Бирото за развој на образованието работи на кратење на наставните програми за комбинирана настава


Ќе се крати наставната програма за следната учебна година. Оваа информација ја потврдуваат од Бирото за развој на образованието, но нема детали како програмата би изгледала. Формирана е работна група која работи на кратење, но деталите во јавност ќе бидат изнесени кога се ќе биде готово.

Извори за Сител велат дека наставните предмети остануваат исти, но содржината ќе биде скратена и најверојатно ќе се вадат оние делови за кои ќе се процени дека се несуштински.

Од СОНК за Сител велат дека кратењето на наставната програма ќе ги растовари учениците. Тоа би значело дека ќе имаат помалку материјал за учење и помалку домашни задачи.

Веќе се спомнеаа три различни модели на одржување на наставата во новата учебна година, но најверојатно ќе се користи комбинираниот. Тоа би значело дека дел од класот, наставата ќе ја следи од училница, а дел од дома. Потоа групите ќе се менуваат, па оние ученици кои што следеле од дома ќе бидат во училница и обратно.

Сепак, последниот збор за моделот ќе го има Владата, а одлуката ќе ја донесе врз основа на протоколите кои Комисијата за заразни болести ќе ги донесе за подготовка на училиштата.

Се размислува и учење преку готови снимени материјали кои ќе бидат испратени на учениците. Меѓутоа за ова нема официјална потврда, бидејќи се уште е рано и не сите школи имаат можност за такво нешто.

Експертите велат дека нема да има оправдување ако во септември се затекне неподготвен образовен систем за учење од далечина. Тие велат дека поради пандемијата со коронавирусот виртуелната настава се повеќе станува реалност, а потребата од функционално образование бара неопходна дигитализација.


Сител ТВ

Повеќе