари во Македонија, но и на сите вршители на јавни функции во Македонија за да видиме кој, како и зошто се стекнал со енормни богатства во изминатите 30 години. Од тука од Демир Капија јавно го прашувам Зоран Заев кој што вчера во напад на паника поради добрата атмосфера во четвртата изборна единица почна да се заканува дали е спремен јавно да каже, дека може да потврди како тој и неговото семејство го стекнале капиталот и дали е сигурен дека со реализацијата на законот кој што ќе го воведе ВМРО-ДПМНЕ за проверка на потекло на капитал, неговиот капитал ќе биде чист. Еве од тука јавно го повикувам да одговори дали може да го докаже потеклото на сопствениот капитал и капиталот на неговото семејство, рече Николоски.

Во однос на програмата Обнова за Македонија, Николоски истакна ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план во делот на земјоделието, план кој што ќе го врати достоинството на земјоделците.

Имаме сериозен план во делот на земјоделието. План кој што треба да го врати достоинството кај земјоделците. Стимулирање на мали и средни претпријатија да вршат откуп со цел да зададеме удар на зелената мафија која што сега е концентрирана само во неколку луѓе кои што им ја одредуваат судбината на луѓето, им ја одредуваат цената, и им ја јадат маката. Формирање на револвинг фонд кој што ќе ги помага овие мали и средни претпријатија да можат да дадат праведна цена и навремено да исплаќаат она што се нарекува труд  и мака на земјоделецот. Понатаму поддршка со 50 проценти за нови насади, обновување на постојни насади, земјоделска механизација како и формирање на земјоделски стопанства. Ќе ги помагаме и младите земјоделци оние кои што сакаат да останат тука и да работата со бенефиции кои што ќе се насочат кон даночни олеснувања.

Николоски повика на масовна поддршка од страна на граѓаните, укажувајќи дека на 15 јули е потребна убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ.

Потребно е ВМРО-ДПМНЕ да добие убедлива поддршка, не е доволно само да се победи. Треба  да победиме убедливо, треба да победиме многу. Потребно ни е да допрете до секој еден кој што го познавате и да го замолите да излезе на 15 јули да победиме со голема разлика и да  имаме стабилно мнозинство во Парламентот, за да не е под уцена ВМРО-ДПМНЕ. А ако не е под уцена ВМРО-ДПМНЕ, нема да е под уцена и Македонија, заврши Николоски.

https://www.facebook.com/NikoloskiA/video


 

Повеќе